Европа
Путин ја обвини ЕУ дека замижува пред воените операции против цивили во Украина
Рускиот претседател Владимир Путин изјави во понеделникот во Јакутск дека Украина отвора оган врз цивилни населби, а дека Европската унија го затвора очите и се прави дека не го гледа тоа, и притоа изрази надеж дека ќе надвладее здравиот разум на Западот во однос на наметнувањето на дополнителните санкции против Русија.
„Украинските сили гi опколија големите населени места и намерно отвораат оган врз станбените населби. За жал, тоа не сакаат да го видат многу земји, ниту Европа“, истакна рускиот претседател Владимир Путин.
Се осврна и на заканата со нови поостри санкции против Русија, откако челниците на Европската унија на вонредниот самит во саботата навечер во Брисел ја задолжија Европската комисија да подготви нов сет санкции поради влошувањето на ситуацијата во Украина, за што ја обвинуваат Москва со нејзино наводно директно воено интервенирање.
Комисијата треба да ги подготви новите мерки во рок код седум дена, а тогаш за тоа треба да се изјаснат челниците на 28-те земји членки. Како што се забележа од изјавите од неделата на неколку шефови на влади од земји на ЕУ, како на пример Словачка, Чешка и Кипар, кои се чувствуваат загрозени енергетски и економски со дополнителните санкции против Русија, постои колебање во однос на новите мерки во рамките на Унијата.
„Се надевам дека ќе надвладее и оти ќе победи здравиот разум, како и дека ќе работиме во нормален современ режим и дека ниту ние, ниту нашите партнери, нема да ги поднесеме трошоците на тие меѓусебни судири“, рече Путин, пренесе Итар-Тасс.
Претходно во понеделникот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, исто така, зборуваше за најавените нови европски санкции кои беа поздравени од САД, и порача дека Москва ќе мора да одговори на нив, но дека нејзиниот пристап не е во стилот „око за око, заб за заб“. Според Лавров, Русија „постојано повикува да се слушне гласот на разумот, но тој сé уште не успеал да допре“.
САД и ЕУ не го признаваат присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим на Руската Федерација, што го сметаат за руска анексија на украинска територија, и ја обвинуваат Москва за мешање и интервенирање во конфликтот во Украина. Русија упорно ги негира обвинувањата и ги карактеризира како неприфатливи и непоткрепени со аргументи. Од март Западот веќе неколкупати воведуваше санкции против руски политичари, деловни луѓе и компании, на што Русија одговори со воведување забрана за увоз на прехранбени продукти од западните земји./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.