Контакт

Свет

Со парите за изборите почнува новиот циклус на корупција

Објавено пред

Со мониторинг на секојдневните партиски активности, почнувајќи од митинзите, трибините и средбите со граѓаните, преку залепените плакати или откупените билборди, до платеното политичко рекламирање, „Транспарентност Македонија“ на овие избори се обидува да направи споредбена анализа: колку пари потрошиле партиите реално, а колку прикажале во нивните завршни финансиски извештаи.

dobivaj vesti na viber

ИНТЕРВЈУ: ГАБРИЕЛА КОНЕВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА „ТРАНСПАРЕНТНОСТ МАКЕДОНИЈА“

Со мониторинг на секојдневните партиски активности, почнувајќи од митинзите, трибините и средбите со граѓаните, преку залепените плакати или откупените билборди, до платеното политичко рекламирање, „Транспарентност Македонија“ на овие избори се обидува да направи споредбена анализа: колку пари потрошиле партиите реално, а колку прикажале во нивните завршни финансиски извештаи. Претседателката на „Транспарентност Македонија“, Габриела Коневска, вели дека имаат воспоставено соработка со девет регионални канцеларии, и тоа во Тетово, Кавадарци, Штип, Делчево, Охрид, Ресен, Кичево, Битола и во Охрид, а од проектот „Набљудување на изборните трошоци на политичките партии“ очекуваат со аргументи да ја претстават реалната слика за изборните пари, која со години партиите ја чуваат како најголема тајна.

Ќе ги натерате ли на тој начин партиите повеќе да не ги фризираат извештаите, како што правеа досега?

– Ова е првпат на ваков начин да се следи изборната кампања. Веруваме дека проектот, кој е финансиран од ОБСЕ, ќе ги даде посакуваните резултати. Претпоставувам дека тие можат добро да ги исфризираат извештаите, но првпат ќе се направи индиректна компаративна анализа со податоците од теренот. Колку сето тоа понатаму ќе биде процесуирано, ако има одредени сознанија за злоупотреби, останува на државните органи и на функционирањето на системот.

Колку законите овозможуваат целосна контрола, бидејќи се можни дузина ситуации во кои, на пример, печатење плакати, маички, пенкала и други партиски активности воопшто не се прикажуваат. Имаат ли надлежните служби доволно инструменти да и застанат на патот на таквата практика?

– Точно е дека во законската регулатива има многу недоследности и празнини. Веќе се покажа дека празнината што не е регулирана за периодот непосредно пред почнувањето на изборната кампања е сериозна закана за регуларностите и, воопшто, за потенцијалната корупција. Во многу земји периодот од 3 до 6 месеци непосредно пред кампањата е ставен на посебен мониторинг. Во овој контекст не говорам само за предвременото почнување на кампањите, туку за начинот на располагањето и на стопанисувањето со државниот имот, вработувањата непосредно пред изборите, јавните набавки, продажбата на државно земјиште, акциите, партиските ветувања и сл. Ова е толку прозрачно и веќе видено на нашата сцена, а оди само во прилог на дискредитација на власта, недовербата во системот и понижувањето на принципиелно оформената граѓанска свест. Оваа егзибиција им беше омилен спорт и на претходните влади во РМ.

Една од целите на проектот е токму тоа – да се увидат недостатоците, правните празнини, и низ јавна дебата да се предложат измени на релевантната легислатива.

Оваа практика на скриени изборни финансии стана традиција, зашто ниедна партија јавно не се заложи да се прекине таа практика, иако тие се истите што ги носат законите.

– Искуствата зборуваат дека има едно прашање за кое партиите секогаш имаат консензус, а тоа е контролата на нивното работење и финансирање. Никој не сака да ги открие своите финансиери, што практично претставува зародиш на една корупција или продолжување на претходната, но со некакви модалитети. На тој начин во Македонија јавноста и граѓаните се поставени во потценета ситуација, како ментално да не сфаќаат што се случува.

Според досегашните согледувања од работата на проектот, дали можете да кажете што е карактеристично за оваа изборна кампања, од аспект на корупцијата?

– Навидум, кампањата изгледа иста како и претходните, со мали исклучоци, партиите наместо да ги презентираат своите програми, разменуваат меѓусебни навреди и говорат за ситуации од минатото, без многу да се фокусираат на перспективите. Очигледно, мислат дека е доволно да се отпечатат програми, да се презентираат и да се поделат за да се задоволи електоратот. Новите особености на оваа кампања се развиените форми на понирачка корупција, која е изразена преку елементите на бруталност, силна катарза и емоции во разменувањето навреди. За првиот аспект не сум експерт, а и по природа не сум идолопоклоник, така што не можам да коментирам. Но, за вториот аспект е евидентно дека е во директна спрега со корупцијата. Тоа значи – мотиви за да се остане на власт за да се задржат привилегиите, слободата и можностите за дезавуирање на валканите пари, односно да се бори да се дојде на власт за да се почне нов циклус на таа активност. Интелектуалната корупција е следна особеност, пример за неа може да бидат вработувањата непосредно пред кампањата, зголемување на студентските квоти на државните универзитети, изборот, односно именувањата медијатори од страна на Министерството за правда и сл. Тешко е да се верува дека ова е само дел од тековните и поставените програмски активности на власта или претставува лост на нов циклус на политичко заложништво.

Кои би биле последиците од тоа?

– Делегитимирање на институциите, недоверба во системот, дерогирање на државните интереси и ставање на пиедестал на партиските интереси. Ова е сериозна закана за процесот на европеизација и формирање на постулатите на правна држава, кој се базира на принципот на владеење на правото. За пример земете ја екстрадицијата на Смиленски. Според речникот на нашите политичари, излегува како поважно да е тој да дојде во РМ пред изборниот молк, отколку да биде процесуиран и третиран по словото на законот. Интересот за докажување на делото за кое се товари е од значење не само на одредени партии туку е од интерес на сите граѓани, на целата држава. Потоа, случајот со становите на Груевски, кој беше третиран од антикорупциската комисија и имаше свој епилог. Оваа одлука на легитимен орган не важи за политичките кулоари, туку се користи за понатамошно препукување. Што е ова ако не дерогирање на институциите на системот. Заканите што доаѓаат од двете страни, испратени од политички говорници целосно ја рекетираат правдата и ја ставаат во функција на дневната политика. Борбата против корупцијата мора да биде системска и институционална. Поранешен премиер даде оставка поради корупција, а ние не мрднавме со прстот, милиони обвинувања се разменија меѓу политичарите и во мандатот на оваа и во мандатот на претходната влада, а нема судски разврски. Ако вака планираме да одиме во ЕУ, јалов ни е планот.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа

Словачкиот министер за одбрана: Премиерот опериран по втор пат, пациентот е стабилен, земјата е стабилна

Објавено пред

Словачкиот премиер Роберт Фицо беше опериран по втор пат по атентатот во средата, кога се здоби со прострелни рани во стомакот и „е во стабилна состојба со навестувања за напредок, исто како што Словачка е стабилна“, изјави вицепремиерот и министер за одбрана, Роберт Калињак.

dobivaj vesti na viber

„Земјата е стабилна, пациентот е стабилен денеска. Можеме да ги направиме сите работи што треба да ги направиме како влада. А ние имаме свој премиер и тоа на сите ни е јасно“, изјави Калињак за новинарите во болницата каде што е Фицо.

Мирјам Лапуњикова, директорка на болницата Рузвелт во тој град во централна Словачка, најблиската добро опремена болница до Хандлова, каде што 71-годишен Словак во средата испука пет истрели кон премиерот, рече дека денешната операција траела два часа за отстранување некротично ткиво, што е вообичаена постапка при за такви повреди.

„Премиерот останува на интензивна нега, а неговата состојба се уште е многу сериозна. Лекарите се среќаваат и се консултираат секое утро и затоа денеска не можат да кажат дали ќе бидат потребни дополнителни операции“, рече Лапуњикова.

Лекарскиот совет в понеделник ќе одлучи дали и кога ќе можат да го превезат премиерот во Братислава.

Вицепремиерот Калињак се заблагодари за сите понуди за лекување на Фицо во странство и истакна дека Владата има целосна доверба во лекарите во Банска Бистрица.

„Ќе бидат потребни уште неколку дена додека не биде јасно како ќе се развива здравјето на премиерот. Порасположен сум бидејќи гледам напредок. При денешната интервенција се покажа дека главната операција била успешна“, рече Калињак.

Министерот за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток денеска изјави дека во 40 случаи полицијата ги открила и гонела оние кои им се заканувале на политичарите со атентат и со говор на омраза на социјалните мрежи.

Лидерот на десноцентристичката опозициска партија Прогресивна Словачка, Михал Шимечка денеска поднесе кривична пријава поради драстични закани кон него и неговото семејство.

„Ги има повеќе. За жал, ова не е ништо ново. Слични закани доби и претседателот на Словачка, а слични закани денеска добиваат и мнозинството политичари, новинари и јавни личности кои го искажуваат својот став. Омразата раѓа омраза“, рече Шимечка.

Лидерот на опозицијата го повтори повикот до сите на словачката политичка сцена да се договорат, барем 100 дена да не се напаѓаат и за тоа време да се договорат за нови правила на политичка комуникација.

Надлежниот обвинител денеска побара притвор за осомничениот за атентатот, обвинет за обид за убиство на заштитено лице мотивирано од одмазда, за што му се заканува казна од 25 години или доживотен затвор.

Судот во сабота ќе го сослуша Јурај Цинтула и ќе одлучи за притворот.

Прикажи повеќе...

Европа

(Видео) Поплави во Северна Италија по обилните дождови: „Ова е бомба, вакво нешто во Милано не сме виделе 170 години“

Објавено пред

Невремето и обилните дождови предизвикаа поплави во многу делови на северна Италија, а особено беа погодени градовите Падова и Виченца, пишува Би-Би-Си.

dobivaj vesti na viber

Службите за итни случаи користат гумени чамци за да ги спасат луѓето од нивните домови.

Гувернерот на Венето ги опиша временските услови во текот на ноќта како „водена бомба“.

Југот на Италија се соочува со топлотен бран невообичаен за овој период од годината, а на Сицилија се забележани температури до 35 Целзиусови степени.

Професорот Марко Марани, експерт за ефектите од климатските промени од Универзитетот во Падова, за весникот „Кориере дел Венето“ изјави дека „екстремните настани стануваат се почести и ќе се интензивираат со зголемувањето на глобалното затоплување“.

Локалните жители велат дека таков интензитет на дожд не е забележан во мај, повеќе од 170 години.

Бреговите на реката Мусон деи Саси во областа Падова попуштија поради силниот дожд во раните утрински часови во петокот, што предизвика поплави.

Товарен воз во Борго Мантовано во провинцијата Ломбардија беше превртен од налетите на ветрот со брзина од 150 до 200 километри на час.

Локалниот лидер Алберто Борсари на социјалните мрежи напиша дека „многу улици и подруми се поплавени“ и дека ситуацијата е „навистина тешка“.

„За среќа, никој не е повреден“, додаде тој.

До 130 милиметри дожд за еден ден падна во Милано, што предизвика поројни поплави. Очевидци велат дека таков интензитет на дожд не бил забележан во мај повеќе од 170 години.

Властите за цивилна заштита прогласија црвена тревога во Венето до 14 часот, особено меѓу Виченца и Верона, каде што реките надобија по 70 милиметри дожд за 30 минути.

Едно лице е исчезнато во реонот на градот Комо по уривањето на мал мост.

Во исто време, многу сушни услови беа забележани на островот Сардинија, кој веќе се соочува со уште една лоша сезона за локалните земјоделци на пченица, кои очекуваат половина од нивниот нормален род поради недостиг на вода, пишува локалниот весник L’Unione Sarda.

Ограничувања за користење на водата се очекуваат и во областа подоцна во текот на летото.

Професорот Марани рече дека „има силни научни докази“ дека екстремните временски услови стануваат се почести, додавајќи дека пресметките за одбрана од поплави „треба да се ревидираат за да се разбере реалниот ризик со кој се соочуваме“.

„Климатските промени мора да бидат ставени под контрола“, додаде тој.

Во април, Европската климатска агенција Коперник и Светската метеоролошка организација ја истакнаа потребата за заштита од поплави, како и итна акција за борба против ефектите од климатските промени.

Прикажи повеќе...

Регион

Зa 20 години Хрватска ќе биде празна, младите си заминуваат: мрачни прогнози на германските медиуми

Објавено пред

Во извештајот на онлајн порталот на уредувачката мрежа на Германија (РНД) за животот во „најмладата членка на Европската унија“, авторот Дорстен Фуш забележува дека бројките го покажуваат несомнениот економски напредок на Хрватска по 11 години членство во ЕУ.

dobivaj vesti na viber

„Домашниот бруто-производ порасна од речиси 60 на добри 71 милијарда американски долари во 2022 година, невработеноста падна од 17 на шест до седум отсто, а годишните плати се речиси високи како во Полска и Унгарија. Покрај тоа, земјата добива голема финансиска помош на ЕУ, 30 милијарди евра само од 2021 до 2027 година“, се наведува во текстот.

Но, во исто време како голем проблем се посочува и корупцијата. Премиерот Андреј Пленковиќ во изминатите осум години мораше да разреши 30 министри, од кои повеќето поради обвинувања за корупција. Земјата е само на 56-то место во глобалниот индекс на корупција на Транспаренси Интернешнл. Според новото истражување, 74 отсто од населението е незадоволно од насоката во која се развива земјата“, пишува RND.

Авторот ја цитира и Соња Шримбек. „Владата однадвор се претставува како проевропска и посветена на владеењето на правото, но внатрешно гледаме голема демократска регресија. Затоа, колку и да е мрачна сликата што ја имаат граѓаните за нивните политичари, многумина се задоволни од тоа што тие се дел од Европа. Особено имајќи ја предвид сопствената историја“, наведува авторот.

Така е и со сопственичката на фризерскиот салон Ксенија Јукчиќ. Нејзиниот 30-годишен син работи како поморски инженер во Ротердам. „Европа? Тоа е најдоброто нешто што можеше да ни се случи“, вели тaa Затоа што му овозможила на синот подобар живот.

Ентузијазам за Европа покажува и Хана Зоричиќ, заменик главен државен благајник во Министерството за финансии. Нејзината последна голема задача беше да ја подготви земјата за воведување на еврото. „Добро е да се биде дел од ова големо семејство наречено Европа. Возбудливо е да се седне на маса и да се види како другите земји и Европската комисија не гледаат како рамноправни членови“, вели таа и додава дека имала различни понуди да работи како консултант за големи компании, со многу поголема плата, но, вели таа, „Никогаш не сакав да работам ништо друго освен овие големи стратешки проекти“.

Родољуб и Вишња Џакула се сопственици на мал бизнис во Банија, кој произведува органски производи, главно месо. „Овде живееме подобро благодарение на Европската унија“, нагласува Вишња, таа порака и е важна, но потоа додава: „Проблемот што го имаме е хрватската политика. Тие не го разбираат моделот што ни треба за нашиот регион. Локални, регионални, еколошки – ова е нејзината визија. Во ЕУ, особено во Австрија, сопружниците гледаат модели и сојузници, во Загреб, пред се, ги дочекува рамнодушноста.

И покрај зголемениот стандард и ниската стапка на невработеност, економската состојба на младите е сè уште лоша – цените и на становите и на општите трошоци за живот постојано растат, пишува германскиот новинар. Тој го дава примерот со Емануел, 21-годишник кој работи како келнер и заработува 1.000 евра месечно.

Тоа на прв поглед не звучи лошо, но на крајот не му останува уште многу кога само за станот ќе плати 550 евра. „Затоа, се повеќе млади Хрвати размислуваат да ја напуштат земјата. Според репрезентативна студија на „Фридрих Еберт“, која ќе биде објавена наесен, денес 40 отсто повеќе млади луѓе размислуваат за емигрирање отколку пред шест години, наведуваат германските портали.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија2 часа

Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот...

Македонија4 часа

Понижувани сме и навредувани, стравуваме дека прозивките ќе преминат во лични напади, реагираат Даштевски и уште петмина од ДИК

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, и членовите Радица Ристеска, Оливер Ристовски, Борис Кондарко, Бобан Стојаноски и Абдуш...

Македонија5 часа

Рама до Бугарија: Ја блокирате Северна Македонија за да покажете дома колку сте силни, политиката е антиевропска

Албанскиот премиер Еди Рама упати критики до официјална Софија и до сите ЕУ-членки што користат билатерални прашања за блокади на...

Македонија5 часа

Кривичен суд го добил барањето од Палевски за адвокат

Кривичниот суд го добил барањето од Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари за ангажирање адвокат што ќе го застапува осомничениот...

Топ5 часа

Екстрадиран Бесим Красниќи

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР и Единицата...

Македонија6 часа

„Европскиот фронт“: Ниту една влада не може да го раскине договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“

„Европскиот фронт“ смета дека е неприфатлив и невозможен чин раскинувањето на договорот со „Бехтел и Енка“. „Ниедна влада не може...

Македонија8 часа

Грчкиот министер: Договорот од Преспа е текст со огромни проблеми, лага е дека сум учествувал во изготвувањето

Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, негира дека тој или неговата правна канцеларија го подготвиле или учествувале во изготвувањето...

Топ8 часа

Пронашле граната од Првата светска војна и ја однеле во Полициската станица Берово

Регионалниот ЦУК Штип известува дека, вчера, во 12.30 часот, во станицата на Полициската станица Берово беше донесено неексплодирано убојно средство,...

Свет9 часа

Извикал „Робо, дај ми рака“, па пукал кон словачкиот премиер – кој е човекот што стои зад атентатот на Фицо

Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој беше застрелан во средата, сѐ уште е во тешка состојба. Според словачките медиуми, се очекува тој...

Свет10 часа

(Видео) Напад на синагога во Франција, полицијата го уби напаѓачот

Француската полиција уби вооружен маж, кој се обиде да запали синагога во северозападниот град Руан, соопшти францускиот министер за внатрешни...

Европа10 часа

Орбан: Фицо е меѓу животот и смртта

Словачкиот премиер Роберт Фицо е меѓу животот и смртта два дена по атентатот што ја шокира Европа, изјави унгарскиот премиер...

Свет11 часа

(Видео) Огромно невреме во Хјустон, четворица мртви, градот во мрак: „Не излегувајте“

Силна бура со урагански ветрови го зафати Хјустон вчера, однесе најмалку четири животи, искрши прозорци на облакодери и остави 800.000...

Свет11 часа

Моќната сестра на Ким Џонг-ун за испраќањето оружје во Русија: Тоа е фикција

Ким Јо Јонг, моќната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, повторно негира дека разменилe оружје со Русија, објави државната новинска...

Европа12 часа

(Видео) Украинците ги нападнаа Крим и два руски града, одекнуваат експлозии, избувнуваат пожари

Пристанишниот град Севастопол на окупираниот Крим е нападнат трета ноќ по ред. Десетици беспилотни летала го нападнаа Севастопол и блискиот...

Македонија22 часа

Управен оформи предмети за седумте тужби на „Европскиот фронт“ против решенијата на ДИК

Управниот суд оформи седум предмети за поднесените тужби од „Европскиот фронт“, кои се против одлуката на Државната изборна комисија (ДИК)...

Македонија1 ден

Демири не кажа дали договорците од Токсикологија се стручни: „Тоа прашање требаше да го поставите лани“

Министерот за здравство, Илир Демири не кажа дали осумнаесетте договорци од Токсикологија се стручни, туку рече дека бил загрижен за 18-те...

Македонија1 ден

Разговорите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди за составот на новата Влада ќе продолжат и во наредниот период

Денес се одржа работна средба помеѓу работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди во просториите на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Од...

Македонија1 ден

Мицкоски: Во моментот ВМРО-ДПМНЕ има консолидирано точно 61 пратеник

При денешното обраќање во рамки на Самитот Македонија 2025 којшто се одржува во хотел Мериот во Скопје претседателот на ВМРО-ДПМНЕ...

Македонија1 ден

Ахмети најнеомилен, а Димитриевски ги надмина Мицкоски и Ковачевски по популарност, според последните анкети

Според објавената анкета на Центарот за aнкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт, Максим Димитриевски е политичарот за кој 48 отсто...

Економија1 ден

Германските компании ги испорачаа своите желби до новата влада: „Бизнис-климата е добра, но недостигот на стручни кадри е најголем ризик за инвестирање

Бизнис-климата во земјата е добра или многу добра, но има тренд на благо намалување на планираните инвестиции, а една од...