Регион
Протести во Подгорица, каменувана албанската амбасада
На протестите на црногорскиот опозициски Демократски фронт, кого властите го обвинуваат дека обединува „просрпски“ партии, се собраа во четвртокот во главниот град Подгорица околу четири илјади луѓе, според процените на медиумите, кои бараат оставка од владата и предвремени парламентарни избори, а истовремено била каменувана амбасадата на Албанија.
Демонстрантите носат знамиња на Црна Гора и на Србија, и транспаренти со натписи „Никогаш во НАТО“ и „Воена неутралност на Црна Гора“.
Откако го започнаа протестот на Плоштадот на Републиката, демонстрантите се преместија на платото пред црногорскиот парламент, каде што пред неколку дена полицијата со употреба на сила го растури опозицискиот протестен камп, на кое е поставена говорница од која на собирот му се обраќаат челниците на Демократскиот фронт, и ќе продолжат до шест часот во недела наутро, кога собирот според договорот со полицијата треба да биде завршен.
Црногорската опозиција бара оставка од премиерот, 53-тригодишниот Мило Ѓукановиќ кој е на власт во Црна Гора без прекин веќе 25 година, а премиер, по шести пат, стана во 2012 година и беше претседател во периодот од 1998 до 2002 година. Бараат и формирање техничка влада која ќе ги распише предвремените парламентарни избори.
Учесниците на протестот се обвинети дека ја каменувале зградата на амбасадата на Албанија во центарот на црногорската престолнина. На зградата на амбасадата не е сторена позначајна материјална штетата, а овој чин веднаш го осудија црногорската влада и албанскиот министер а надворешни работи Дитмир Бушати./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

