Регион
Протести во Нови Сад и барање Војводина да биде република
Членови и симпатизери на Војводинската партија (ВП) и на Војводинскиот клуб, одржаа во неделата во Нови Сад, главниот град на северната српска автономна покраина Војводина, манифестација наречена „Прошетка за Војводина“, по повод 26 година од ткн „јогурт револуцијата“ со која приврзаниците на поранешниот српски челник Слободан Милошевиќ ја урнаа тогашната војводинска власт, и побараа Војводина да стане република во федерализираната Србија, пренесуваат тамошните медиуми.
По шетањето по центарот на Нови Сад, околу двесте приврзаници на војводинските организации се собраа пред зградата на војводинската влада и до државните тела на Србија упатија три барања – за промена на уставот, федерализација на Србија и доделување на Војводина статус на република во федерализираната Србија, пренесе Радио-телевизија Војводина (РТВ).Претседателката на Војводинскиот клуб, Бранислава Костиќ, потсети дека на 5-ти октомври се навршуваат 26 години откако на Војводина ѝ се одземени со уставот гарантираните права на автономија и од кога, како што рече, Војводина оди во провалија. „Војводина не може да биде развиена без целосна и вистинска автономија. Сакаме не само законодавна, судска и извршна власт во Војводина, туку и таа да добие статус на република“, изјави Костиќ.Претседателот на Војводинската партија, којашто не е парламентарна, Александар Оџиќ, истакна дека неговата партија никогаш нема да го прифати уставот на Србија од 2006 година, којшто, според него, ја разорил Војводина. Покрај приврзаниците на идејата за статусот на република за Војводина, прошетка низ Нови Сад за неделата планираа и припадниците на десничарската српска организација која во медиумите е означена како екстремна „Српски собор Заветници“ и на движењето „Двери“, но министерството за внатрешни работи од безбедносни причини ги забрани нивните собири. Поради тоа, од рано наутро во неделата силни полициски единици беа распоредени на локации во строгиот центар на Нови Сад, но инциденти не се пријавени.Претставниците на раководството на „Српски собор Заветници“, и покрај забраната за одржување на јавната конференција на Плоштадот Слобода во Нови Сад, го осудија одржувањето на прошетката на „автономашите“. „Нашата намера беше да укажеме на проблемот на растење на сепаратизмот, но полициската управа на Нови Сад би го скрати правото да им се обратиме на медиумите на Плоштад Слобода и да ја пренесеме порака на мнозинството слободномислечки граѓани на Србија“, изјави портпаролката на „заветниците“, Милица Ѓурѓевиќ. Војводинскиот клуб е невладина организација, додека Војводинската партија е политичка и двете најистрајно се залагаат за промена на српскиот устав за Војводина да го добие составот на република во федерализирана Србија. Тие неодамна започнаа да собираат потписи за таа иницијатива којашто досега ја поддржаа околу 30 илјади жители на Војводина./крај/мф/сн
Извор: РТВ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

