Свет
Градоначалникот на мексиканскиот град Темоак убиен пред домот
Непознати напаѓачи го убиле Ортис Росалес, градоначалник на мексиканскиот град Темоак, во сојузната држава Морелос, кога со сопругата, децата и двајца телохранители во неговиот џип патувал кон неговиот дом, соопшти обвинителот на оваа централна мексиканска држава. Според полицијата, непознатите напаѓачи од автомобил паркиран во близина истрелале најмалку шест рафали од автоматско оружје врз џипот на градоначалникот. Еден од куршумите го погодил градоначалникот Орис Росалес во лицето што било фатално. По стрелбата возилото се превртело и паднало во канал покрај патот, а од здобиените повреди починал синот, а сопругата и двајцата телохранители биле тешко повредени. Локалните власти сметаат дека убиството на градоначалникот е организирано од страна на една банда на локалниот нарко картел. Росалес, кој беше избран за градоначалник од Партијата на зелените, активно ја поддржувал борбата против трговијата со дрога за што добивал бројни закани од припадниците на групите за организираниот криминал. Во текот на изминатите 13 месеци ова е веќе 14-ти смртоносен напад врз мексикански градоначалник и високи претставници на локалната администрација./крај/афп/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Аргентина откриен нов вид диносаурус
Аргентинските палеонтолози објавија дека откриле нов вид диносаурус, наречен Chakisaurus nekul, кој живеел пред околу 90 милиони години во областа на денешна Патагонија.
Chakisaurus nekula е тревојаден диносаурус со средна големина, а фосилот е пронајден во природниот резерват Пуебло Бланко, во јужната провинција Рио Негро, каде што претходно биле пронајдени бројни остатоци од други диносауруси, цицачи и риби.
Се смета дека најголемиот чакисаурус достигнал големина од три метри во должина и 70 сантиметри во висина, а новите студии покажуваат дека овој тип на диносаурус трчал брзо и имал невообичаено закривена опашка, наведува Ројтерс.
Свет
Израел е подготвен да прифати ослободување на помалку од 40 заложници, пишуваат медиуми
Израел е подготвен да го ублажи барањето од Хамас и да ослободи 40 заложници во замена за привремен прекин на огнот во Појасот Газа, откако палестинската милитантна група ја одби понудата подготвена од преговарачите од Катар, Египет и САД, пишува The Times of Israel повикувајќи се на израелски портали.
Воениот кабинет на Израел сега е подготвен да прифати ослободување на само 20 заложници во првата фаза од договорот под услов жените, мажите над 50 години и тешко болните да бидат ослободени, а кабинетот во четвртокот го овласти преговарачкиот тим на Израел да разговара за повеќе флексибилен пристап со египетската делегација, која денеска во Тел Авив ќе има дополнителни разговори, објави израелската веб-страница Инет.
Неименуван висок израелски функционер подоцна изјави за веб-страницата дека Израел всушност се согласил да ослободи 33 заложници, а веб-страницата наведе дека Хамас инсистирал бројот на ослободените заложници да биде приближно 20.
Претходниот предлог вклучуваше ослободување на 40 заложници во тие категории, но Хамас рече дека нема толку многу жени, мажи над 50 години и тешко болни кои се уште се живи.
Свет
Америка и испраќа на Украина скап пакет оружје, откриeно што може да има во него
Веќе во петок, САД би можеле да објават нов пакет оружје за помош на Украина во вредност од шест милијарди долари, објави порталот Политико, цитирајќи неименуван американски функционер.
Според официјални лица, пакетот оружје вклучува контраартилериски радар, тактички возила, пресретнувачи Патриот, беспилотни летала, артилерија, прецизна муниција и системи против беспилотни летала.
На почетокот на неделава Претставничкиот дом на американскиот Конгрес донесе закон за пакет воена помош за Украина, Израел и кинескиот регион Тајван во вредност од 95 милијарди долари, од кои 61 милијарда долари се наменети за помош на Украина.
Лидерот на Демократите во Сенатот Чак Шумер изјави дека оставил порака за украинскиот претседател Володимир Зеленски, која гласи: „Завршивме. Сега – победи“.
„Овој предлог-закон е една од најважните мерки усвоени од Конгресот долго време за заштита на американската безбедност и безбедноста на западните демократии“, рече Шумер.