Европа
Во Париз по терористичките напади забранија снимање трилер сцени на улиците
Властите на француската престолнина по серијата терористички напади во првата седмица од јануари годинава забранија на улиците на Париз снимање сцени за акциони филмови и трилери, во која актерите се во униформи во полицијата, армијата или безбедносните служби.
Забраната е воведена поради стравувањата дека актерите може да бидат сфатени за вистински припадници на безбедносните сили и служби, поради што може да станат и цели на терористите, а исто така може да предизвика паника кај жителите на Париз.
„Има проблеми со сцени во кои се вклучени припадници на безбедносните сили, бидејќи актерите во такви униформи може да станат цел на терористите. Покрај тоа, може да ја вознемират јавноста, особено во овој период на напрегнатост“, изјави полициската службеничка Силви Барно за агенцијата Associated Press.
Според неа, засега не се знае колку долго ќе биде на сила споменатата забрана за снимање на такви сцена на париските улици. Припадниците на специјалните сили на органите за спроведување на редот и безбедноста сé уште се распоредени на улиците на Париз, особено пред синагогите, редакции на медиуми, големите трговски центри, државни институции и други јавно простори и туристички атракции.
Во Париз, инаку, неодамна беа снимени повеќе акциони филмови „Луси“ на Лук Бесон, „All You Need Is Kill“, „Борновиот идентитет“, „Ронин“, во коишто беа вклучени сцени на бркотници и престрелки по париските улици.
Снимањата на некои филмови веќе се запрени. Меѓу нив е „Flics Tout Simplement“, во кој има сцена на полицаец пред училиште. „Да, требаше да ја снимиме таа сцена, но не ни дозволија. Се разбира, треба да ги почитуваме новите правила, и го изменивме планот за снимање“, изјави за агенцијата режисерот Стефан Гилме.
„Ова може да се одрази негативно врз големите американски филмаџии. Сега не е најдобриот момент да се преземе таков чекор. Дури и доколку Стивен Спилберг би сакал да сними масовна сцена со полиција и престрелка на улиците во јануари, јас сум убедена, тоа немаше да се случи“, истакнува претставник на организацијата „Mission Cinema“ во Париз.
Низата терористички акти во Париз започна на 7-ми јануари со нападот врз редакцијата на сатиричниот магазин Charlie Hebdo поради објавување на карикатури на пророкот Мухамед кога беа убиени 12 луѓе, а во следните три дена беа убиени и една полицајка и уште четворица заложници во еврејски супермаркет. На 9-ти јануари во полициските операции против на напаѓачите, беа ликвидирани тројцата напаѓачи кои се декларираа како блиски на џихадистичките терористички организации од Блискиот исток.
Во вторникот во Ница, во напад со нож беа ранети тројца војници кои стражареле пред влезот на еврејскиот културен центар во овој јужен француски град. Еден од напаѓачите беше совладан и приведен, додека две лица кои се сметаат за помагачи избегале. Кај уапсениот се пронајдени лични документи со презимето Кулибали, исто како и напаѓачот од еврејскиот супермаркет во Париз./крај/мф/сн
Извор: Associated Press
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

