Европа
Челниците на ЕУ веројатно нема да ги заострат санкциите за Русија
Челниците на земјите членки на Европската унија веројатно нема да ги заострат санкциите против Русија на средбата следната седмица, туку ќе се спорат околу тоа дали треба во моментов да се преземат чекори да се продолжат актуелните санкции коишто истекуваат на почетокот од јули, соопштија во четвртокот навечер дипломатски извори.
Имајќи предвид дека е општ впечатокот дека прекинот на огнот во источна Украина сепак генерално се почитува, Европската унија не гледа потреба на Русија да ѝ се наметнуваат нови санкции, но ниту да се ублажуваат сегашните. Наместо тоа, концентрирана е на тоа како да се поткрепи договорот од Минск и тој да започне во целост да се спроведува.
Дебатата за Украина на самитот на Европската унија во четвртокот и петокот е насочена на тоа дали Унијата би требало да испрати сигнал така што ќе ги продолжи санкциите против Русија, наметнати во јули 2014 година или ќе почека неколку месеци и ќе види како се спроведува прекинот на огнот.
Од претходно беше соопштено дека ЕУ е подготвена да наметне дополнителни мерки против Русија, доколку тоа е потребно, но челниците на некои земји членки соопштија дека построгите мерки ќе бидат преземени само доколку рускојазичните бунтовници сериозно го нарушат мировниот договор од 12-ти февруари постигнат во Минск, со напад врз стратешкото пристаниште Мариупол, кој инаку е град со доминантно руско и рускојазично население но од април 2014 година е под контрола на украинските сили, или со сличен потег.
„Мислам дека нема изгледи за договор за нови и пошироки санкции против Русија следната седмица“, изјавил за Reuters неименуван дипломат од Европската унија.
На состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, кои по правило му претходи на самитот на Унијата, Украина нема да биде тема./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.