Регион
Давутоглу ги осомничи екстремистите за експлозиите во Анкара
Турскиот премиер Ахмет Давутоглу изјави дека за организацијата на експлозиите во кои во саботата утрото во престолнината Анкара загинаа најмалку 86 луѓе а повеќе од 186 се ранети, кои се квалификувани како терористички напад, се осомничени екстремистичките групации како Исламската држава Работничката партија на Курдистан (PKK) како и екстремната Револуционерната партија/фронт за ослободување на народот (DHКP-C).
Две експлозии во интервал од три секунди одекнаа околу 10 часот на двете страни од главната железничка станица во Анкара на самиот почеток од протесниот марш против труско-курдскиот конфликт во југоисточна Турција. Според премиерот Ахмет Давутоглу, постојат докази дека нападот го извеле двајца бомбаши самоубијци.
„Потенцијалот да изведат таков терористички напад имаат Исламската држава, PKK и DHКP-C и Марксистичко-ленинистичката комунистичка партија. Истрагата продолжува“, изјави Давутоглу за новинарите во Анкара.
Во меѓувреме забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) објави дека на своите герилци им порачала да ги сопрат сите воени активности, во врска со експлозиите во Анкара.
Ситуацијата во Турција ескалираше откако Исламската држава на 20-ти јули во Суруч на границата со Сирија изведе терористички напад во кој беа убиени 33 прокурдски активисти кои се подготвуваа да заминат за сирискиот курдски град Кобане за негово обвинување откако од него беа одбиени џихадистите кои го опсадуваа со месеци. Истовремено во југоисточна Турција беа пронајдени застрелани двајца полицајци, за што беше обвинета PKK. Анкара оттогаш започна во воздушни удари врз курдските бази во северната ирачката покраина Ирачки Курдистан, на што курдските герилци возвраќаат со напади во југоисточна Турција и во тие акции убиле повеќе од 130 турски војници и полицајци. Во воздушните напади кои Турција ги започна 24-ти јули во северен Ирак биле убиени над илјади курдски борци, според Анкара./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

