Регион
Србија: Истрага за оружјето близу домот на Вучиќ, сомневања дека требало да биде употребено деновиве
По наредба на српското државно обвинителство се спроведува во неделата истрага, откако претходната ноќ во сандаци покрај шеталиштето кај спомен паркот Јајинци е пронајден арсенал оружје во близина на семејниот дом на српскиот премиер Александар Вучиќ, во кој живее неговиот татко но и тој самиот често престојува, а според сознанијата на полицијата требало да биде употребено деновиве.
Наложена е анализа на отпечатоците од прсти и ДНК примероци од оружјето кое во саботата е пронајдено во шумата. Радио-телевизија Србија пренесува дека форензичарите продолжуваат со пребарувањето на локацијата на којашто е откриено оружјето.
Како што претходно беше објавено, недалеку од семејната куќа во којашто живее таткото на премиерот Александар Вучиќ, полицијата по пријава од граѓанин нашла рачен фрлач од типот М-80 попознат како „зоља“, која се употребува за уништување оклопни возила, блиндирани автомобили и тенкови, четири рачни бомби, 100 парчиња муниција од калибар 7,62 мм и неколку куршуми за автоматско оружје, како 15-ина куршуми од непознат калибар.
Засега не е познато дали има друго сокриено оружје во шумата, но според сознанијата на полицијата овој арсенал требало да биде употребено овие денови, пренесува Танјуг, иако тоа не е сигурно утврдено.
Според експертите кои зборуваат за белградските медиуми, арсеналот бил доволен за уништување на колона автомобили или автобуси и други товарни возила.
Арсеналот е пронајден педесетина метри пред скршнувањето кон куќата на семејството Вучиќ, „на местото каде што поради конфигурацијата на теренот мора да се забави движењето на возило до брзина од 10-на километри на час“.
Српскиот премиер одби во саботата ноќта да ја коментира информацијата, велејќи дека ги очекува информациите од Безбедносно-информативната агенција (БИА) и од полицијата. Подоцна министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека „Вучиќ се наоѓа на безбедна локација“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Вучевиќ: Верувам во силата на Дачиќ да се избори, и во нашите лекари
Лидерот на СНС и советник на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека е неблагодарно да се зборува за идната здравствена состојба на претседателот на СПС и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и дека тој верува во неговата сила да се избори.
„Неблагодарно е да се зборува. Не можам да кажам ништо друго освен она што го кажаа лекарите, семејството, а ми се чини од разговорот со колегите од СПС, дека е за нијанса подобро од синоќа, но сепак е предизвикувачко“, рече Вучевиќ во гостувањето во емисијата „Фокус“ на Б92.
Тој додаде дека верува во силата на Дачиќ да се бори, во нивните лекари и дека се моли на Бога да му даде на Дачиќ доволно сила да се извлече од сето ова.
Вучевиќ истакна дека настинките не треба да се потценуваат и дека секој треба да слуша што велат луѓето кои се експерти за тоа.
„Ивица Дачиќ има уште едно прашање, тоа е прашањето за дијабетесот, стресот, политиката, сè што ни се случува. Невозможно е да нема последици. Имавме многу предизвици. Минатата година имавме предизвици со Дарко Глишиќ. Овој повик беше направен со голем притисок“, рече Вучевиќ.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија вчера попладне со пневмонија.
Регион
„Следната земја-членка на ЕУ“ – Црна Гора брендираше авион со европската амбиција за членство до 2028 година
Црногорската влада, која планира до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со Европската унија, претстави авион на националниот превозник „Ер Монтенегро“ со слоганот „28by28 – The next EU member“. (следна земја-членка на ЕУ).
Од Министерството за европски прашања соопштија дека целта на кампањата е да се испрати порака до меѓународната јавност дека Црна Гора до 2028 година ќе стане 28-ма членка на ЕУ.
Премиерот Милојко Спајиќ при претставувањето на авионот во Подгорица изјави дека пораката претставува „стратешка изјава на државата“, додавајќи дека Црна Гора нуди стабилност и нова енергија за Европа.
Министерката за европски прашања Маида Горчевиќ оцени дека членството во ЕУ е амбициозна, но остварлива цел и повика сите институции и општествени чинители да ја пренесат пораката „28 до 2028“.
Властите претходно најавија дека имаат намера до крајот на годината да ги затворат сите преговарачки поглавја, со цел членство до 2028 година.

