Компании
„Европа АД“ ја доби битката со „Пионир“ пред српските судови

Стопанскиот суд во Белград ги отфрли сите обвинувања на српски „Пионир“ според кои „Европа“ АД – Скопје наводно фалсификувала нивни бонбони, соопшти македонската компанија во четвртокот.
Македонската компанија со 132-годишно искуство, чии количини од производот„Бонбон ноар“ пред неколку месеци беа запленети од властите кај северниот сосед, доби и правна потврда на тоа што од самиот почеток јавно го тврдеше – дека овие слатки се оригинални, односно дека воопшто не го повредуваат жигот на српскиот конкурент.
Следна постапка на „Европа“ АД – Скопје ќе биде поднесување тужба против „Пионир“ за изгубена добивка и за нарушен углед.
„Обвинувањата за фалсификат, запленувањето на стоката, како и поднесената пријава, беа настани во чие развивање „Европа АД“ немаше никаква улога. Нашата компанија со децении работи на српскиот пазар, каде што има долгогодишни, докажано лојални, купувачи. Тие самите знаат да го изберат вистинскиот квалитет, а со тоа што верно ги следат нашите производи истакнуваат дека и самите ја препознаваат разликата помеѓу плагијат и фалсификат“,вели Сава Димитрова, претседател на управниот одбор на „Европа“ АД – Скопје.
„Пионир“ поднесе тужба пред српските судови и во неа бараше: да се утврди дека „Европа“ АД – Скопје го повредила жигот на компанијата и да се забрани производството, испораката, извозот, понудата и ставањето во промет на „Бонбон ноар“. За секоја од овие точки познатиот македонски бренд доби правна потврда дека се неосновани и целосно отфрлени. Тоа значи дека македонското претпријатие ќе може слободно и во иднина да го продава овој продукт во Србија затоа што сега има и судска одлука дека тој не е плагијат на „Негро“ на „Пионир“.
„Ова решение и правно го потврди тоа што ние пред неколку месеци го нагласивме – дека е во прашање крајно несериозно обвинување што нема издржаност во реалноста. „Европа“ АД – Скопје секогаш ги има предвид потребите, почитта и ставовите на своите потрошувачи и знаејќи го тоа на ум, ние никогаш не би си дозволиле да направиме нешто со кое би ја нарушиле таа доверба. Сосема спротивно, понатаму посветено ќе продолжиме да ги подобруваме веќе долго популарните производи, но и да креираме нови“,- истакнува Димитрова.
„Европа“ АД – Скопје уште еднаш потсетува дека во поглед на содржината, „Бонбон ноар“ е непроменет продукт којшто се создава повеќе од половина век. Тој за првпат е внесен во каталогот на компанијата пред повеќе од три децении, односно во 1982 година. Под актуелната амбалажа, пак, бонбоната се продава од 2003 и оттогаш е присутна и на пазарот во Србија, значи безмалку цели 11 години. Македонската компанија нагласува дека „Бонбон ноар“ и „Негро“ имаат различен состав.
Слично е што обете се базирани на лакрицот како состојка, меѓутоа, процентот на масното полнење, филувањето и изгледот на самата бонбона немаат допирни точки. Лакрицот во светот на бонбоните е применет од неколку стотини производители. Амбалажата на најголем дел од нив е комбинација од црна, бела и црвена боја. Причина за тоа е токму лакрицот чијшто изглед најчесто се комуницира со овој колорит. И глобални марки како „Харибо“, „Салос“, „Јанки“ и „Клене“ за своите бонбони базирани на лакриц со години се придржуваат до истиот пристап, се појаснува во соопштението на скопксата компанија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Алкалоид“ со јубилејна плакета од Црвениот крст

По повод 80-годишниот јубилеј на Црвен крст, во Македонскиот народен театар се одржа свечена академија под покровителство на претседателката на државата, н.е. Гордана Сиљановска-Давкова.
Под мотото „Осум децении ние гледаме луѓе“ беше одбележан јубилејот на Црвен крст, хуманитарна организација која осум децении им дава помош и поддршка на најзагрозените категории граѓани, промовирајќи хуманост и човечка солидарност.
Формиран на 17 март 1945 година, Црвен крст на Македонија годинава не го одбележа јубилејот на денот на своето основање поради трагедијата во Кочани, која наложи целосна мобилизација на организацијата заради обезбедување помош и поддршка на погоденото население. Токму во знак на благодарност за поддршката на настраданите во трагедијата дадена од „Алкалоид“, како и за придонесот на компанијата при хуманитарните апели на Црвен крст, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на компанијата, г. Живко Мукаетов, беше одликуван со јубилејна плакета.
Признанието на г. Мукаетов му го врачи д-р Лилјана Ристевска, потпретседателка на организацијата Црвен крст на РСМ. Изминативе години „Алкалоид“ има спроведено повеќе активности во соработка со Црвен крст на РСМ и со Црвен крст на град Скопје, како во делот на социјално-хуманитарната дејност така и на полето на крводарителството. Во рамките на компанијата повеќе од 50 години активно функционира Друштвото на крводарители, кое во 2024 година доби специјално признание за масовен одзив во рамките на крводарителските акции организирани од Црвен крст и од Институтот за трансфузиона медицина. Изминативе неколку години „Алкалоид“ континуирано спроведува акции за донирање облека и храна.
Компанијата во континуитет ги поддржува апелите на Црвен крст за поддршка на бездомниците, бегалците и мигрантите како едни од најгорливите категории на полето на хуманитарната помош. Во 2015 година, на организираниот хуманитарен пикник, колективот на „Алкалоид“ собра повеќе од 750.000 денари, донација наменета за Солидарниот фонд на Црвен крст.
Последната донација за истиот фонд, во износ од 15 милиони денари, компанијата ја намени за настраданите од трагедијата во Кочани и за нивните семејства. На јубилејната свеченост Црвен крст додели и четири златни медали, а беше официјализирана и донацијата во износ од 20.000 евра за Универзитетската клиника за трауматологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Како што посочија организаторите на настанот, 80-годишниот јубилеј на Црвен крст претставува момент на благодарност и на сеќавање и признание за сите волонтери, членови, вработени и партнери кои ги оставиле и сè уште ги оставаат своите траги на хуманост.
(ПР)
Компании
Самир Мане беше единствениот претставник од регионот на „FII PRIORITY Europe Summit“

Албанската престолнина беше домаќин на еден од најпрестижните меѓународни форуми во светот — „FII PRIORITY Europe Summit“, кој за првпат се одржа во Тирана на 16–17 мај 2025 година.
Овој самит ги обединува светските лидери од владите, бизнис-секторот, науката, технологијата и филантропијата, со цел да се дискутираат глобалните приоритети што ја обликуваат иднината во клучен момент за човештвото. Главната тема на ова европско издание на „FII PRIORITY“ беше: „Приоритизирање за поодржлива, поправедна и попросперитетна иднина“.
Самир Мане, претседателот на „BALFIN Group“, беше единствениот официјален претставник од Албанија поканет да учествува на дискусионите панели заедно со некои од највлијателните личности од светот. Тој учествуваше на главниот панел со наслов „Board of Changemakers“: Може ли капиталот да го поврзе расцепканиот свет?, каде што ја делеше сцената со меѓународни лидери од политиката и финансиите.
За време на самитот, г. Мане одржа средби и размени мислења со високи личности како Матео Ренци, поранешен премиер на Италија, Бернард Менсах, претседател на „Bank of America International“, Анри Пупар-Лафарж, извршен директор на Alstom, меѓу другите.
еговото учество на самитот како глас на регионалниот бизнис го истакнува и неговото лично лидерство, и сè поголемата улога на Западен Балкан во обликувањето на идниот развој на Европа и пошироко.
„FII PRIORITY Europe Summit“ е дел од серија глобални форуми кои промовираат меѓусекторски дијалог и поттикнуваат конкретна акција за справување со најгорливите предизвици на денешницата, вклучително и климатските промени, одржливиот развој и технолошката трансформација.
Комерцијален текст
Економија
Голем проблем за Швајцарците, ова лето остануваат без 1.400 летови

Поради недостиг на пилоти, швајцарската авиокомпанија „Swiss“ откажува 1.400 летови ова лето, што е вкупно 1,5 проценти од летовите од април до септември.
Мерката се однесува на летови на долги релации, како и на мрежата на летови на кратки и средни релации, се вели во соопштението на авиокомпанијата, подружница на „Lufthansа“.
Вкупно 1,5 проценти од летовите се откажани помеѓу април и септември. Според веб-страницата на „Aerotelegraph“, невообичаено голем број пилоти се надвор од служба подолг временски период, наводно поради бремености и несреќи. Дополнително, ресурсите ги трошат екипите за обука на новиот авион „Airbus А350“.
Според колективниот договор, со кој се подобрија одредбите за работното време, имало потреба од вработување на околу 70 работници со полно работно време, се наведува во извештајот.
Како краткорочно олеснување, некои постари пилоти го одложуваат пензионирањето, а персоналот со скратено работно време го зголемува работното време.