Свет
Папата Бенедикт XVI одржа полноќна миса во Ватикан
Поглаварот на римокатоличката црква, папата Бенедикт XVI ги осуди доцна синоќа за време на божикната миса во базиликата Свети Петар, сите оние „кои сеат насилство и војна во светот“.
„Боже, ние сме благодарни за твојата добрина, но ти се молам уште еднаш да ја покажеш својата моќ и воспоставиш доминација на вистината, љубовта и мир во светот“ рече Бенедикт XVI.
Папата додаде дека „слабоста дека некој е мало дете, покажува пред претенциозните светски сили, сила својствена на Бог“. „Тоа мало дете ја донесе во луѓето светлината и добрината и им даде сила да можат да и се спротивстават на тиранијата“.
Римокатоличкиот поглавар се молеше за „вистинско братство и сили да се помогне на оние на кои им е најпотребно“.
Како и минатата година, полноќната миса се одржа порано околу 22.00 часот поради здравјето на 83-годишниот папа.
Папата денеска треба да одржи традиционална миса на денот Божик во која обично споменува различни конфликти од светот.
Повеќе од десетици илјади христијани , туристи и верници го слават Божик во Витлеем./крај/бе/пк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија со Северна Кореја по лансирањето на балистичка ракета; „Тоа е нивно право“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека Русија ги поздравува само оние мировни иницијативи на Корејскиот Полуостров што ги задоволуваат интересите на Северна Кореја.
„Во однос на сите мировни иницијативи на полуостровот, Русија ги поздравува само оние чекори кон нормализација на ситуацијата што целосно ги задоволуваат интересите на Демократска Народна Република Кореја“, рече Песков на прес-конференција, објави „РИА новости“.
Зборувајќи за лансирањето на балистичка ракета од страна на Северна Кореја, Песков истакна дека Русија го почитува легитимното право на Пјонгјанг да ја обезбеди сопствената безбедност.
„Го почитуваме легитимното право на нашите пријатели во ДНРК да ја осигурат својата безбедност и преземаме потребни мерки за тоа“, рече Песков.
Јужнокорејската војска претходно денес објави дека открила неидентификувана балистичка ракета лансирана кон Јапонското Море од областа Тегван во севернокорејската покраина Северен Пјонган околу 12.35 часот по локално време.
„Јонхап“ потсетува дека лансирањето се случи само еден ден откако Пјонгјанг ги осуди најновите санкции на САД против осум севернокорејски лица и два субјекта за перење пари поврзани со киберкриминал.
Во меѓувреме, јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека Северна Кореја утрово лансирала балистичка ракета што паднала во близина на ексклузивната економска зона на Јапонија. Како што е наведено, досега не е пријавена штета на авиони или бродови, пренесува „Кјодо“. Такаичи во Токио изјави дека им наредила на надлежните владини агенции бргу да ги достават потребните информации до јавноста и да обезбедат безбедност во целата земја.
Фото: принтскрин
Свет
Париз почнува лотарија за места за погребување меѓу познати уметници
Дали би сакале да бидете погребани меѓу имиња како Џим Морисон, Оскар Вајлд и Едит Пјаф? На парижаните им се нуди можност да освојат место за погреб во друштво на некои од легендарните уметници.
Градот Париз почна лотарија за реставрација на надгробни споменици во преполните гробишта „Пер Лашез“, „Монпарнас“ и „Монмартр“. Десет надгробни споменици на кои им е потребна поправка се нудат на овие гробишта за 4.000 евра за парче под услов купувачите да ги реставрираат и да купат место за погребување до нив.
Програмата претставува компромис помеѓу почитувањето на починатите и давањето можност на жителите да бидат погребани во градот, соопшти градскиот Совет на Париз.
Во моментот има многу малку места за погребување достапни на гробиштата во рамките на градот, а гробиштата се претежно полни од почетокот на 20 век, додаде Советот. Одржувањето на надгробните споменици и на спомениците на гробиштата во Париз е одговорност на семејствата, а не на Градот. Поради ова, некои гробови со текот на времето станаа напуштени и дотраени. Сепак, отстранувањето на напуштените споменици може да биде тешко бидејќи гробиштата се класифицирани како заштитени места на културното наследство.
Градот се надева дека оваа нова програма, која градскиот Совет едногласно ја одобри во април, ќе помогне во обновувањето на спомениците во познатите гробишта, кои исто така станаа популарни туристички дестинации, објавува Би-би-си.
Фото: принтскрин
Свет
Захарова: Младите Украинци бегаат, не сакаат да бидат топовско месо
Младите луѓе во Украина масовно ја напуштаат земјата по повторното отворање на границите кон крајот на август, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Таа додаде дека во Берлин се сè помалку задоволни од ова и размислуваат за намалување на плаќањата.
„Но им ветивте на Украинците светла иднина, а потоа плаќајте им ги парите“, нареди Захарова, пренесува „Спутник“.
Како што изјави таа, ова не е изненадувачки бидејќи, според официјалната статистика, во Германија има приближно 1,26 милион украински бегалци, а само минатата година им биле исплатени 6,3 милијарди евра социјална помош од џебовите на германските граѓани.
Според западните медиуми, приближно 150.000 млади луѓе ја напуштиле Украина.
„На потенцијалните регрути им е јасно дека немаат шанси да останат на украинскиот пазар на трудот и дека режимот им ја обезбедил само улогата на топовско месо во име на зачувување на сопствената диктатура“, изјави таа и додаде дека украинските власти повторно размислуваат за затворање на границата во блиска иднина.
Фото: принтскрин

