Европа
Тајни затвори на CIA: Затвореник од Гвантанамо бара статус на жртва во Литванија

Саудиец затворен во злогласниот американски затвор во воената база во кубанскиот залив Гвантанамо, кој можеби престојувал во таен затвор на американската Централна разузнавачка служба (CIA) во Литванија, побара статус на жртва во литванската истрага за постоење на тој затвор, соопшти во понеделникот неговата адвокатка.
Стекнувањето на статус на жртва би му овозможило на сега 47-годишниот Мустафа ал-Хавсави да добие пристап до истражните акти, изјавила за AFP неговата адвокатка Ингрида Ботјриене, три дена откако е поднесено официјалното барање пред судот во литванската престолнина Вилнус.
Ботјриене тврди дека извештајот на американскиот Сенат објавен во декември 2004 година ги потврдува сомнежите дека нејзиниот клиент бил затворен во таен затвор во Литванија пред во 2006 година да биде преместен во Гвантанамо.
Американскиот Сенат во својот извештај, во кој се открива дека CIA во испитувањето на затворениците применувала свирепи методи, не откри име на ниедна земја во која имало такви затвори, но активистите за човекови права истакнуваат дека центарот со кодно име „Виолет“ дејствувал во Литванија 2005/2006 година.
Литванското државно обвинителство во април 2015 година покрена истрага за постоењето на тајните затвори на CIA за осомничените припадници на терористичката организација Ал Каеда.
На Мустафа ал-Хавсави, заробен во Пакистан 2003 година, му се заканува смртна казна доколку биде прогласен за виновен за вмешаност во нападите од 11-ти септември 2001 година во САД./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин