Свет
Красниќи да ги почитува законите за да биде законодавец
Кандидатот од Кондово мора да се појави пред судот, порача американската амбасадорка
Кандидатот од Кондово мора да се појави пред судот, порача американската амбасадорка
Амбасадорката на САД во Македонија, Џилијан Миловановиќ, го премолча ставањето на Даут Реџепи Лека на изборната листа на ДПА, но го повика Агим Красниќи да покаже дека е добар кандидат за пратеник, така што ќе се појави на судскиот процес што го избегнува неколку месеци под разни изговори.
„Политичките партии ја сносат одговорноста за тоа кого ќе стават на листата на кандидати за пратеници. Ние го почитуваме тоа. Но, секој што има амбиции да биде законодавец треба да е подготвен да ги почитува и да се однесува во согласност со законите. Во таа смисла, прочитав дека господинот Красниќи неколку пати не се појавил на суд и веројатно ќе биде добра шанса да докаже и да се претстави како валиден кандидат ако следниот пат го стори тоа“, изјави Миловановиќ.
Миловановиќ, заедно со уште неколку странски амбасадори, учествуваше на последната сесија на тркалезната маса „Политички дијалог 2006“ во Скопје, од која испратија силна генерална порака – дека следните две години се критични за кандидатурата на Македонија во НАТО, дека не е доцна земјата да го фати возот и за ЕУ, но дека ова се последни избори до 2009 година и практично последна шанса да се исполни клучниот услов – да бидат слободни и фер. Главната мамка ја фрли, сепак, амбасадорот на ОБСЕ, Карлос Паиш, кој оцени дека, ако се одржат фер и демократски избори, Македонија има шанса да влезе во ЕУ заедно со Хрватска – нешто што овде последните месеци се смета за илузија. Според него, ЕУ ретко кога прима една земја во членство, така што со добри избори се создава шанса Македонија да влезе во пакет со Хрватска, откако во 2009 година ќе се донесе одлука за Уставот.
Амбасадорката Миловановиќ оцени дека Македонија ќе направи гигантски чекор кон ЕУ и НАТО ако одговори на ваквите предизборни апели. Нејзините клучни поенти беа дека за евентуалните злоупотреби и нерегуларности на изборите колективно ќе бидат одговорни сите политички партии, дека нема да се следи само денот на гласањето, туку оцената за изборите ќе се однесува на целиот процес од јуни натаму и дека негативните кампањи ќе ~ наштетат на Македонија, бидејќи ќе ги одвратат гласачите и странските инвеститори.
„Како ќе бидат избрани луѓето на следните избори е од суштинско значење. Ние не сме глупави. Ако бидат избрани со измама, тоа е лошо и ќе има негативен ефект врз определбите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ“, рече Миловановиќ. Според неа, можни се две сценарија на изборите. Негативното сценарио темелено врз негативна кампања, лаги и обвинувања за корупција би ги оддалечило странските инвеститори. Позитивното сценарио, што би се темелело врз презентација на програмите и платформите на партиите, би придонело во создавањето позитивна атмосфера, мотивација на граѓаните да гласаат, а тоа би создало и подобар амбиент за странско инвестирање во земјата. „Нема перфектна земја во однос на изборите. Но власта, судскиот систем и другите институции треба да покажат дека сите што ќе злоупотребуваат не се над законите“, порача таа.
За британскиот амбасадор Роберт Четертон Диксон с` ќе зависи од политичката волја во партиите, бидејќи изборната регулатива е добра основа. Тој призна дека проширувањето на ЕУ во моментов не е многу популарно, но апелираше дека токму затоа Македонија треба да им помогне на пријателите во светот, како Велика Британија, да победат нивните аргументи. За него изборите се лакмус-тест за македонската политика и демократија. На Македонија во овој момент ~ е повеќе од потребна успешна приказна, го парафразираше Дарко Алексов од „Мост“ премиерот Владо Бучковски, но забележа дека таа не треба да биде шминка, како на претходните избори кога се чекало да почнат изборите, па да се приведат предизвикувачите на инцидентите во кампањата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

