Daily news
Франција: Макрон го напаѓа Националниот фронт
Претседателскиот кандидат на релативно новото политичко движење Напред, од левиот центар, за француски претседател Емануел Макрон истакна во саботата дека главна противничка му е кандидатката на крајната десница Национален фронт (FN), Марин Лепен, и вети дека ќе биде прв и во првиот изборен круг на 23-ти април, иако анкетите покажуваат дека трката станува сé понеизвесна.
„Националниот фронт, нашиот главен противник, нé напаѓа од сите страни. Немојте да им се потсмевате. Борете се против нив“, изјави Емануел Макрон, поранешен министер за економија во владата на социјалистичкиот претседател во заминување Франсоа Оланд, на предизборниот собир во Марсеј.
„Сакам да ја исфрлиме од оваа кампања и од оваа земја партијата на омразата и презирот и сите оние поради коишто многу се срамиме. Ќе водиме во првиот круг и ќе ги победиме“, додаде Макрон.
Последните испитувања на јавното мнение покажуваат дела Макрон и Лепен се во тесна трка со поддршка од 25 односно 24 отсто од гласачите. На третото место е поранешниот премиер и шеф на дипломатија од конзервативната партија Републиканци, Франсоа Фијон, со 19 отсто поддршка, додека кандидатот на крајната левица Непокорна Франција, Жан-Лук Меланшон има поддршка од 15 отсто, според анкетата на институтот BVA спроведена на 29-ти и 30-ти март.
Меѓутоа, анкетата покажува дека 38 отсто од избирачите во овој момент не се сигурни за кого би го дале гласот на изборите коишто се одржуваат во два круга, на 23-ти април и на 7-ми мај.
Лидерката на Националниот фронт, Марин Лепен, во недела ќе одржи предизборен митинг во Бордо./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
