Регион
Кај Рио најден автомобилот што го изнајмил грчкиот амбасадор, со изгорено тело

Полицијата во близина на Рио де Жанеиро го пронашла автомобилот кој бил изнајмен од исчезнатиот амбасадор на Грција во Бразил, Киријакос Амиридис, објавија ноќта кон петокот извори од локалните власти.
Како што пренесе бразилската телевизија Globo, во автомобилот кој има исти регистарски ознаки како возилото кое го изнајмил дипломатот, бил откриено изгорен човечки труп. Останките се испратени на експертиза во институтот за судската медицина Нова Игуашу.
Полицијата верува дека телото откриено кај обиколницата на мегалополисот е на 59-годишниот грчки дипломат, но неименуван полициски функционер за порталот на RJTV изјавил дека ќе го чекаат извештајот на лекарите.
Според првичните сознанија на полицијата, грчкиот амбасадор последен пат бил виден во Рио де Жанеиро, вечерта на 26-ти декември. За исчезнувањето на дипломатот полицијата ја известила неговата сопруга, која останала да пазари во трговски центар.
Полицијата засега не исклучува ниедна трага, но се сомнева дека станува збор за киднапирање, бидејќи немало јавување со барање за откуп. Се проверуваат неговиот мобилен телефон и кредитните картички .
Амиридис, како и другите претставници на дипломатските мисии, работат во главниот град Бразилија. Според медиумите, тој во Рио де Жанеиро ги минувал божикните и новогодишните празници.
Од амбасадата на Грција во Бразилија за медиумите потврдиле дека амбасадорот Амиридис се наоѓа на одмор, и дека треба да се врати на 9-ти јануари.
Амиридис работел како генерален конзул во Рио де Жанеиро од 2001 до 2004 година, а од јануари 2016 година стапил на амбасадорската должност./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Владата на Република Српска по налог на Додик ги прекина односите со САД и Британија

Владата на Република Српска денеска донесе одлука за прекин на соработката со амбасадите на САД и Велика Британија во БиХ, на што американската страна веднаш одговори со порака дека тргнале по „опасен пат“.
Прекин на соработката со американските и британските дипломати во Босна и Херцеговина, претходно најави претседателот на Република Српска Милорад Додик, кој е под санкции на САД и Велика Британија од 2017, односно 2022 година, откако Вашингтон и Лондон одлучија да го казнат за сепаратистичка реторика и поткопување на Дејтонскиот договор и корупција.
Оттогаш Додик е во постојана вербална војна со дипломатските претставници на овие две влијателни западни земји, а сега ги наведе властите на РС да донесат одлука да ја прекинат комуникацијата со нив под обвинение дека се мешаат во внатрешните работи на БиХ.
„Владата ќе ги информира надлежните органи на САД и Велика Британија за прекин на соработката со амбасадите на САД и Велика Британија поради нивните антидејтонски активности и кршење на меѓународното право“, се вели во денешното соопштение на владата.
Регион
Додик се закани со прогласување на независнот на Република Српска

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска најави дека Српска ќе прогласи независност, доколку високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, го наметне спорниот закон за имот.
„Ќе одиме во Народното собрание на Република Српска и ќе донесеме одлука за независноста на Република Српска“, изјави Додик.
Тој ги коментираше информациите дека Шмит подготвува закон за имот.
Додик претходно изјави дека смета оти прашањето за имотот е решено со Дејтонскиот договор и дека недвижен имот им припаѓа на субјектите, а не на државата БиХ и ја отфрли можноста парламентот на БиХ да донесе закон за државна сопственост, пренесува Танјуг.
Регион
(Фото) Полицајци во Црна Гора мачеле луѓе со струја, ги гушеле, тепале и киднапирале: служеле во кавачкиот клан

Голем број поранешни и активни припадници на полицијата кои, очигледно, биле на платниот список на кавачкиот клан, се уапсени во голема полициска акција спроведена во Црна Гора изминативе денови. Последното апсење на полицајци уште еднаш ја поткрепи тезата дека кавачкиот клан имал силно упориште во безбедносните служби, а ако се земат предвид и оние кои претходно биле приведени, се добива впечаток дека речиси бројчано се еднакви на „реалните „криминалци.

Фото „Либертас“
Судејќи по комуникациите што некои од нив ги имале преку шифрирани телефони, тие киднапирале луѓе и ги држеле во нивните таканаречени станови во барака, ги тепале, им ставале пиштол во уста, ги мачеле со струја, ги гушеле, им се заканувале и ги омаловажувале и кон нив се постапувало нехумано, објави српскиот портал Либертас.

Фото „Либертас“
Петар Лазовиќ и Југослав Југо Раичевиќ, едни од обвинетите, разговарале за тоа со шефовите и членовите на криминалните групи и често им испраќале фотографии од луѓе кои се измачувани.

Фото „Либертас“
Според досега разгледаните материјали на Европол, Лазовиќ ги известувал криминалците Радој Звицер, Дарко Шариќ, Никола Спасојевиќ, членови на криминалната организација на Шариќ, српските криминалци Вељко Беливук и Марко Миљковиќ.
Петар Лазовиќ е во притвор од јули минатата година. Тој е син на поранешниот помошник директор на Полициската управа Зоран Лазовиќ и за него беше понудена милионска кауција за да излезе од затвор. Неколку понуди од неговите адвокати беа одбиени од судот.