Uncategorized
Германскиот претседател Штајнмајер утре во дводневна посета на Македонија

Претседателот Стево Пендаровски утре и задутре ќе му биде домаќин на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој ќе престојува во дводневна официјална посета на земјата.
Претседателот Штајнмајер на официјална церемонија ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести по што ќе следува тет-а-тет средба на претседателите Пендаровски и Штајнмајер и пленарен состанок на делегациите на Македонија и Германија.
Во рамките на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје, претседателот Штајнмајер и претседателот Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Шведска од полноќ го презеде претседавањето со Европската унија

Шведска од полноќ го презеде претседавањето со Советот на Европската унија од Чешка.
Шведска е членка на ЕУ од 1995 година и ова е трето претседавање со земјата по 2001 и 2009 година.
Земјите-членки на ЕУ претседаваат со Советот на ЕУ на секои шест месеци и за тоа време претседаваат со состаноци на сите нивоа во Советот, кој заедно со Европскиот парламент е законодавно тело на ЕУ.
Во програмата на своето претседателство, под слоганот „Позелено, побезбедно и послободно“, шведската влада постави четири приоритети: безбедност и единство, конкурентност, зелена и енергетска транзиција и демократски вредности и владеење на правото, пренесува Хина.
Една од целите на шведското претседателство е завршување на преговорите за климатскиот пакет „Подготвени за 55 проценти“, кој содржи низа предлози насочени кон намалување на нето емисијата на стакленички гасови во ЕУ за најмалку 55 проценти до 2030 година.
Во тоа беше многу успешно чешкото претседателство кое ги заклучи сите предлози од пакетот поврзани со заштитата на климата, а најважна задача за шведското претседателство останува енергетскиот дел, односно договорот за директивата за обновливи извори на енергија и директивата за енергетска ефикасност,пренесе Телеграф.рс.
Uncategorized
Поранешниот шеф на руската вселенска агенција е ранет во Украина

Поранешниот шеф на Роскосмос, руската вселенска агенција, Дмитриј Олегович Рогозин, се здобил со потрес на мозокот и рана над десното рамо, изјави неговиот помошник за новинарите, јавуваат руските медиуми.
„Дмитриј Олегович е ранет. Метален фрагмент со димензии 8 на 6 милиметри навлегол над десната скапула во близина на ‘рбетот. За чудо не удрил во белите дробови. Покрај тоа, Дмитри Олегович има потрес на мозокот. Нема други повреди”, изјави неговиот помошник.
Поранешниот шеф на Роскосмос беше ранет при гранатирањето на Доњецк во средата вечерта. Поради сложеноста на повредата, локалните лекари не се осмелиле да го оперираат. Тој сега се наоѓа во една од болниците во Ростов, каде што чека да биде пренесен во Москва.
Медиумите не наведуваат зошто Рогозин бил во Украина.
Uncategorized
Фудбалската бајка за Меси заврши со светска титула по пенал-серијата против Франција

По едно неверојатно драматично финале, Аргентина ја освои својата трета светска титула, победувајќи ја Франција на пенали со 4:2 по неверојатните 120 минути во кои беше 3:3, за Лео Меси, конечно, да ја круниса својата фантастична кариера со најголемиот трофеј во фудбалот.
На моменти на финалето во Доха изгледаше дека Аргентинците не можат да загубат, но Франција секогаш успеваше начин да се врати, предводени од хет-трикот на Килијан Мбапе, за на крајот трофејот да се одлучува во пенал-серијата, каде што Аргентинците беа безмилосни и постигнаа четири гола, додека Кингсли Коман и Орелиен Чуамени не дадоа голови.
Аргентина имаше 2:0 водство по само 36 минути игра, откако Лео Меси со гол од пенал и „џокерот“ Анхел ди Марија ја крунисаа одличната игра и тоталната „блокада“ на Французите. Откако првпат упатија удар на голот на противникот по повеќе од час игра, Французите направија неверојатен камбек – за 95 секунди Килијан Мбапе даде два гола, еден од пенал и еден од игра, за да се отиде во продолженијата. И во продолженијата не недостасуваше драма – Лео Меси го постигна својот втор гол и до трофејот ги делеа 10-тина минути, пред да биде досуден уште еден пенал, кој Мбапе го реализираше за 3:3.
Во пенал-серијата, Мбапе повторно како прв беше прецизен, пред истото да го повтори Меси, но потоа обидот на Коман беше одбранет од Емилијано Мартинез, додека Чуамени шутна покрај голот за славје на Аргентинците.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк