Регион
Ципрас одби да се сретне со лидерот на отцепената фракција од Сириза
– Некогашните сопартијци Лафазанис (л.) и Ципрас со засебни платформи на изборите
Грчкиот премиер на заминување Алексис Ципрас одби да се сретне со челникот на отцепената фракција од неговата Сириза и поранешен министер за енергетика Панајотис Лафазанис кој формираше нова пратеничка група веднаш откако Ципрас го врати мандатот и да разговара за укинување на бонусот за победничката партија.
Грчкиот премиер на заминување Алексис Ципрас одби да се сретне со челникот на отцепената фракција од неговата Сириза и поранешен министер за енергетика Панајотис Лафазанис кој формираше нова пратеничка група веднаш откако Ципрас го врати мандатот и да разговара за укинување на бонусот за победничката партија.
Панајотис Лафазанис, кој со 25 одметнати пратеници на Сириза ја формираше парламентарната група Народно единство, во понеделникот од шефот на државата Прокопис Павлопулос го доби тридневниот рок да се обиде да состави влада откако претходно таквиот мандат го врати водачот на втората партија во парламентот, конзервативната Нова демократија, Вангелис Меимаракис.
Како што соопшти доцна ноќа во понеделникот службата за односи со јавноста на владата во оставка, во рамките на мандатот за формирање влада Лафазанис му се јавил на Ципрас и му предложил средба.
„Премиерот побара од Лафазанис дали смета дека таквата средбата ќе придонесе за формирање влада. Лафазанис одговори негативно, истакнувајќи дека сепак тој би сакал на премиерот да му ги претстави предлозите во врска со изборното законодавство и со политичкиот систем во земјата. Премиерот одговори дека таквите предлози се добредојдени, но по завршувањето на мандатот за формирање на владата, бидејќи во ова време единственото прашање на средбите на политичките лидери може да биде формирањето на владата се вели во соопштението дистрибуирано до медиумите.
Ципрас во неделата ја осуди тактиката на Меимаракис и на челникот на крајно левата фракција во Сириза, Лафазанис, кој повика на формирање широк демократски фронт против договорот со доверителите веднаш по оставката на премиерот. Ципрас, имено, сака изборите да се одржат што поскоро, се споменува датумот 20-ти септември, користејќи го својот сé уште висок рејтинг за да ја зацврсти својата позиција во новата влада.
Лафаназис, пак, во својата изјава истакнува дека Ципрас одбил да се сретне со него во рамките на преговорите за формирање влада. „За жал, оваа вообичаена средба, којашто се одржува во рамките на демократските институции (на власта), се покажа невозможна поради негативниот став на Ципрас“, се вели во соопштението на партијата Народно единство, која сега е третата по бројност партија во грчкиот парламент.
„Во врска со тоа Лафазанис јавно ги изнесува предлозите за коишто би сакал да разговара со Ципрас, како и со челниците на другите парламентари партии. Особено, Лафазанис бара во најскоро време во парламентот да се дискутира и да се гласа за измена на изборниот закон за бонусот од 50 мандати за партијата која ќе победи на изборите и за воведување на едноставниот пропорционален систем“, се истакнува во соопштението.
Според грчките изборни правила, партијата којашто ќе освои најголем број гласови на изборите, добива бонус од 50 места во парламентот, што во минатото беше оправдувано со потребата да се добие мнозинство за формирање стабилна влада за да се избегнат долготрајни преговарања и можност по нивниот неуспех да се оди од избори во избори. Но тоа дава голема предност и при победа со мала разлика во гласовите на изборите, и оваа одредба во Грција е критикувана од многу партии кои бараат нејзина измена.
„Овој предлог беше вклучен во програмските определби на Сириза, и сметаме дека тој треба да биде ставен на гласање од сите партии и пратеници со цел да се осигури дека изборниот закон според кој ќе се одржат претстојните избори, демократски и директно ќе ја изразува волјата на грчкиот народ“, истакнуваат натаму од партијата на Лафазанис.
Лафазанис претходно разговарал за можноста за укинување на бонусот од 50 мандати и со челникот на партијата Потами (Река), Ставрос Теодоракис.
Во изјавата за новинарите по средбата, Лафазанис изјави оти смета дека изборите треба да се одржат не порано од 27-ми септември, период во кој на избирачите би требало да им се објаснат сите последици од договорот со меѓународните доверители за третата програма финансиска помош за земјата, како и кои закони ќе треба да бидат донесени во октомври во согласност со тој договор.
Лафазанис и повеќе од 30 пратеници на крајната левица од коалицијата Сириза гласаа против договорот со доверителите, што беше нејзина изборна платформа на коишто ги освои исто така предвремените избори на 25-ти јануари годинава. Тоа предизвика Ципрас да ја добие поддршката од 118 пратеници од Сириза, помалку од минимумот 120 мандати за малцинска влада, а договорот беше изгласан благодарејќи на поддршката на опозициските партии, и создаде раскол во владејачката партија.
Според грчките медиуми Лафазанис во понеделникот поднел документација за регистрација на новата партија, со којашто има намера да излезе на изборите со заложбите за излегување на Грција од еврозоната и раскинување на сите меморандуми со доверителите.
Се очекува во четврток или петок претседателот Павлопулос да ги распише предвремените парламентарни избори и формирање техничка или службена влада. До претседателскиот указ и одредувањето на датумот за одржување на изборите, парламентот може да носи закони, и покрај оставката на премиерот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.