Свет
Кина регистрирала нови снимки со можни остатоци од исчезнатиот авион
Кинеските сателити забележале нов објект во јужниот дел на Индискиот Океан кој би можел да биде остаток од малезискиот авион што на осми март исчезна со 239 патници и по кој трагаат спасувачки екипи од повеќе земји од светот, потврдија во саботата властите од Кина и Малезија.
„Веста која штотуку ја добив е дека кинескиот амбасадор добил снимки од предмети кои пловат на површината на водата во јужниот коридор и тие ќе испратат бродови за да го потврдат тоа”, изјави малезискиот министер на прес-конференција во Куала Лумпур. Кинеските власти ќе ја информираат јавноста за неколку часа, откако ќе биде пребаран теренот”, информираше малезискиот министер Хусеин.
Станува збор за објект долг 22 метри и широк 13 метри кој плови во водите на океанот спроти западниот брег на Австралија, по што на обележаното место веднаш биле испратени екипи и кинески бродови, потврдила кинеската Државна управа за разузнавање, технологија и национална одбрана.
Објектот бил забележан со помош на опсерваторискиот сателит со висока резолуција „Гаифен – 1″.
Кинеската државна телевизија објави копија од сателитксата снимка, но координатите на неа сугерираат дека тоа е речиси истата област од пребараниот океан во која претходно, на 16-ти март, беа регистрирани објекти од страна на сателит, а снимките беа објавени од страна на австралиската влада во четвртокот.
Кинеската агенција Синхуа, пак, информира дека овој објект бил регистриран 120 километри подалеку од објектите забележани од Австралија.
Истражувачите се сомневаат дека авионот „Boeing 777-220 ER”, кој полета од Куала Лумпур, намерно го променил курсот, што, пак, упатува на можно киднапирање или саботажа на леталото, но не е исклучена можноста и за технички проблеми.
„Црната кутија”, уред кој снима технички информации за летот на авионот како и гласот на пилотот за време на летот, испраќа електронски сигнали околу 30 дена, а по истекот на овој период лосирањето на леталото станува се потешко.
Австралија и САД ја пребаруваат областа во последниве три дена, но досега не најдоа никаков знак за можни остатоци од малезискиот авион./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Странски турист испадна од кабина на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора
Еден странски турист загина, а тројца се спасени во несреќа на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора. Тамошните медиуми објавија дека двајца германски државјани испаднале од својата кабина, од кои еден починал, додека неговата сопруга е тешко повредена.
По неколкучасовниот прекин на работата на жичницата поради несреќата, спасени се тројца странски туристи кои беа заглавени на стрмниот и непристапен дел на скијалиштето на Дурмитор. Тие беа заглавени во горниот дел на жичницата, каде што температурите се пониски.
Црногорските медиуми објавија дека несреќата се случила откако жичницата поради дефект тргнала наназад, при што двајцата Германци испаднале од кабината.
Свет
Поради зимата во Газа умираат бебиња и деца, повик до Израел да дозволи помош
Организацијата „Лекари без граници“ (Médecins Sans Frontières – MSF) вчера предупреди дека бебиња и деца во Појасот Газа умираат од студ поради тешките зимски услови и го повика Израел да ја ублажи блокадата на хуманитарната помош, додека, како што наведуваат, воените дејствија продолжуваат и покрај примирјето.
МСФ соопшти дека во јужниот дел на Газа, во Кан Јунис, од тешка хипотермија починало прерано родено бебе на 29 дена, истакнувајќи дека зимата во комбинација со исклучително лошите животни услови значително ги зголемува здравствените ризици, пренесе Ал Џезира.
Според податоците на Министерството за здравство на Газа, бројот на смртни случаи поради екстремните временски услови достигнал 13, додека претходно оваа недела од студ починало и двонеделно бебе поради недостаиг на соодветно засолниште и облека.
Шефот на педијатриско-акушерското одделение во Медицинскиот комплекс „Насер“ Ахмед ал-Фара предупреди дека хипотермијата е исклучително опасна за новороденчињата и дека доколку на семејствата во шаторите не им се обезбедат средства за греење и соодветно сместување, бројот на смртни случаи ќе расте.
МСФ наведува дека бележи висок пораст на респираторни инфекции, кои во текот на зимата би можеле дополнително да се шират, особено загрозувајќи ги децата под пет години.
Во последните недели Газа се соочува со обилни врнежи, силни ветрови и ниски температури, при што повеќе од 53.000 шатори, кои служат како привремено сместување за раселените лица, се оштетени или уништени.
Поради уништената инфраструктура, улиците брзо се поплавуваат, а канализацијата се излева, додека семејствата се принудени да се засолнат во делумно урнати објекти.
Обединетите нации наведуваат дека Израел и натаму спречува испорака на шатори, ќебиња и други основни потреби, додека околу 55.000 семејства претрпеле штета за време на невреме, а оштетени се и просторите наменети за деца, што погодило околу 30.000 деца.
Организацијата „Refugees International“ оцени дека хуманитарната помош во Газа пристигнува во минимални количини, делумно поради списокот на „контролирани предмети“, кој, според наводите, вклучува и основни потреби како пелени, завои и шатори.
Свет
Брз патнички воз уби седум слонови на пруга во Индија
Седум диви азиски слонови загинаа, а еден мал е повреден кога брз патнички воз се судрил со крдо кое ја преминувало пругата во североисточната индиска сојузна држава Асам, соопштија локалните власти.
Машиновозачот забележал крдо од околу 100 слонови и ги употребил сопирачките за итни случаи, но возот сепак удрил во дел од животните, изјави портпаролот на Индиските железници, Капинџал Кишор Шарма.
Пет вагони и локомотивата излетале од шините по сударот, но немало човечки жртви.
Ветеринари извршиле обдукција на угинатите слонови, кои дополнително треба да бидат погребани.
Местото на несреќата е шумско подрачје на околу 125 километри југоисточно од главниот град на Асам, Гвахати.
Возот „Раџдани експрес“, кој сообраќал од Саиранг во државата Мизорам која се граничи со Мјанмар, бил на пат кон главниот град Њу Делхи со 650 патници кога удрил во слоновите.
Сударите на возови и диви слонови не се ретки во Асам, каде што живеат околу 7.000 диви азиски слонови, што претставува една од најголемите концентрации во Индија. Од 2020 година, најмалку десетина слонови биле убиени на овој начин.

