Регион
Приштина: Илјадници на закопот на убиените терористи во Куманово
Илјадници косовски Албанци, меѓу кои и припадници на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК – УЧК), присуствуваа во вторникот на закопот на осумте вооружени напаѓачи, косовски државјани, убиени во судирот со македонската полиција, коишто македонските власти но и дел од европските политичари ги прогласија за терористи.
Осумте ковчези прекриени со албански знамиња беа изложени во спортската сала во Приштина, а покрај нив се изменуваше почесна стража на мажи во воени униформи, пренесува AFP.
„Им оддаваме почест бидејќи учествуваа во три војни, на Косово (1998/1999), во долината на Прешево (југот на Србија во 2001), и во Македонија (2001), каде што се бореа за ослободување на окупираните албански територии“, изјавил за AFP претставникот на Здружението на поранешните борци на ОВК, Џавит Јашари.ж
„Иста беше целта на нивната присутност во Македонија“, каде што на 9-ти мај во кумановската населба Дива населба се судрија со македонската полиција кога загинаа и осум македонски полицајци, десет терористи и околу 30 беа заробени.
„Горд сум што го жртвував синот за албанската работа, за Албанците кои немаат никакви права. Неговото семејство е горди што даде маченик за слободата“, вели во репортажата на AFP Ќерим Реџа, чиј син Арбен загина во Куманово. „Гордоста“ што нејзиниот сопруг загинал во судирот не ја сокрива ниту 30-годишната Беса Кастрати, бидејќи нејзиниот маж „умре жртвувајќи се за својот народ“. „Отсекогаш сонуваше слобода за сите Албанци, каде и да живеат“, рекла.
Поинаку размислува пак, забележува агенцијата, 60-годишниот Тим Зумбери кој го загуби синот Џафер: „Да ме послушаше, немаше да замине во Македонија. Зад себе сотави три деца“.
Загинатите се погребани на Гробиштата на мачениците покрај Приштина, каде што се погребани останките на најпознатите припадници на ОВК./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

