Свет
Загрозено производството на струја во РЕК „Битола“
Домашното производство на струја може да доживее колапс откако државната компанија „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) со која раководи Панде Лазаров остана без пари на сметката
Мирче Котевски
Домашното производство на струја може да доживее колапс откако државната компанија „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) со која раководи Панде Лазаров остана без пари на сметката. Само РЕК „Битола“ што како капацитет произведува околу 74 отсто од електричната енергија во земјава за последниве три месеци должи на домашни и странски фирми повеќе од 7, 5 милиони евра. Според Милчо Лутовски, генерален директор на РЕК „Битола“, тешката финансиска состојба сериозно го загрозува тековното одржување на Комбинатот. – Ја губиме довербата кон партнерите преку кои обезбедуваме репроматеријали неопходни за непречено функционирање на системот. Засега, немаме проблеми со исправноста на технологијата, но секој ден се соочуваме со застарени делови кои треба редовно да се заменуваат со нови. Ако продолжи ваквата состојба, нема да сме во можност да ја одржуваме термоцентралата во потребната кондиција. Наскоро, без пари ќе немаме можност ниту редовно да ги набавуваме потребните количества гориво – кажува Лутовски. Заклучно со 30 минатиот месец, тврди тој, кон домашните фирми имале неплатен долг од 5 милиони евра, а кон странски доверители уште 2, 5 милиони евра. ЕЛЕМ, освен со РЕК „Битола“, по правното издвојување од ЕСМ-Дистрибуција во септември лани, стопанисува со ТЕЦ „Осломеј“ кај Кичево и со најголемите хидроцентрали во земјава. Тие се соочуваат со беспарица откако последниве три месеци немаат добиено ниту денар од приходот што се собира од наплатата на сметките за електрична енергија. Преку договор за деловно-техничка соработка, трите енергетски компании, произлезени од старото ЕСМ си го делат прометот од наплатата во отсуство на банка за порамнување која треба тие средства во однапред утврден процент секојдневно да им ги распоредува на МЕПСО, Дистрибуција и на ЕЛЕМ. Токму производството од месечната наплата треба да добива околу 48 отсто од колачот, 31 отсто останува за ЕСМ, додека 19 отсто одат за МЕПСО. Од ЕЛЕМ обвинија дека МЕПСО им ги блокира парите за изминативе два и пол месеци. Без правно регулирани односи, сега „Електростопанство“ ги собира парите и секојдневно дел од сумата ја префрла на сметка на МЕПСО. Оваа компанија за пренос на струјата не им платила за испорачана струја на ЕЛЕМ износ од 27, 5 милиони евра. Неофицијално, вчера за проблемов разговарале директорите за финансии на трите фирми, кои решиле „договорно“ да се делат парите меѓу компаниите додека не биде најдена банката за порамнување. Направена била и корекција на процентот за тоа кој колку треба да земе од парите од наплатата. За ЕЛЕМ останува најголемиот дел од средствата, близу 50 отсто, додека на МЕПСО ќе му следуваат речиси 8 отсто помалку од тоа што досега го земаше. Овој процент му припаднал на ЕСМ-Дистрибуција. Владата, пак, како што дознаваме неофицијално, им порачала на МЕПСО и на ЕЛЕМ наместо постојано да бараат пари, да почнат да штедат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец
Вчера од вооружени лица во централен Авганистан се убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец, а четворица странски државјани и тројца Авганистанци се ранети, соопшти талибанското Министерство за внатрешни работи.
Според светските агенции не е позната националноста на туристите, ниту кој го извршил нападот за кој што се уапсени четири лица.
Свет
Рјабков: Русија нема доверба во НАТО
Геополитичките проекти со НАТО сега се невозможни, Москва нема доверба во Алијансата и кај нас предизвикува политичка и емотивна одбивност, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивна одбивност“, рече Рјабков во интервју за ТАСС.
Тој посочи дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на еднаква основа“.
„Големиот евроазиски простор, концептите на евроазиската безбедност, се она што доаѓа во центарот на вниманието на архитектонските проекти во однос на политиката и геополитиката. Според нас, тоа е она на што пред се треба да се фокусираме“, посочи Рјабков.
Свет
Ирански командант: Три европски земји ќе одговараат за помошта кон Израел
Командантот на силите Кудс, Есмаил Кани изјави дека трите европски земји кои ги распоредија своите воени авиони за да го одбранат Израел од одмаздничката операција организирана од Иран ќе одговараат.
– Франција, Германија и Велика Британија не треба да мислат дека распоредувањето на авионите таа ноќ е крај на проблемот. Да, таа ноќ заврши, но ќе одговорат во догледно време – изјави бригадниот генерал Есмаил Кани.
Според него, Соединетите Американски Држави и целата западна воена алијанса на НАТО придонеле со сите свои воени капацитети за одбрана на Израел од иранската операција „Вистинско ветување“, пренесува иранската агенција „Тасним“.
– Седум или осум поморски групи се распоредени во Црното Море за да се спречи (иранската) операција – рече тој, додавајќи дека во таа операција се вклучени и повеќе од 200 авиони.
Кани оцени дека Иран ја покажа својата сила, непоколебливост и моќ на целиот свет при нападот на територијата на Израел.
– Победата на операцијата „Вистинско ветување“ не е ограничена само на бројот на ракети и беспилотни летала кои стигнаа до окупираните територии – рече Кани и ги повика земјите од регионот да учат од, како што наведе, „неспособноста на САД да го заштитат израелскиот режим за време на иранската операција“ и да не се потпираат на Вашингтон.
На 13 април Техеран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск на 1 април, кога беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда.
Иран тврди дека нападот „Вистинско ветување“ предизвикал голема штета на израелските воени бази.