Топ
Влегол во домот на старицата додека спиела и ја силувал: притвор за осомничениот 25-годишник
Основното јавно обвинителство Струмица донесе наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишник за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот го сторил делото на 13 септември, во раните утрински часови, кога влегол во домот на оштетена во селото во кое престојувал додека таа спиела и врз неа извршил полов напад.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка денеска достави предлог за определување мерка притвор, оценувајќи дека се исполнети законските основи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче за новото раководство: нова визија за позитивни промени во СДСМ
Новиот состав на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз вечерва ја одржа првата седница на којашто беше избрано партиското раководство
„Вечерва се одржа првата седница на Централниот одбор на СДСМ во новиот состав откако новите членови беа избрани на 30-от Конгрес. Состанокот помина во одлична атмосфера и позитивна атмосфера, со многу енергија и ентузијазам кај новите членови на Централниот одбор.
Се избра новото партиско раководство, членови на Извршниот одбор, понатаму генералниот секретар, тоа е Александар Димитријевиќ. Се избраа потпретседателите на партијата, Кристина Костова од Штип, Менде Илиевски од Битола, поранешната министерка Каја Шукова и професорката Ана Чупевска од Правниот Факултет, двајцата организациски секретари, поранешниот пратеник Мартин Костовски од Куманово и Љупчо Фармакоски од Општинската организација Центар.
Оваа енергија, оваа одлична атмосфера којашто ја имавме вечерва е само доказ дека консолидацијата не само што е започната, туку таа многу добро се одвива на сите нивоа во партијата. Вечерва избравме луѓе коишто имаат многу силен личен интегритет, многу знаење и искуство во своите области на делување претходно, коишто верувам дека со сета сила и знаење ќе се вложат во периодот којшто следи.
Имаме веќе план за работа. Многу силна и многу интензивна работа почнува веќе утре. Направен е план за посета на сите општински организации. Има насоки за промена во делувањето, комуникацијата со луѓето, начинот на коишто ќе допреме до членовите и симпатизерите, на оние коишто од некои причини не гласаа, се налутија, останаа дома, гласаа за друг политички субјект, веќе пристапуваат поради, и сме подготвени да ги слушнеме сите нивни предлози и во еден широк инклузивен процес да ги вклучиме сите наши членови и симпатизери во процесот на креирање на политики“, истакна лидерот на СДСМ.
Економија
Трендафилов: Со мизерни плати работниците имаат пари само за билет во еден правец, и тоа надвор од Македонија
Главна причина поради која има недостиг на работна сила во земјата се ниските плати и злоупотребите што ги прават газдите во последните 34 години, вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Ниските плати, според него, се главна причина што работниците заминуваат од Македонија.
„Тоа што денес работниците поради ниските плати заминуваат да работат во некои други држави, да градат некои други економии, мислам дека треба да биде најголемиот пораз за овие газди што ја злоупотребуваа работната сила. За потсетување, толку колку што сме продуктивни, им створивме огромен капитал, огромни богатства. Ги украдоа компаниите во минатото, ги задржаа за себе и токму тоа е причината да зборуваме 34 години од независноста на Македонија повторно за недостиг на работна сила. Ако вие ги плаќате мизерно, тогаш тие имаат пари само за билет во еден правец, а тоа е надвор од Македонија“, вели Трендафилов.
За него, многу загрижувачки е обидот на претходната влада за увезување работници, кои газдите ќе ги плаќаат помалку од домашните.
„Македонија стана една туристичка агенција, која ги носеше работниците од Непал, од Индија, од Пакистан, од Бангладеш и потоа од тука заминуваа во некоја од земјите во Европската Унија, каде што, се разбира, заработуваат подобро отколку во Македонија“, рече Трендафилов.
На седница на Економско-социјалниот совет во декември ќе се разговара за покачување на минималната плата што ССМ уште во мај годинава побара да биде 450 евра. Трендафилов сега вели дека ќе настојуваат преку бројки на Владата да покажат дека за државата нема да биде голема оптоварување доколку се зголеми минималната плата.
„Денеска, во Македонија, според последните податоци, 25.000 работници примаат плата во висина на минималната, а 10.000 работници земаат плата од 1 денар до 22.000 денари. Она што е поразително е што сите овие работници примаат плата во плик за која не се плаќаат придонеси од задолжителното социјално осигурување и 250 милиони евра на годишно ниво ја чини државата во однос на неплатените придонеси во Фондот. Ги очекуваме последните податоци од Управата за јавни приходи за тоа колку работници во државата примаат минимална плата од 22.567 денари до 27.000 денари или пет илјади денари зголемување на минималната плата што го бараше ССМ. Сакаме да ѝ покажеме на државата, впрочем, дека во јавниот сектор многу мал број работници примаат минимална плата и за многу мал број работници ќе биде оптоварен буџетот. А газдите во приватниот сектор не треба никој да ги жали, најмалку ние, Синдикатот“, вели Трендафилов.
Министерот за економија, пак, Бесар Дурмиши, денес рече дека доколку се прашува тој, минималната плата треба да биде 600 евра.
Македонија
Дурмиши сака минималната плата да биде 600 евра, но ќе преговара за 450 на почетокот на декември
Во буџетот има пари за зголемување на минималната плата и во декември, како што бара Синдикатот, покрај законското зголемување од 2.000 денари во март следната година. Министерот за економија Бесар Дурмиши вели дека сака минималната плата да се зголеми на 600 евра, но треба договор и законски измени и за барањето на Синдикатот минималната плата да биде 450 евра.
„Ако во рамките на Економско-социјалниот совет договориме да се зголеми минималната плата, претходно треба да се смени Законот за минималната плата. Кога ќе се направат измените, може да се зголеми минималната плата на 450 евра. Има политичка волја. Што се однесува до мене, јас сакам минималната плата да биде 600 евра“, рече министерот Дурмиши денес одговарајќи на новинарски прашања на конференцијата „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“.
Дали минималната плата може да се покачи на 450 евра Економско-социјалниот совет ќе одлучува на седница во декември. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, вели дека аргументите се на нивна страна.
„Дијалогот во однос на минималната плата е отворен. Аргументите се на наша страна. Ако знаете дека во Црна Гора минималната плата е веќе 800 евра, ако знаете дека минималната плата во Босна од 1 јануари ќе биде 600 евра, ако знаете дека во Србија е 454 евра, мислам дека синдикалната минимална кошничка, која изнесува 62.000 денари, покажува дека платите мора да се зголемат. Разговараме во однос на ова прашање поврзано и со мерките на Владата за ограничување на маржите на производите и мислам дека на наредната седница на Економско-социјалниот совет ќе ги презентираме нашите аргументи со кои располагаме за да ги убедиме бидејќи мораме да се убедуваме за потребата од растот на сите плати, вклучително и растот на минималната плата“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Тој потсети дека што побргу мора да се направи исчекор за раст на платите и очекува Владата на ист начин како што ги покачи платите во образованието и здравството, ќе успее до крајот на годината да ја исправи неправдата за сите работници што не добија усогласување на платите оваа година поради изборите.