Свет
Американец заработил 100.000 долари и добил данок од 34,6 милијарди долари
Многумина би сакале едно утро да се разбудат како милијардери, но еден Американец, кој ја имал таа можност, доживеал шок. Бери Тангерт од Ланкастер бил шокиран кога даночниците пресметале дека треба да им плати 34 милијарди долари.
Овој Американец, кој вообичаено тврдел дека заработува 100.000 долари годишно, целосно се изненадил кога ја видел огромната бројка на својата сметка.
Одделот за приходи на Пенсилванија му испратил сметка во која пишувало дека ѝ должи на државата 34.576.826.561,47 долари.
Тангерт за американските медиуми изјави дека знаел оти тоа е очигледна грешка бидејќи не заработува повеќе од 100.000 долари годишно, па нема шанси да должи ни приближно до таа сума.
„Не знам дали се работи за компјутерска грешка во преносот или дали е грешка при внесување на моите податоци“, додаде Бери Тангерт.
Тангерт рече дека се обратил до Одделот за приходи и службеникот рече: „Имавте добра година“, на што рече дека посакувал да има.
Бери Тангерт сѐ уште не добил официјално објаснување од властите како дошло до грешка што го „задолжиле“ за милијарди долари.
Управата за приходи за американските медиуми изјавила дека тоа што се случило е „изолиран инцидент бидејќи во системот биле внесени погрешни бројки“, пренесува „Спутник“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“, објави иранската државна телевизија, без веднаш да даде детали.
Раиси отпатува во иранската провинција Источен Азербејџан. Државната телевизија соопшти дека инцидентот се случил во близина на Џолфа, град на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од иранската престолнина Техеран, а спасувачите биле отежнати од силниот ветер и дождот.
Сè уште нема официјална информација за тоа во каква состојба е Раиси.
Раиси беше во Азербејџан во неделата рано наутро на отворањето на браната со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
Иранската државната новинска агенција ИРНА објави дека хеликоптерот „паднал во несреќа во општата област Варзеган“ во провинцијата Источен Азербејџан, а покрај Раиси, во хеликоптерот имало уште неколку официјални лица, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан.
Тешките временски услови и густата магла ги отежнаа напорите на спасувачките тимови, соопшти иранската државна телевизија.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.