Европа
Педесет камиони од хуманитарниот конвој се вратија во Русија
Камионите коишто ја доставија хуманитарната помош во источниот украински град Луганск, еден од центрите на проруските бунтовници, и покрај заканите од Киев и САД, почнаа празни да се враќаат на Русија, а вицепремиерот на самопрогласената Народна Република Луганск, Василиј Никитин изрази надеж дека руската помош во храна и лекови и натаму ќе продолжи.
„Во нашата република речиси не останаа прехранбени продукти, и ние се надеваме дека Русија нема да нé остави во таква состојба и со толку малку продукти, како и дека хуманитарните конвои ќе станат вообичаени. Се надеваме на помош и со нетрпение ја очекуваме“, изјави Никитин за РИА Новости.
Според него, ситуацијата со прехранбени продукти во Луганската област е многу тешка. И покрај тоа што е сезона на собирање на родот, тоа е невозможно и пазарите остануваат празни поради постојаниот артилериски оган и пожарите кои потоа избувнуваат. Неколку стотиците илјади жители на Луганск покрај тоа што повеќе од две седмици беа без електрична енергија, вода за пиење и лекови, одвај преживувале со резервите од храна, вели Никитин. Според вицепремиерот на непризнаената република, помошта во храна којашто пристигна од Русија на населението ќе му биде распределена подоцна во саботата.
Во меѓувреме првите педесетина камиони кои го доставиле својот товар во Луганск веќе се вратиле на руска територија, пренесува агенцијата. Притоа тие повторно ја минале царинската проверка на пограничниот премин „Донецк“, крај истоимениот град на руската страна од границата.
Рускиот хуманитарен конвој со 287 камиони и околу две илјади тони продукти, главно вода за пиење, лекови, брашно, храна за бебиња и генератори, на 14-ти август дојде на рускиот дел од границата и до 21-ви август го чекаше одобрувањето на украинската страна и проверката извршена со посредство на претставници на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Во петокот навечер министерството за надворешни работи на Украина, и покрај контроверзните одговори на прозападните власти во Киев во врска со дозволата за доставувањето на помошта во Луганск, тоа го квалификуваше како „кршење на меѓународните норми“ и ги повика своите меѓународни партнери да ја осудат Русија.
Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен издаде писмена изјава во кој наведе дека „Влезот на тој конвој без украинско одобрување и каква и да е врска со Меѓународниот комитет на Црвениот крст, претставува очигледно кршење на меѓународните обврски на Русија и дополнително руско кршење на украинскиот суверенитет“. Според него, непочитувањето на меѓународните хуманитарни начела ја доведува под сомнеж целта на тој конвој, посебно, како што рече, „дали станува збор за помош на цивилите или транспорт на опрема на вооружените сепаратисти“.
САД, исто така, побараа од Русија да го повлече хуманитарниот конвој од областите коишто се под контрола на бунтовниците во источна Украина, обвинувајќи ја Русија за „флагрантно кршење на суверенитетот на соседната земја“ заканувајќи се засилени санкции.„Испраќањето на камиони претставува руско кршење на суверенитетот и територијалната целост на Украина“, рече вицеадмиралот Џон Кирби, портпарол на Пентагон. Според него, Русија не може да испраќа свои возила и персонал во Украина без дозвола на Киев.
На обвинувањата и заканите министерството за надворешни работи на Руската Федерација одговори со соопштение во кое наведе дека „исцрпени сите обиди за одолговлекување и попречување на испораката на помош за цивилното население во областа каде што се случува хуманитарна катастрофа“. Руската дипломатија потсети притоа дека „мисијата се подготвуваше долго време и во целосна транспарентности и соработка со украинската страна и Црвениот крст“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Напад со ХИМАРС врз Белгород, гори нафтено складиште во Луганск, се шират снимки
Украина изврши ноќни напади врз термоцентрала во рускиот регион Белгород и складиште за нафта во окупираниот Луганск, според руските власти и снимки од очевидци објавени на социјалните медиуми. Нападите го прекинаа снабдувањето со електрична енергија во делови од Белгород, објавува „Киев Индепендент“.
Според локалните канали на Телеграм, Белгород, град на само 34 километри од украинската граница, бил погоден од повеќекратни ракетни системи HIMARS. Се вели дека целта била термоцентралата на градот. Вјачеслав Гладков, гувернерот на регионот Белгород, подоцна објави дека „масивниот ракетен напад“ ја таргетирал енергетската инфраструктура во и околу градот.
It’s lights out in Belgorod again. It is clear that russia cannot protect this city. It should be surrendered to Ukrainian forces who can provide better protection.
Fact: None of this would’ve happened if I had been the president of russia. pic.twitter.com/7HIGxDYhy5
— Rock – NAFO Raccoon (@NAFORaccoon) February 26, 2026
„Нанесена е сериозна штета на енергетската инфраструктура. Ова доведе до прекини на електричната енергија, прекини во снабдувањето со вода и проблеми со греењето“, рече Гладков. „Киев Индепендент“ не можеше независно да ги потврди тврдењата во времето на објавувањето.
Истата ноќ, беа објавени фотографии и видеа од запален складиште за нафта во Луганск, кој е под руска окупација од 2014 година. Локалните жители објавија дека на пожарот во фабриката му претходеле низа експлозии.
Руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта соборило 95 украински беспилотни летала над различни региони на земјата. Украина редовно напаѓа воена инфраструктура длабоко на руска територија и на окупирани територии за да ја ослаби борбената моќ на Москва. Киев ги смета нафтените објекти за легитимни воени цели бидејќи тие директно ги финансираат воените напори на Русија.
Нападите доаѓаат во време кога Русија води сопствена кампања за уништување на енергетската мрежа на Украина во текот на есента и зимата, оставајќи илјадници луѓе низ цела Украина без греење и електрична енергија.
Европа
Работник згмечи автомобил на депонија во Минхен: Не забележал дека има човек внатре
82-годишен Германец загина во автомобил смачкан од кран што се користи за сечење и дробење стари автомобили во отпад во минхенскиот округ Оберзендлинг во среда попладне.
Според полицијата, автомобилот бил закажан за уништување, а се верува дека човекот влегол во возилото незабележано. Во моментот на несреќата, 60-годишен вработен во компанијата управувал со тешка машина што се користи за дробење стари автомобили.
Работникот прво го смачкал покривот на возилото со кранот, а потоа го превртел на покривот. Дури тогаш, според полицијата, сведок забележал дека во автомобилот има лице, објавува Би-Би-Си.
82-годишникот претрпел смртоносни повреди кога покривот на возилото бил смачкан. На местото на настанот биле повикани служби за итни случаи. Интервенирале пожарникари, работници на брзата помош и полиција. Пожарникарите морале да користат специјална опрема за да го извлечат телото од автомобилот.
Според портпаролот на полицијата, возилото не му припаѓало на починатиот маж. Се верува дека 82-годишникот, кој живеел во Минхен, дошол на местото за да собира старо железо. Сообраќајната полиција во Минхен започна истрага за околностите на несреќата.
Европа
Полска сака да ги забрани социјалните мрежи за деца под 15 години
Полска планира да воведе закон со кој ќе им се забрани на децата под 15 години да користат социјални медиуми и ќе ги направи платформите одговорни за проверка на возраста на корисниците, изјави министерката за образование Барбара Новацка во интервју објавено денеска, објави Ројтерс.
Владејачката Граѓанска коалиција ќе презентира нацрт-предлог со кој ќе се изрекуваат казни за платформите што остануваат достапни за помладите корисници. Новацка додаде дека законот би можел да стапи во сила на почетокот на 2027 година. „Гледаме последици за менталното здравје на децата и младите, како и пад на нивните интелектуални способности“, рече Новацка, истакнувајќи дека нивото на казните за компаниите сè уште се дискутира.
Неколку европски влади, вклучувајќи ги Данска, Грција, Франција, Шпанија и Велика Британија, разгледаа слични ограничувања поради тврдењата дека социјалните медиуми се штетни или предизвикуваат зависност кај малолетниците. Владата на Велика Британија објави во јануари дека разгледува ограничувања за заштита на децата на интернет, откако Австралија спроведе слични закони во декември.
Иницијативата би можела да ја доведе Варшава во конфликт со американските технолошки компании како „Мета“ или „Икс“ на Елон Маск. Некои од тие компании се спротивставија на ограничувањата откако Австралија воведе забрана минатата година.

