Свет
Боливија склучи договор со Русија за заем од 100 млн долари за набавка на хеликоптери
Боливија и Русија склулчија договор за кредит од 100 милиони долари за купување руски хеликоптери кои ќе се употребуваат во борбата против трговијата со дрога, јави РИА Новости
Овој договор е постигнат по денешните разговори во Каракас, боливискиот претседател Ево Моралес и рускиот премиер Владимир Путин.„Нам најитно ни се потребни овие хеликоптери за борбата против илегалната трговија со дроги, а за тоа ни е потребен кредит. Иако имавме упатено барање до повеќе земји за земање заем, само Русија се согласи да ги исполни нашите барања“, изјавил Моралес по разговорите.Боливискиот претседател покрај ова, го потенцирал и проширувањето ан соработката меѓу двете земји во сферата на енергетиката.„Постигнавме договор за соработка со руски ’Гаспром’ во три области, и би сакале во овој сектор да има инвестиции, како од Венецуела, така и од Русија“, додал Моралес.Како што оценил, боливискиот левичарски претседател, враќањето на Русија на латиноамериканскиот континент, е многу добро за постигнувањето економска и геополитичка рамнотежа во светот.Руските медиуми додаваат дека состанокот меѓу Путин и Моралес во Каракас, главниот град на Венецуела се случува по иницијатива на боливиската страна, а Моралес специјално допатувал за оваа средба во резиденцијата на венецуелскиот претседател Хуго Чавез. Путин по средбата со Чавез изјавил дека Русија и Венецуела се согласиле за учество на руски партнери во голем број енергетски проекти чии инвестиции ќе достигнат до милијарда долари, пренесе ИТАР-ТАСС. Путин додал дека Венецуела е потпишан договорот за првата транша за учеството на руските компании, во проектот „Хунин-6’ во износ од 600 милиони долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

