Свет
Положани трошел пари како сакал
Министерот за образование и наука Азиз Положани немал донесено правилници, упатства, планови, програми и решенија, туку буџетските пари ги трошел како што сакал.
РЕВИЗОРСКИ ИЗВЕШТАЈ ЗА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ
Министерот за образование и наука Азиз Положани немал донесено правилници, упатства, планови, програми и решенија, туку буџетските пари ги трошел како што сакал.
Во извештајот на државниот ревизор стои дека финансиските извештаи во Министерството не ја претставуваат реалната состојба.
Ревизорите утврдиле дека Положани дал 2 милиона денари за запишување студенти на Југоисточниот европски универзитет во Тетово, без да добие согласност од Министерството за финансии и од Владата. Положани трошел пари од Министерството за стипендии исклучиво на Албанци од Албанија, без претходно да донесе акт за утврдување на критериумите. Давал пари и за постдипломци кои не ги исполнувале критериумите и имале просек под 8,5.
Ревизорите не се убедени дека изборот на училишта за изградба и реконструкција е правилно направен. Во извештајот стои дека министерот донесувал програма за инвестиции, но во услови на недефинирани критериуми остава можност за субјективен избор и фаворизирање на одредени училишта. Не е почитуван Законот за јавни набавки поради што незаконски се трошеле милионски суми, се вршеле набавки по повисоки цени, не се обезбедувала транспарентност и фер конкурентност меѓу набавувачите. Ревизорите се сомневаат дека Положани преговарал со инвеститорите во четири очи и така потрошил над 7 милиони денари без претходно да добие согласност од Министерството за финансии.
Во извештајот стои и дека во Министерството се исплаќале највисоки дневници за патување во странство, без да се приложат целосни документи. Министерот Положани не им ја ограничувал сметката за мобилен телефон на заменик – министерот, државниот секретар, шефот на кабинет, на својот возач и на раководителите на сектори, за што потрошил повеќе од 8.000 евра од дозволените. Положани му плаќал на својот заменик Тале Герамитчиоски стан во Скопје чија кирија била секој месец за 75 евра повисока од онаа што ја дозволила Владата.
Министерот со своето дискреционо право потрошил 80.000 евра за печатење книги кои претходно не се одобрени, за финансирање собири и манифестации, за ангажирање лица со договор за дело и за дополнителни хонорари на вработените.
Самиот министер си заработил над 5.000 евра за верификација на дипломи од Бугарија, Албанија и од Турција, иако не бил член на Верификационата комисија. Им дал дополнителни 10.000 евра на членовите на Комисијата за јавни набавки, иако тоа било дел од нивната работа.
Ревизорите му порачале на министерот да ја напушти праксата да им исплаќа надоместоци на вработените врз основа на ангажирање во разни комисии, зашто тој ангажман бил и во описот на нивната работа. (Р.Ф.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.
Свет
Макрон: Франција ќе им помогне на Палестинците да изработат устав за идната држава
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција ќе ѝ помогне на Палестинската самоуправа во изработката на устав за идната палестинска држава. Изјавата ја даде по средбата со Махмуд Абас во Париз.
Макрон најави формирање заеднички француско-палестински комитет кој ќе работи на правните, институционалните и организациските аспекти на идниот устав. Тој додаде дека Франција ќе обезбеди 100 милиони евра хуманитарна помош за Газа до крајот на годинава.
Абас истакна дека Палестина се залага за „држава посветена на дијалог, мир и владеење на правото“.
Франција, Велика Британија, Канада и Австралија годинава ја признаа палестинската држава, со што се приклучија на повеќе од 140 земји кои го поддржуваат нејзиното создавање. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, го осуди овој чекор, оценувајќи дека со тоа „се наградува Хамас“.
Регион
Загреб ја забрани „За дом спремни“ на концерти и јавни настани
Градското собрание на Загреб денес гласаше за Заклучок со кој се повикува градоначалникот да преземе сите потребни мерки за да се спречи употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучително и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, пренесе хрватски „Индекс“.
Одлуката се однесува на областите управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани. Целта, рекоа претставниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност.
Претходно денес беше соопштено дека употребата на усташки симболи ќе биде забранета во просторите управувани од Градот Загреб, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон на 27 декември сепак ќе се одржи, бидејќи претходно беше потпишан договор за него.
Ива Ившиќ, претседателка на Клубот на претставници „Можеме“, истакна дека Заклучокот се базира на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска и ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
„Уставниот суд јасно кажа дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот Шимуниќ против Хрватска утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слобода на изразување бидејќи поттикнува омраза“, потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слобода на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Платформата „Можемо“ соопшти дека овој Заклучок има за цел да го заштити јавниот простор од пораки што ја уништуваат социјалната кохезија.
„Во време кога сме сведоци на раст на нетолеранцијата и насилството кон другите и кон оние кои се различни, наша должност е да го заштитиме јавниот простор – бидејќи им припаѓа на сите. Загреб мора да биде град каде што училиштата, градинките, културните центри и улиците се безбедни места, каде што се воспитуваат генерации кои знаат дека почитта, солидарноста и еднаквоста се основа на добро општество“, рекоа претставниците.

