Свет
Автомобил-бомба во Кабул уби шест Италијанци и десет Авганистанци

Самоубиец со автомобил-бомба нападнал италијански воен конвој во близината на авганистанскиот главен град, при што загинаа шест италијански војници и десет авганистански цивили, пренесе Associated Press
Самоубиецот го насочил автомобилот полн со експлозив во две возила на италијанските војски полни со војници, потврди италијанскиот министер за одбрана, Игнацио Ла Руса во Рим. Тој додаде дека во возилото страдале шест, а биле повредени четворица војници. Портпаролот на талибаните, Забиулах Муџахид, се огласи преземајќи ја одговорноста за овој напад. Во неговото писмено соопштение упатено до медиумите се вели дека е издадена наредба да се вршат напади врз странските војници. Од силната експлозија биле скршени прозорци на објекти оддалечени цел километар од местото на нападот. Силно тресење од детонацијата се почувствувало и во централниот кварт на Кабул, каде е сместено седиштето на НАТО и голем број амбасади на западните држави, јавуваат репортерите на новинските агенции.Репортерот на Associated Press јавува за шест сосема изгорени возила меѓу кои и еден „хамфи“ на италијанскиот контингент во Авганистан на патот кон аеродромот крај Кабул, а на патот забележал и две јагленисани тела. Портпаролот на авганистанското министeрство за одбрана Мохамед Захир Азими, за Reuters рекол дека најмалку десет авганистански цивили загинале а 52 се ранети во истиот напад. Локалното население се лути затоа што смета дека патролите на странските војски во центарот на градот, каде што според нив нема талибани и луѓе на Ал Каеда, само ги привлекуваат самоубиците од чии напади страдаат цивилите. Во последните неколку седмици ова е четвртиот поголем напад во главниот град Кабул. Во претходниот од 8-ми септември извршен врз конвој на НАТО пред влезот на воениот аеродромот во Кабул, загинаа три цивила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад на бомбаш самоубиец во црква во Дамаск

Сириските медиуми јавуваат за напад на бомбаш-самоубиец во црквата Мар Елиас во главниот град Дамаск.
Според сириската државна новинска агенција, напаѓачот активирал експлозивна направа во самата црква.
Локалните извори јавуваат дека безбедносните сили брзо ја затвориле областа, ги евакуирале ранетите и поставиле безбедносен кордон околу местото на нападот.
Засега не е познат точниот број на жртви. Според локалните медиуми, загинале најмалку 30 лица.
Ова е прв терористички напад на Исламската држава во Сирија по падот на режимот на Асад, доколку се потврдат информациите.
Свет
САД ја повикуваат Кина да го одврати Иран од затворање на Ормутскиот теснец

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска ја повика Кина да влијае на Иран да не го затвора Ормутскиот теснец по нападот на Вашингтон врз иранските нуклеарни локации.
Рубио го упати повикот до Кина на „Фокс њуз“, откако иранската „Прес ТВ“ објави дека иранскиот парламент одобрил затворање на Ормускиот теснец, низ кој тече околу 20 отсто од глобалната нафта и гас.
„Ја охрабрувам кинеската влада во Пекинг да ги повика на ова бидејќи тие во голема мера зависат од Ормускиот Теснец за нивната нафта“, рече Рубио, кој е и советник за национална безбедност.
„Ако го затворат, тоа ќе биде уште една страшна грешка. За нив е економско самоубиство ако го направат тоа. И ние ги задржуваме опциите за да се справиме, но и другите земји треба да го разгледаат прашањето бидејќи ќе им наштети на економиите многу повеќе од нашата“.
Рубио рече дека затворањето на теснецот ќе биде огромна ескалација што ќе бара одговор од САД и другите. Кинеската амбасада во Вашингтон се уште не се огласила.
Американските власти рекоа дека ги уништиле главните ирански нуклеарни локации. Нападите претставуваат ескалација на актуелниот конфликт на Блискиот Исток.
Техеран рече дека ќе се брани со сите потребни средства. Денес, Рубио го предупреди Техеран да не иницира одмазда, велејќи дека таквата акција би била најлошата грешка што некогаш ја направиле, и додаде дека САД се подготвени да разговараат со Иран.
Свет
Иран: Ние претрпевме штета, но нашето нуклеарно знаење не може да биде уништено

По американските напади во неделата, Иран смета дека неговото знаење во нуклеарната технологија не може да биде уништено.
„Треба да се знае дека оваа индустрија има корени во нашата земја и дека корените на таа национална индустрија не можат да се уништат“, изјави Бехруз Камалванди, портпарол на Иранската организација за атомска енергија, пренесе агенцијата „Тасним“.
Тој додаде: „Се разбира дека претрпевме штета, но ова не е првпат индустријата да трпи штета“.
САД во раните утрински часови извршија напад врз три ирански нуклеарни постројки – Фордо, Натанц и Исфахан. Ова е најмоќниот напад врз иранската нуклеарна програма досега. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека објектите се целосно уништени, додека Меѓународната агенција за атомска енергија објави дека нема зголемено ниво на радијација на погодените локации. Иран најави дека ќе се брани од агресијата на САД и го бомбардираше Израел со проектили.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека американските воени напади врз иранските нуклеарни постројки се неверојатен и огромен успех што ги уништи нуклеарните амбиции на Техеран.
Во нападите беа употребени 14 бомби за уништување бункери, повеќе од дваесет ракети Томахавк и над 125 воени авиони.
Врвниот американски генерал Ден Кејн рече дека операцијата е наречена „Операција полноќен чекан“.
Оваа голема акција го турна Блискиот Исток уште поблиску до работ на новото големо жариште во регионот каде што конфликтите и војните во Газа и Либан траат повеќе од 20 месеци и каде што беше соборен сирискиот диктатор Ал Асад минатиот декември.
„Нуклеарните амбиции на Иран се уништени“, изјави Хегсет за новинарите на брифингот, додавајќи дека нападите не биле насочени кон иранските воени сили, цивили или промена на режимот.
„Оваа мисија не беше и не беше поврзана со промена на режимот“, изјави Хегсет за новинарите во Пентагон. „Претседателот одобри прецизна операција за неутрализирање на заканите за нашите национални интереси од иранската нуклеарна програма.
„Операцијата што ја планираше претседателот Трамп беше храбра и брилијантна. Кога овој претседател зборува, светот треба да слуша“, рече Хегсет.
Хегсет го предупреди Иран да не ги следи минатите закани за одмазда против САД и рече дека американските сили се подготвени да се одбранат и да преземат акција доколку е потребно.