Свет
Членови на администрацијата на Обама сакаат да го отстранат директорот на NSA
Американскиот министер за одбрана и челникот на националните разузнавачки агенции и служби му препорачале на претседателот Барак Обама од позицијата да го отстрани директорот на Националната агенција за безбедност (NSA), Мајкл Роџерс, соопштија добро известени кругови.
Препораката на министерот за одбрана Ештон Картер и на директорот на американската разузнавачка заедница Џејмс Клапер, за која прв пишуваше The Washington Post, е предадена во Белата куќа во октомври, рекле извори за Reuters.
Актуелниот американски претседател Барак Обама го избра директорот на Националната агенција за безбедност (NSA), Мајкл Роџерс, на оваа позиција во 2014 година и му даде задача да ја поправи штетата којашто ја направи одметнатиот разузнавачки аналитичар Едвард Сноуден. Сноуден објави доверливи материјали за масовното следење на електронските комуникации на милиони луѓе во светот, вклучително и на државници од земјите сојузнички на САД.
Меѓутоа, постоеле и други безбедносни пропусти, велат изворите на агенцијата, вклучително и оној којшто доведе до апсењето на припадникот на NSA, Харолд Мартин претходно минатата година.
Мајкл Роџерс, инаку, се смета за потенцијално нов директор на американските разузнавачки служби во администрацијата на избраниот претседател Доналд Трамп, која е функција што ги координира работите на 19 американски разузнавачки агенции и служби, покрај NSA и на Централната разузнавачка агенција CIA. На оваа функција Џејмс Клапер поднесе оставка оваа седмица, најавувајќи дека ќе отстапи откако Трамп ќе ја преземе должноста на 20-ти јануари 2017 година.
Меѓутоа, оваа седмица беше објавена и анкетата меѓу аналитичари во Централната команда на американските вооружени сили коишто го следат борбените операции на Блискиот исток и во јужна Азија, и кои биле, за разлика од нивните колеги стационирани во другите делови од светот, понаклонети да веруваат дека нивните претпоставени ги измениле или ги криеле нивните анализи, со цел да се создаде впечатокот претседателот Барак Обама во јануари 2017 година да замине како успешен државник.
Инаку неодамна The Washington Post објави дека одлуката Роџерс во четвртокот да отпатува во Њујорк за да се сретне со Трамп, а за тоа да не ги извести своите претпоставени, предизвикала чудење и гнев на високите нивоа во администрацијата на претседателот Обама. Меѓутоа, препораките тој да биде отстранет од функцијата во Белата куќа дошле претходно.
Од Белата куќа, Пентагон, NSA и од кабинетот на директорот на разузнавачките служби на САД не сакале да ги коментираат овие наводи. Портпаролот на кампањата на Трамп, исто така за Reuters, засега немал коментари./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Избран е новиот врховен лидер на Иран
Иранското Собрание на експерти го избра Моџтаба Хосеини Хамнеи за нов врховен лидер на Исламската Република, објавува Иран Интернешнл.
Овој историски и клучен политички потег за иднината на земјата дојде само неколку дена откако неговиот татко, долгогодишниот ајатолах Али Хамнеи, беше убиен во разорен израелски воздушен напад рано наутро во саботата.
Моџтаба Хамнеи е најстариот син на убиениот врховен лидер и личност со исклучително длабоки корени во безбедносниот и воениот апарат на државата.
Уште како млад човек, тој активно учествувал во крвавата војна Иран-Ирак, борејќи се токму во редовите на Револуционерната гарда. Неговото влијание особено се зајакна кога го презеде оперативното водство на озлогласената паравоена организација Басиџ, милиција која одигра клучна и брутална улога во насилното задушување на масовните антивладини протести по спорните претседателски избори во 2009 година.
Неговото официјално назначување на највисоката верска и политичка позиција во земјата испраќа недвосмислена порака до Западот, но и до домашната јавност, дека иранското раководство не планира никакви отстапки или поумерени политики во наредните денови.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ лут на граѓаните: „Отидоа да се сончаат во Дубаи и не ме слушаа што зборував“
Првиот авион со патници од Дубаи слета во Белград рано утрово, а вториот се очекува во текот на ноќта. Српскиот претседател Александар Вучиќ е лут на граѓаните кои, како што вели, не го послушале, иако немало официјално државно предупредување против патување на Блискиот Исток, пишува N1 Белград.
„Сите оние кои се сончаа во Дубаи и не ме слушаа што зборував сега ќе ги бараат виновниците во нас, кои им помагаат да се извлечат од сето ова“, рече српскиот претседател.
Првото враќање од Емиратите до Србија беше успешно, иако летот беше одложен за неколку часа и помина подолг пат преку Оман. Патниците ја опишуваат хаотичната ситуација.
„Никој не не контактираше. Неколку пати се јавив во амбасадата, но немаа информации. Бевме сами“, рече еден од патниците. Други додадоа: „Не излеговме ниту се движевме многу. Амбасадорот не посети и тоа беше тоа.“
Еден патник рече: „Беше хаотично и воопшто не беше безопасно. Никој не ни зборуваше, но ниту ние не го очекувавме тоа. Сè решивме во лет.“ Сите се согласуваат за едно: „Секој може да каже што сака, но ситуацијата не беше безопасна.“
Дека ситуацијата не беше безопасна потврдуваат и експертите кои го следеа летот. „Безбедносните услови за тој лет не беа добри. Само 25 минути по полетувањето, целиот воздушен простор на Емиратите беше затворен бидејќи Министерството за одбрана објави дека бараж од балистички ракети се движи кон Емиратите“, вели Петар Војиновиќ од порталот „Танго Сикс“.
Ситуацијата на терен е непредвидлива, но оние што живеат и работат во Емиратите ја доживуваат поинаку од туристите.
„Градилиштето работи, има повеќе сообраќај на улиците, трговските центри се отворени, Бурџ Калифа не е евакуирана. Фала му на Бога, сè е нормално“, вели агентот за недвижности Милан Станиќ.
ИТ експертот Милан Шариќ размислува слично: „Жал ми е за туристите, нивната ситуација е поинаква. Тие се на аеродромот, слушаат звуци, не ѝ веруваат на владата тука, а за нив сè е различно“.
фото/Depositphotos
Свет
Иран: Сè уште не сме го употребиле нашето најнапредно оружје
Иран е подготвен за долга војна против САД и Израел и сè уште не го употребил своето најнапредно оружје, соопшти денес иранското министерство за одбрана.
„Имаме капацитет да се спротивставиме и да продолжиме со офанзивната одбрана подолго отколку што непријателот планираше за оваа наметната војна“, изјави портпаролот на министерството, Реза Талаеи-Ник, цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.
„Немаме намера да го распоредиме целото наше напредно оружје и опрема во првите неколку дена“, додаде тој.
Во меѓувреме, Револуционерната гарда вечерва објави дека испалила уште еден пламен од ракети кон Израел.
„Шеснаесеттиот бран на „Операција Вистинско ветување 4“ започна со голем број ракети и беспилотни летала лансирани од Воздухопловните сили на Револуционерната гарда кон срцето на окупираните територии“, се вели во соопштението, осврнувајќи се на Израел.
фото/Depositphotos

