Свет
Прислушуваните новинари седум години чекаат пресуда
Со спогодбено договарање на отштетата, Владата треба да покаже дека има волја да го решиме проблемот, вели адвокатот Дангов
АФЕРАТА „ГОЛЕМОТО УВО“ БЕЗ ЗАВРШНИЦА
Со спогодбено договарање на отштетата, Владата треба да покаже дека има волја да го решиме проблемот, вели адвокатот Дангов
Поминаа седум години откако 17 прислушувани новинари ја тужеа државата за аферата „Големото уво“, а судот се’ уште не донесоол ни првостепена одлука.
Аферата избувна на крајот на 2000 година, кога Црвенковски обелодени стенограми на телефонски разговори на прислушувани политичари, новинари и дипломати. Новинарите се револтирани од бавноста со која се води судскиот процес. Следното рочиште е закажано за 19 март, но би можело пак да се одолжи ако судијката што го води предметот, Снежана Попчевска, биде разрешена поради случајот „Бачило“. Поради одолжувањето на процесот, новинарите ја тужат државата и пред Судот во Стразбур.
Адвокатот Димитар Дангов, кој ги застапува новинарите, вели:
– Готово е невропсихијатриско вештачење на душевната болка што ја претрпеле прислушуваните новинари и се очекува за него да се произнесат тужените МВР и „Македонски телекомуникации“. Пред еден месец доставивме предлог до Јавното правобранителство, кое пред судот ги застапува интересите на државата, да го решиме проблемот спогодбено, но одговор се’ уште не сме добиле. Со спогодбено договарање на отштетата, Владата треба да покаже дека има волја да го решиме проблемот. Техничкото вештачење покажа дека тужените имаат опрема за прислушување и Владата сега треба да го признае тоа.
Јадранка Костова, една од прислушуваните новинари, пред два месеца доставила писмено барање до собраниската Анкетна комисија за заштита на човековите права, да се утврди кој ги крши правата на граѓаните.
– Тито Петковски јавно изјави дека некои политички партии имале опрема за прислушување, а по него и Никола Поповски изјави дека бил прислушуван од армијата. Значи не прислушува само МВР. Тоа беше повод да го актуализирам и нашиот случај. Слично барање поднесовме и пред повеќе од една година до истата комисија, но никакви промени на подобро немаше ни тогаш ни сега – вели Костова.
Во 2001 година Основниот суд 1 во Скопје презема истражни дејства за да се утврди кој ги прислушувал разговорите. По вештачењето со кое се утврди дека МВР има опрема за прислушување, скопското обвинителство во 2003 година ги обвини поранешната министерка за внатрешни работи Доста Димовска и тогашниот началник на управата за оперативна техника во МВР, Александар Цветков дека се нарачатели на прислушувањето. Веднаш потоа тогашниот претседател Борис Трајковски ги амнестира, што предизвика бурни реакции во јавноста.
Анкетна комисија за прислушни уреди
Собранието вчера реши да основа анкетна комисија што ќе испитува дали и кои политички партии поседуваат прислушни уреди. Андреј Жерновски од ЛДП смета дека основањето на анкетната комисија е задоцнето, бидејќи Тито Петковски уште пред шест месеци изјави дека сите поголеми партии имаат уреди за прислушување на своите опоненти.
– Ги повикувам сите пратеници да не ги затвораме очите и на македонската јавност да и’ покажеме дека можеме да ги разгледаме и овие прашања – рече Жерновски.
Есад Рахиќ од СДСМ смета дека не постои желба овој проблем да се разреши.
– Преку постапка треба да се докаже дали партиите поседуваат уреди за прислушување, а вистината треба да се открие без разлика кој поседува вакви уреди и на која позиција се наоѓа – рече Рахиќ.
Тој го поддржа предлогот даден од Жерновски, Тито Петковски да биде претседател на анкетната комисија. Јани Макрадули побара МВР и ДБК јавно да демантираат дека сега се врши прислушување на опозицијата и на политичките противници.
Натали Н.Сотировска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте не сакаше да ги коментира тензиите меѓу САД и европските сојузници околу Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека нема јавно да ги коментира тензиите меѓу САД и нивните европски сојузници поради барањето на американскиот претседател Доналд Трамп — САД да го преземат Гренланд.
„Можете да бидете сигурни дека работам на ова прашање зад сцената, но не можам тоа да го направам јавно“, рече Руте за време на панел-дискусија на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, пренесе „Ројтерс“.
Тој додаде дека претседателот Трамп и другите лидери се во право кога велат дека Арктикот мора да биде заштитен од руско и кинеско влијание.
„Мораме да сториме повеќе таму. Мораме да го заштитиме Арктикот од руско и кинеско влијание. Работиме на тоа — да обезбедиме колективна одбрана на арктичкиот регион“, изјави Руте.
Регион
Црна Гора ќе затвори уште едно поглавје во преговорите за пристапување кон ЕУ следната недела
Црна Гора би можела да затвори уште едно поглавје во преговорите за пристапување со Европската Унија (ЕУ) следната недела, а тоа е Поглавје 32, финансиски надзор, изјави црногорската министерка за европски прашања, Маида Горчевиќ.
Таа истакна дека поглавјето 32, кое е под надлежност на Министерството за финансии на Црна Гора, било технички подготвено претходната година, но неговото затворање било одложено поради внатрешните процедури на Европската комисија и земјите-членки.
„Од наша страна, беше испратена јасна порака дека ќе ги исполниме сите обврски што се очекуваат на европскиот пат. Од друга страна, Европската комисија очекува посилна борба против организираниот криминал и корупцијата, зајакнување на граничните премини и дополнително зајакнување на судството“, изјави Горчевиќ во изјава за Радио и телевизија на Црна Гора.
Според неа, брзото затворање на Поглавјето 32 би претставувало важен чекор во амбициозниот план на Владата да ги затвори сите преостанати поглавја до крајот на 2026 година, што би го отворило патот кон полноправно членство на Црна Гора во Европската Унија до 2028 година.
Црна Гора ја поднесе својата апликација за членство во ЕУ во декември 2008 година, а преговорите за пристапување започнаа во јуни 2012 година, и досега затвори 12 од 35 поглавја.
Во декември, Црна Гора затвори пет поглавја, од кои клучни се оние за јавни набавки, слободно движење на капитал и рурален развој, што беше оценето како пресвртница пред влегувањето во нова фаза од преговорите и трансформирањето на земјата од кандидат во сериозен кандидат за членство. Во последните две години, темпото на преговорите на Црна Гора за членство во ЕУ се забрза, но 2026 година е клучна година во која земјата се соочува со предизвици, особено во поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата.
Постои поглавје 31, кое ги опфаќа надворешната, безбедносната и одбранбената политика, чие затворање беше блокирано од Хрватска.
Иако Загреб во тоа време изјави дека не ја блокира Црна Гора, веќе постојат „отворени прашања“ што треба да се решат, меѓу кои бродот Јадран, демаркацијата, исчезнатите лица и гонењето на воените злосторства.
Свет
Италијански медиуми: Мелони бара начин да се извлече од мировната иницијатива на Трамп за Газа
Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, се двоуми дали да го прифати повикот од американскиот претседател Доналд Трамп за учество во новоформираниот „Одбор за мир“, објави италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.
Весникот наведува дека Мелони на почетокот го поздравила повикот, но сега се обидува „да се извлече од таа ситуација“. Причината е Членот 11 од италијанскиот Устав, според кој Италија може да биде дел од меѓународни организации што работат за мир, но само врз основа на рамноправност со другите држави — нешто што не се однесува на одборот на Трамп.
Уредникот Симоне Канечиери објаснува дека Одборот што го замислил Трамп наликува на приватна верзија на Обединетите нации, во кој САД имаат водечка улога и каде учеството подразбира „влезна такса“ од една милијарда долари.
Според Канечиери, Трамп сака лично да го реши конфликтот во Газа, но неговата иницијатива сè повеќе наликува на „приватна влада на светот“, каде што членовите и правилата би ги одредувал тој самиот, дури и по напуштањето на Белата куќа.
Повеќе западни сојузници реагирале воздржано на планот, а дипломати предупредуваат дека таков одбор би можел да ја поткопа работата на Обединетите нации.
Според „Ројтерс“, Трамп треба да ја предводи церемонијата за основање на одборот во четврток, за време на Светскиот економски форум во Давос.
Фото: ЕПА

