Регион
Хаос со анкетите пред референдумот во Грција
Најголемите грчки медиуми објавија резултати од испитувања на јавно мнение за кои се тврди дека не се веродостојно и кои укажуваат дека мнозинството од Грците ќе гласаат за предлозите на доверителите на референдумот на 5-ти јули, а компанијата GPO (Greek public opinion), од чие име се објавени анкетите, најави дека „со сите законски средства“ ќе ги заштити своите интереси, а набљудувачите ситуацијата ја карактеризираа како „сомнителни политички игри“.
Имено на 1-ви јули во медиумите во Грција се појави анкета според којашто „за“ на референдумот одлучни да гласат се 43,3 отсто од избирачите, а со „не“ се 39,9 проценти, Со оглед на процентот на неопределените, медиумите го распределија процентот на оние коишто ќе ги поддржат предлозите на доверители на 47,1 отсто, а на оние кои ќе бидат против на 43,2 отсто.
Оваа анкета, во којашто GPО беше наведена како извор, беше објавено во десетици медиуми, по што следеше демант од компанијата, „Без знаење на GPO, и без какво и да е учество на компанијата во медиумите беа објавено информации до фрагментарно истражување на истражувачкиот оддел во врска со референдумот од 5-ти јули. Во врска со тоа, GPО објавува дека не носи никаква одговорност и ќе ги примени сите законски средства за заштита на своите интереси“, се вели во соопштението објавено во четвртокот на интернет страницата на компанијата.
Компанијата, исто така, истакнува дека законот дозволува да се информира јавноста за резултатите од истражувањето на јавното мнение, но оти тоа треба да биде сторено со учество на компании специјализирани за правење анкети, „особено сега кога грчкиот народ се соочува со важна одлука“.
Според анкетата објавена во средата, се покажа дека односот кон референдумот брзо се менува. Така, до затворањето на банките и ограничување на сумата која дневно може да се повлече од банкоматите во понеделникот, 57 отсто од анкетираните беа подготвени да гласаат со „не“, 30 отсто ќе ги подржеа предлозите на кредиторите а 13 проценти беа неопределени.. По објавувањето на одлуката за затворање на вратите на банките, процентот на противниците на предлогот на доверителите се намали до 46 отсто, а оние кои ќе гласаат да се прифати се искачи на 37 отсто, исто така со 13 отсто неопределени.
Весникот Ethnos во петокот ја објави анкетата на институтот ALCO, според којашто предлогот на кредиторите ќе го поддржат 41,5 отсто од испитаниците, а нема 40,2 отсто. Од друга страна, и агенцијата Reuters пренесе исто така на институтот ALCO, анкета според којашто 44,8 отсто од гласачите ќе гласаат за прифаќање на понудата на меѓународните кредитори, додека против биле 43,4 отсто, со досега неизјаснети 11,8 отсто од испитаниците.
Според овие последни анкети, дошло до остар пресврт во расположението на грчките избирачи кои во претходните анкети до минатата седмица во значително мнозинство беа против прифаќањето на понудат на доверителите, како што инсистира и левичарската влада предводена од премиерот Алексис Ципрас.
Аналитичарите оваа промена на расположението на гласачите ја толкуваат со стравувањата и најавите дека доколку на рефереднумот победи „не“ за предлогот на кредиторите, банките ќе затворат, како и по острото предупредување на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – еден од доверителите), дека Грција во тој случај може да се соочи со финансиска бездна.
ММФ, која учествува во сите пакети од досегашната финансиска помош за Грција, во четвртокот вечерта потсети дека на земјата во наредните три години ќе ѝ бидат потребни 50 милијарди евра, вклучително и 36 милијарди евра од нејзините европски партнери, за да се одржи, како и итно реструктуирање на долгот.
Грција во моментов нема пари за финансирање на своите внатрешни и надворешни обврски, а партнерите од ЕУ и ММФ бараат нови жестоки реформи во замена за продолжување на неопходната финансиска помош за земјата којашто технички е во банкрот, откако не успеа да ги исплати 1,6 милијарди евра од јунските рати кон ММФ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.