Регион
Кипар на Москва и' нуди банки и депозити во замена за пари
Кипарскиот министер за финансии Михалис Сарис изјави во руската престолнина Москва дека Кипар и Русија не успеале да постигнат договор за кредитот кој и’ одобрен на оваа островска земја која се наоѓа пред банкрот, пренесуваат руските медиуми, иако кипарската делегација понудила удели во своите банки и префрлање на сметките во замена за итна финансиска помош
„Разговорите беа многу добри, конструктивни и чесни. Јасно ни е колку е тешка ситуацијата. Ќе ги продолжиме преговорите за да изнајдеме решение коешто ќе ни овозможи поддршка од Русија. Ќе бидеме тука сé додека не постигнеме некаков договор”, истакна министерот за финансии на Кипар, Михалис Сарис по излегувањето од руското министерство за финансии каде што разговараше со колегата Антон Силуанов, додавајќи дека преговорите ќе продолжат на друго место, пренесува РИА Новости.
Извор близок на преговорите, рекол дека Сарис заминал на преговори со рускиот вицепремиер Игор Шувалов. Сарис, исто така, ја откажал планираната прес-конференција во амбасадата на Кипар во Москва.
Според руските медиуми, најверојатно на состанокот ќе учествуваат и челникот на руската централна банка и неговиот заменик.
Кипар побара од Русија петгодишно пролонгирање постоечкиот кредит од 2,5 милијарди евра кој истекува во 2016 година, како и намалување на каматната стапка којашто во моментов изнесува 4,5 отсто. Покрај тоа, според медиумите, Кипар бара и заем од неколку милијарди евра во замена за удел во банките и во енергетските ресурси на земјата.
Во моментов руските компании и банки ја анализираат ситуацијата на Кипар, а меѓу тамошните експерти преовладуваат прогнозите за големо повлекување на средствата од медитеранската островска земја и нивно преселување во други земји.
Во меѓувреме германската канцеларка Ангела Меркел му соопшти на кипарскиот претседател Никос Анастасиадес за време на телефонскиот разговор, дека неговата земја треба да преговара само со „тројката” потенцијални меѓународни кредитори (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд). Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, по одбивањето на кипарскиот парламент да го изгласа еднократното оданочување на банкарските депозити од 6,75 отсто за износи до 100 илјади евра и од 9,9 отсто над таа сума, изјави дека „кипарските банки може воопшто никогаш да не отворат”.
Во таквата атмосфера во Москва, започнаа разговорите меѓу кипарскиот министер за финансии, Михалис Сарис и шефот на руското министерство за финансии Антон Силуанов, во кои учество земаат и претставници на агенциите за енергетика и банкари од двете земји.
Официјално кипарската делегација ќе разговара за условите за продолжување на рускиот кредит од 2,5 милијарди евра, меѓутоа The Wall Street Journal тврди, повикувајќи се на свои извори, дека во игра е предлогот за замена на кипарските активи за руска финансиска помош, како и дека руските енергетски гиганти „Газпром” и НОВАТЕК, коишто претходно не можеа да добијат пристап до кипарските депозити, не се вклучени во преговорите./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.