Европа
Абдеслам одбил да разговара за нападите во Брисел, но претходно рекол дека не ги познава напаѓачите
Клучниот осомничен за атентатите од Париз ланскиот 13-ти ноември во кој беа убиени 130 луѓе, Салах Абдеслам, кој минатиот петок беше уапсен во Брисел, одбил да разговара за нападите од вторникот во белгиската престолнина и се повикал на своето право на молчење, објавија во петокот вечерта сојузните белгиски власти, додека парискиот дневен весник Le Monde тврди дека тој рекол оти не ги познава, повикувајќи се на записник од сослушувањето и оти требало да биде притиснат да даде информации.
Државното обвинителство на Белгија објави соопштение за медиумите во коешто наведува дека Салах Абдеслам првпат можел да биде испрашуван во саботата утрото, бидејќи бил полесно ранет во ногата во текот на апсењето во престрелка со полицијата во петокот вечерта.
Иследниците го испрашувале за клучните точки на нападите извршени во Париз на 13-ти ноември 2015 година. Абдеслам бил во француската престолнина ноќта на нападите и е првиот осомничен кој е фатен жив. Абдеслам во саботата неколку часа одговарал на прашањата на иследниците, а потоа рекол дека би сакал да го искористи своето право на молчење. Се дозна дека тој во Париз на себе имал самоубиствен појас и имал намера да се разнесе кај стадионот „Стад де Франс“, но се премислил.
Иследниците го испитувале и веднаш по нападите во Брисел во вторникот утрото, но тој одбил да одговори, се вели во соопштението на белгиското обвинителство.
Меѓутоа, неколку часа по оваа соопштение, парискиот дневен весник Le Monde им се приклучи на критичарите кои тврдат дека Белгија морала да го присили Абдеслам да ги предупреди властите дека на земјата ѝ се заканува терористички напад.
Според пишувањето на повеќе француски медиуми, три дена пред нападите во Брисел, белгиската полиција му покажала фотографии од бомбаши самоубијци на Салах Абдеслам, но тој тврдел дека не ги познава и својата улога ја прикажал како неважна.
Според дневниот весник Le Monde, кој се повикува на записникот од двочасовното испрашување на Абдеслам извршено на 19-ти март, иследниците биле фокусирани на париските напади, а не на идните планови на џихадистите. На Абдеслам, според написот, му биле покажани фотографии од браќата Ел Бакрави, а тој рекол дека не ги познава. Иследниците повеќе не инсистирале на тоа, пишува весникот. Браќата Ибрахим и Калид ЕЛ Бакрави се учесници во терористичките напади во Брисел во кои во вторникот беше убиен 31 човек, а 316 беа ранети..
Француската телевизија BFMTV пренесе дека на Абдеслам му била покажана и фотографија на Наџим Лахрави, вториот бомбаш самоубиец од бриселскиот меѓународен аеродром Завентем. Абдеслам, исто така, негирал дека го познава.
Пред иследниците Абдеслам настојувал својата улога да ја прикаже како неважна и одговорноста ја пренел на својот постар брат Брахим Абдеслам, пишуваат француските медиуми. Тврдел дека бил само возач, дека „ги изнајмувал автомобилите и резервирал хотели“ на барање на неговиот брат кој се разнесе во париското кафуле „Comptoir Voltaire“. Брат му, исто така, му предал појас со експлозив со кој требало да се разнесе, но се откажал во последен момент.
Лицето коешто е одговорно за целата организација на нападите во Париз е Абделхамид Абаауд, им рекол Абдеслам на иследниците./крај/мф/сн
Извор: Reuters/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

