Регион
Кери ја повика косовската опозиција да не фрла солзавец во парламентот
Американскиот државен секретар Џон Кери ги повика во средата во Приштина пратениците на косовската опозиција да престане да растура солзавец во парламентот, а младите ги повика на борба против корупцијата, исламскиот радикализам и етничките поделби.
Во посета на Приштина американскиот државен секретар Џон Кери се задржа кусо време, за да ја изрази загриженоста на западните земји поради бавноста на демократските процеси на Косово, кое минува низ длабока политичка криза со одбивањето, особено на опозицијата, да се почитува договорот за нормализација на односите со Србија, посебно во делот на договорената Заедница на српски општини, чиј покровител е Европската унија. Исто така, голем проблем за властите во Приштина е корупцијата, како и безредијата и опструкцијата на работата на парламентот од страна на опозицијата која на пленарните седници неколкупати фрла солзавец.Опозицијата не го прифаќа договорот од Брисел во кој им се даваат одредени овластувања на косовските општини во кои мнозинство е српското население и право на финансиска помош од Србија, и толкуваат дека тоа ја загрозува независноста на Косово. Албанските власти во поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија во 2008 година со поддршка на САД и главните земји членки на Европската унија еднострано прогласија независност која Србија не ја признава, а договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина со посредство на Брисел се смета за значаен фактор во стабилизацијата на регионот.„Парламентот треба да биде светилиште на демократијата, место на почитувањата, тоа не е место за солзавец и не е место за заплашување. Сите страни треба да се откажат од насилството во јавниот живот и да се обврзат на мирна и конструктивна соработка“, изјави Кери по средбата со косовскиот премиер Иса Мустафа.Американскиот државен секретар притоа го пофали договорот меѓу Белград и Приштина. „Не се залажувајте: нема да поддржиме договор кој би му се заканувал на суверенитетот или безбедноста или независноста на Косово“, порача Кери.Американскиот државен секретар изрази и голема загриженост поради радикализирањето на младите и невработените на Косово од кои, според некои податоци, најмалку 200 ѝ се приклучиле на терористичката организација Исламската држава во Сирија и во Ирак. „Сите мораме да сториме повеќе“, рече Кери алудирајќи на косовската влада, која сепак ја пофали во напорите против радикализацијата./крај/мф/мн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

