Регион
Дачиќ: Инцидентот на натпреварот е осмислена политичка провокација
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ оценил дека инцидентот на фудбалскиот натпревар Србија – Албанија е осмислена и однапред испланирана политичка провокација, пренесува Танјуг.
Дачиќ смета дека Србија не сноси никаква одговорност за прекинот на натпреварот.
„Ова никогаш не се случило на еден фудбалски натпревар и однапред е подготвено. За мене е централно прашање како би реагирале Европската унија и УЕФА, доколку некој од Србија развиори знаме на „Голема Србија“ во Тирана или Приштина, и тоа веднаш би било на дневен ред на Советот за безбедност на Обединетите нации. Во овој инцидент особено е спорен фактот што ова беше направено од премиерот на Албанија, кој тука треба да ни биде гостин. Сè ова става една политичка димензија на цел случај и ова е политичка провокација“, рекол Дачиќ за Blic.
Тој додал дека и за време на вчерашниот ден, дипломатите од ЕУ вршеле притисок до српските органи за да ги пуштат албанските навивачи на стадион, иако немале билети.
Според српскиот министер, Србија не сноси никаква одговорност за прекинот на натпреварот, кој се случи по провокацијата од албанските навивачи, кои на беспилотно летало прикачија знаме на т.н. „Голема Албанија“, а после ова на теренот дојде до брканици и тепачки.
Братот на албанскиот премиер Еди Рама, Олси Рама, за кого се смета дека е организатор на инцидентот, по натпреварот најпрво беше задржан, а потоа ослободен од српските власти.
Големиот инцидент се случува во екот на навестувањата за подобрување на односите меѓу Србија и Албанија, а во пресрет за најавената посета на албанскиот премиер Рама на Белград на 22-ри октомври, што би била прва посета на албански премиер на Србија во последните 70 години./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

