Свет
Руски бомбардер над Канада пред посетата на Обама
Канадските авиони-ловци забележале летови на руски бомбардер во близината на Канада 24 часа пред посетата на американскиот претседател Барак Обама на Отава минатата седмица.
Рускиот бомбардер за долги дистанци TU-95 којшто амeриканската војска го нарекува „Мечка“ не влегол во воздушниот простор на канадскиот дел од Арктикот, бидејќи два ловца од типот CF-18 му наредиле да отстапи, изјавил канадскиот министер за одбрана Питер Мекеј, пишува Reuters. Мекеј додал и дека Русија не ја предупредила претходно Канада за овој воен лет, а руската влада овие информации ги оценила како апсурдни. Извори од руската влада изјавиле дека Канада била известена за летот. Руската агенција Interfax се повикува на извор од руското Министерство за одбрана кој изјавил: „Соопштението од канадскиoт миснистер за одбрана е конфузно, во најмала рака кажано, и немаме што повеќе да кажеме од тоа дека станува збор за фарса“. „Нема да застанев тука, но руското присуство е забележано во текот на претседателската посета. Ова е голема коинциденција и ние го направивме вообичаеното за вакви ситуации: со F-18 ловците испративме силна порака дека треба да се вратат и да останат надвор од нашиот воздушен простор“, одговорил Мекеј на руските изјави. Тој вели дека Русија го зголемила бројот на летови на бомбардери над канадскиот Арктик во последниве пет години, нешто што било практикувано во времето на Студената војна. Меѓутоа, Мекеј не рекол кога точно се случил инцидентот и колку блиску до Канада бил рускиoт бомбардер. Канадскиот премиер Стефен Харпер во врска со инцидентот изјавил дека неговата влада се’ повеќе се соочува со агресивни руски акции и на глобално ниво и во канадскиот воздушен простор. „Ние ќе го браниме нашето небо, ќе одговориме во секое време на секој обид да биде нарушен канадскиот суверенитет“, изјавил премиерот Харпер на прес-конференција во западната провинција Саскачеван.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

