Свет
Од списоците избришани 46.000 невработени
Агенцијата за вработување со чистење на евиденцијата ја намалува невработеноста
Агенцијата за вработување со чистење на евиденцијата ја намалува невработеноста
Владата најавува натамошна ригорозна контрола на невработеноста
МАЈА ТОМИЌ
Агенцијата за вработување секој месец брише по околу 10.000 лица од списоците на невработени. Од април до крајот на јули, по разни основи, од евиденцијата на невработени се тргнати 46.009 лица. Само во текот на јули од листата на невработени Агенцијата избришала 10.437 лица. За три илјади од нив тоа е направено поради засновање работен однос, 5.941 лице се избришани поради нередовно пријавување во Агенцијата, а 1.495 лица се тргнати од списокот “поради други основи”.
Во текот на април од списокот на невработени се избришани вкупно 11.492 лица, во мај таа бројка изнесува 13.159, а во јуни 10.921. Од вкупно избришаните 46.009 лица за четирите месеци, поради вработување се избришани 15.744 .лица, поради нередовно пријавување во Агенцијата 20.220 невработени, а остатокот од лицата се избришани поради други причини.
“Имам магистерска титула и сум избришана од списокот на невработени затоа што не сум се пријавила навреме. Искрено, не знаев дека треба да се пријавувам на секои три месеци. Решението од Агенцијата ми е доставено во август, на база на донесена одлука во јануари. Известена сум дека, според некои законски одредби, повторно можам да се пријавам во Агенцијата како невработена дури по две години. Не ми е јасно каква е таа практика кога, на пример, за нередовно платена сметка за струја или телефон неколку пати те предупредуваат дека ќе те исклучат”, вели П.Б. од Скопје
Поинтензивната тенденција за намалување на бројката на невработените со бришење, всушност, трае од средината на минатата година кога во Агенцијата се заострија критериумите за нередовните пријавувачи, со нивно автоматско бришење од список, без никакво претходно предупредување или известување. Покрај тоа, лани започна и владината кампања за бришење од евиденцијата на невработените кои некаде се ангажирани со договор за дело, чија точна бројка Владата никогаш не ја обелодени, а неофицијално се претпоставува дека станува збор за околу 20.000 лица, претежно млади невработени. За осумте месеци од годинава бројот на невработените се намалил за околу 20 илјади. Додека во јануари тие изнесувале 394.260, заклучно со јули Агенцијата избројала 370.745 невработени. Според неодамнешната изјава на министерот за труд и социјална политика, Стевчо Јакимовски, Владата презема законски мерки за чистење од евиденција на лицата кои се пријавени како невработени, а всушност не бараат работа, со цел да се евидентираат само оние што активно бараат работа. Тоа ќе треба да го докажат со поднесување некаков доказ, како што е, на пример, учеството на конкурсите за работа. Чистењето на евиденцијата е и од причини што најголем број невработени се пријавуваат во Агенцијата само за да користат здравствени картони, за што од Буџетот се одлеваат значителни средства. Повеќе од 60.000 лица во текот на минатите месеци се изјасниле дека се пријавуваат во Агенцијата само заради сини картони.
Министерот Јакимовски деновиве изјави дека реалната бројка на невработени во државава изнесува меѓу 240.000 и 270.000 лица, што е за 100.000 помалку од регистрираните во Агенцијата. Тој објаснува дека државата издвојува годишно по 107 милиони евра за пасивни мерки, односно за плаќање разни бенефиции за невработените, додека само 14,5 милиони евра се за активни мерки, што е недоволно. Активните мерки подразбираат преквалификации и посебни курсеви за вработување иако Владата досега не излезе со податокот колку лица по ваков основа каде се вработиле.
Со засилени инспекциски контроли, според Јакимовски, бројката на невработени и натаму ќе се намалува. Покрај бришењето на тие што не се пријавуваат редовно во Агенцијата, ќе се бришат од списоците на невработените и сите оние кои инспекцијата ќе ги затекне дека работат на црно на одредени проекти или со договор за дело. Од февруари годинава до крајот на јули, според Јакимовски, намален е бројот на невработените по основа на технолошки вишоци за 9 проценти, а на корисниците за здравствено осигурување за 3 проценти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

