Регион
Грците на референдум на 5-ти јули ќе се изјаснат за предлогот на доверителите
Грчкиот премиер Алексис Ципрас го одреди 5-ти јули како датум на кој ќе се одржи референдум на кој ќе биде поставено прашањето да се прифати или не предлогот на грчките доверители за дополнително петмесечно финансирање на земјата во замена за реформите кои треба да доведат до нови буџетски заштеди.
По пет месеци преговори, во текот на кои левичарската влада во Атина се обиде да договори нови услови за странската финансиска помош кои нема да ги вклучуваат непопуларните мерки за строго штедење, институциите на кредиторите (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд – з.м.) почнаа да поставуваат неприфатливи предлози и ултиматуми, кои не се во согласност со принципите на Европската унија, рече во телевизиското обраќање до нацијата доцна ноќта ко саботата, грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Тој претходно вечерта се врати во Атина од Брисел, и одржа вонредна седница на владата на којашто се дискутираше за последните предлози изложени од страна на грчките доверители.
Претходно во петокот вечерта беше објавено дека грчката влада го отфрлила последниот предлог на доверителите, кој германската канцеларка Ангела Меркел го нарече „великодушен“ .Имено, грчките доверители предложиле петмесечно продолжување на сегашната програма за надворешна финансиска помош до крајот на ноември, во комбинација со финансиската инјекција од 15,5 милијарди евра. За возврат, од Грција бараат да прифати и спроведе реформи за постигнување буџетски заштеди, во прв ред во пензискиот и даночниот систем.
Според Ципрас, овие предлози претставуваат поткопување на суверенитетот на земјата, ќе доведат до намалување на пензиите, платите, зголемување на даноците и се неприфатливи за владата. „Нивната цела беше да се потчинат граѓаните“, рече премиерот на Грција, кој претходно во Брисел ги оцени предлозите како „ултиматум и уцена“.
Според Ципрас, Грците ќе мора да го изразат својот став за планот кој го подготвиле кредиторите за надминување на должничката криза на земјата во замена за реформите, „Тие предлози, кои јасно ги кршат европските правила и правата на вработување, еднаквост и достоинство, покажуваат дека целта на некои наши партнери не е да се постигне договор на сите страни, туку, можеби, целта е да се понижи цел еден народ“, го цитира Reuters грчкиот премиер. „Ние сме обврзани да одговориме на ултиматумите врз основа на суверената волја на народот“, истакна Ципрас.
Поради тоа, грчката влада одлучила да го постави на референдум прашањето – дали се согласувате со предлозите на кредиторите. „Референдумот ќе се одржи во недела, на 5-ти јули. Во сабота ќе се одржи вонредна седница на парламентот“, рече Ципрас.
Додаде дека за тоа ги информирал политичките лидери во земјата, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд, со кои имаше заедничка средба во петокот утрото, пред почетокот на европскиот самит во Брисел.
Ципрас ги повика сите Грци да донесат одговорна одлука „за суверенитетот, независноста, иднината на земјата“.
Според оцената на државниот секретар Никос Папас, народот ќе се изјасни против предлогот на кредиторите. Тој потврди за грчките медиуми дека е планирано да продолжат консултациите со претставниците на ЕК, ЕЦБ и ММФ. Ципрас, исто така, рече дека ќе побара на неколку дена да биде одложена исплатата на јунскиот долг кон ММФ од 1,6 милијарди евра, чиј рок истекува на 30-ти јуни./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Српските патници кои беа евакуирани од Дубаи: „Ни рекоа за 15 минути да се спакуваме“
Авион на „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати со 200 државјани на Србија слета утрово во Белград. Тоа е првиот лет кон Србија по прекинот на летовите поради тензиите на Блискиот Исток.
Како што пренесе РТС, една патничка која утрово слетала во Белград патувала од Кенија преку Дубаи. Таа изјавила дека околу три часа ги „држеле горе на небото“, по што слетале.
Двојка од Бачка Паланка допатувала од Малдивите.
„Слетавме во Дубаи и патувањето требаше да продолжи понатаму. Авионот полета, кружеше некое време и повторно се врати на аеродромот во Дубаи од безбедносни причини. Во меѓувреме се случи тоа што се случи со Иран“, изјавиле патниците за РТС.
На прашањето дали почувствувале страв, тие одговориле дека не.
„Не, бевме сместени во еден хотел кој е на околу 20 километри од центарот на градот, така што слушнавме некои детонации, но не се плашевме, имавме прекрасна група“, велат тие.
„Прво се јавивме во нашата амбасада, која направи список на патници што се најдоа на аеродромот во Дубаи, дури и амбасадорот нè посети во хотелот и му благодариме за тоа. Имавме идеални услови во хотелот и чекавме да нè известат за враќањето, а буквално ни беше кажано за 15 минути да се спакуваме“, навеле патниците.
Регион
Авион од Дубаи слета во Белград, евакуирани 200 српски државјани
Авион од Дубаи со 200 српски државјани слета денес во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток.
Првиот авион со 200 патници полета од аеродромот во Дубаи синоќа, објави Радио телевизија Србија (РТС).
Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по суспензијата на воздушниот сообраќај, полетал околу 23:30 часот по централноевропско време.
Авионот е Боинг 737 MAX 8, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата „Флајдубаи“.
Во меѓувреме, авиокомпанијата Емирати објави дека го продолжува сообраќајот со реализација на ограничен број летови.
„Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови ќе бидат контактирани директно од компанијата Емирати“, се вели во соопштението.
Компанијата ги повика патниците да не доаѓаат на аеродромот освен ако не бидат однапред известени, додавајќи дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.
Летовите беа откажани поради американско-израелската воена кампања започната во саботата против Иран, во која загинаа неколку високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи.
Како одговор, Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз неколку земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени објекти.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

