Европа
Авторот на селфи со Меркел вознемирен поради споредбите со терористот
Авторот на селфи снимка со германската канцеларка Ангела Меркел е огорчен од тоа што во саботата во многу медиуми и на социјалните мрежи беше идентификуван со бомбашот самоубиец кој се разнесе претходно неделава во Брисел.
Во телефонскиот разговор со Deutsche Welle, момчето кое се претставило како 19-годишниот Анас Модамани од Сирија рекол дека е силно вознемирен од тоа како била употребена неговата фотографија на интернет.
Модамани раскажал дека минатата есен пристигнал во Германија од сириската престолнина Дамаск, и оти е згрижен во германско семејство. Од почетокот на годинава тој посетува часови по германски јазик.
Како што додал за DW неговиот пријател Лианг Чен, младиот Сириец првично стравувал дека германската полиција може да поверува во шпекулациите кои се проширија на мрежите.
„Тој живее во Берлин со своето германско семејство, секој ден оди на училиште, невозможно е да дојде дури до Брисел. За жал, таквите лажни слухови се распространија преку интернет многу брзо, но тие не соодветствуваат на реалноста“, рекол Лианг.
Во саботата медиумите пишуваа дека фотографирајќи се со бегалците во камп за нивно прифаќање во Берлин минатата есен, германската канцеларка Меркел можеби направила селфи со еден од терористите од Брисел.
Се коментираше големата сличност на бомбашот самоубиец Наџим Лахрави кој се разнесе во вторникот на аеродромот во Брисел и момчето на фотографијата. Притоа беше направена споредба на полициските сознанија за датумите на кои Лахрави престојувал во разни градови во Европа што се совпадна со датумот на посетата на Меркел на бегалскиот кварт.
Младите Германци кои го препознаа момчето од фотографијата, објаснуваа дека тој нема ништо заедничко со бомбашот самоубиец одговорен за терористичките напади во Брисел во кој загинаа 28 луѓе./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на Телеграм соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети најверојатно биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, била и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на Телеграм, се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата Телеграм.
Ројтерс сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.