Свет
"Сименс" и "Институто" го загубија првиот меч за пасошите
По тричасовна расправа, заврши рочиштето на австриската и на италијанската фирма против МВР
По тричасовна расправа, заврши рочиштето на австриската и на италијанската фирма против МВР
Незадоволните фирми се уште размислуваат дали да ја тужат државата со цел да го поништат тендерот за пасошите кој според нив, не е законски спроведен
Судот по тричасовна расправа го одби предлогот на “Сименс бизнис сервисис” од Австрија и “Институто полиграфико” од Италија за изрекување привремена мерка со цел да се спречи реализацијата на договорот за изработка на новите лични документи за македонските граѓани. Двете незадоволни страни сў уште размислуваат дали да ја тужат државата со цел да го поништат последниот тендер за пасошите. Правните застапници на двете фирми вчера заминаа незадоволни од исходот на судското рочиште.
"На овој начин се дерогира судската заштита во однос на конечните решенија во тендерска постапка", вели адвокатката Данче Чакаровска-Гроздановска. Според застапникот на "Сименс", со недонесувањето одлука за стопирање на реализацијата на договорот ќе се нанесе огромна штета, со што се остава можност Македонија да добие неквалитетни пасоши кои нема да ги задоволат европските стандарди. Таа не знае дали фирмата што ја застапува ќе поднесе тужба против државата, со оглед на тоа дека судскиот процес би траел долго, а за тој период ќе бидат изработени новите документи. Најголемите забелешки на фирмата се однесуваат на тоа што МВР не им дозволило увид во тендерската документација, поради што не било можно да се утврди фактичката состојба.
"Без претходно доставен предмет од МВР врз основа на кој судот ќе ги цени наводите, одлуката комплетно е донесена без утврдена фактичка состојба и без изнесување докази”, вели Гроздановска. Судот ги отфрли речиси сите наводи што ги изложија двете незадоволни фирми. Од вкупно 13 забелешки кои беа изнесени од застапничката на “Сименс” за непочитување на критериумите во тендерската документација, уважена беше само една која беше поткрепена со материјален доказ. Според овој доказ, не е почитуван условот од тендерската документација за изработка на новите документи на поликарбонатска основа, со оглед на тоа дека “ГиД” понудиле подобрена варијанта на поликарбонат со полиестер, која е поевтина и со тоа ги довеле во нерамноправна положба другите понудувачи кои дале повисока цена.
Судот ги отфрли и доказите поднесени од страна на застапничката на “Институто полиграфико”, адвокатката Пандора Кимова, која тврдеше дека во Европа се покажало дека ваквите пасоши лесно се фалсификуваат и во прилог на тоа понуди текст на Би-Би-Си објавен на Интернет дека државјанин на Литванија бил фатен со фалсификуван пасош, а се повика и на текстови објавени во медиумите. Таа тврдеше дека се направени пропусти од страна на Комисијата за јавни набавки, но и од Второстепената комисија која ги разгледувала жалбите и дека при бодувањето грешно се оценети самите понуди. Сепак, судот сметаше дека е пропуст тоа што незадоволната страна не ангажирала експерт, кој ќе ја провери регуларноста на тендерската постапка. Според претставникот на Јавното правобранителство, кој ја застапуваше државата, фирмите на вчерашното рочиште, место докази, изнесоа само претпоставки за квалитетот на најдобриот понудувач. "Предлагачите со ништо не дадоа до знаење во што се состои нивната ненадоместлива штета, додека, од друга страна, сосема е јасно дека Македонија ќе претрпи штета доколку не го реализира договорот”, истакна заменик-јавниот правобранител Драги Шуплиновски.
(Д.Т.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

