Uncategorized
Амнестија во текот на судскиот процес, прекин на постапката за тие што не тепале на 27 април?
Кој ќе се спаси од кривична одговорност за инцидентите од 27 април, најверојатно ќе се утврдува според обвинителниот акт, односно кривичното дело за кое се обвинети или осудени. Од координативното тело за помирување и интеграција кое ги подготвува препораките за амнестија, брифираат дека има согласност да се направи дистинкција меѓу лицата кои биле насилни и оние кои упаднале во Собранието, но не тепале. Не ја отфрлаат можноста, предлогот кој ќе биде разгледан деновиве на првиот состанок на ова тело, да има препорака за прекин на постапката против лицата кои не биле насилни. Со ова се отфрла втората можност, амнестијата да важи по завршувањето на судскиот процес против 30 лица кои се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Од Телото за помирување повторуваат дека целта не им е да се мешаат во работата на судот, но нивниот предлог, како што велат, е во насока на помирувањето што го иницираа како еден од условите да гласаат за отворање на Уставот.
Во оваа насока е изјавата и на министерката Дескоска, која порача дека амнестијата за 27 април треба да биде врз основа на обвинителниот акт, односно во зависност од тоа за кое дело лицата се обвинети или осудени, и дека тоа е во надлежност на собраниското тело кое го подготвува законот, посочувајќи ги како пример веќе донесените пресуди за насилство врз пратеникот Села и министерката Шекеринска.
Процесот за 27 април сè уште е во тек, утре продолжува рочиштето на кое треба да продолжи презентирање на СМС и вибер-комуникацијата од мобилните телефони на обвинетите, додека в понеделник, на 26 ноември, треба да заврши одбраната на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски. Дел од обвинетите веќе ги повлекле доказите, иако не откриваат дали тоа е поврзано со најавената амнестија. Дел од обвинетите, пак, велат дека не знаат дали ќе бидат опфатени со амнестијата, а некои од нив велат и дека не сакаат да се мешаат во политичките одлуки.
„Не знам дали ќе бидам опфатен, јас не изготвувам никаков закон, можам да кажам дека слободата е вистинска правда за тие што сме неправилно обвинети“, рече Богдан Илиевски, еден од организаторите на протестите „За заедничка Македонија“.
„Јас својата невиност сакам да си ја докажам пред судот, не можам, а не сакам ни да се мешам во политички одлуки. Јас сум полицаец што постапувал по своите задачи, одлуката за амнестијата ѝ ја препуштам на комисијата што преговара“, рече Горан Ѓошевски, шеф на обезбедувањето на Трајко Велјаноски.
Претходно премиерот Зоран Заев порача дека е прифатлив закон за амнестија, освен за насилниците од 27 април, ако на тој начин, како што кажа, може да се постигне помирувањето за кое се залагаат заедно со осумте пратеници од опозицијата кои гласаа за почнување на процесот на уставни измени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Повреден мотоциклист од Пехчево, пренесен во комплексот клиники во Скопје
Вчера во 18.05 часот во Полициското одделение Пехчево било пријавено дека на место викано „Елата“ во атар на Пехчево, 31-годишниот Д.Ц. од Пехчево, управувајќи мотоцикл, паднал на патот, извести МВР.
„Во несреќата, со повреди се здобил мотоциклистот и бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош“, соопшти МВР.
Извршен бил увид.
Uncategorized
СЗО го повика Израел да се откаже од нападот на Рафах
Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус денеска го повика Израел „во име на човештвото“ да се откаже од нападот врз Рафах, на југот на Појасот Газа.
„Сериозно сум загрижен поради извештаите за израелски план за копнен напад на Рафах. Ескалацијата на насилството во таа густо населена област би довела до уште поголема смрт и страдање“, напиша Гебрејесус на социјалната мрежа Икс (Х).
„Во име на човештвото, го повикуваме Израел да го направи ова и да работи во мир“, додаде тој, оценувајќи дека евакуацијата што ја планираше израелската армија пред нападот не е изводливо решение.
Според него, 1,2 милиони луѓе во Рафа немаат безбедно место каде да одат, бидејќи во Појасот Газа нема целосно функционални и безбедни здравствени и други установи каде што би можеле да одат.
„Многу луѓе се премногу кревки, гладни и болни за повторно да бидат раселени“, рече шефот на СЗО.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и одобри плановите на армијата за офанзива во Рафах, дел од територијата што се граничи со затворената граница со Египет, каде што многу цивили, прогонувани од израелската офанзива на север, потоа во центарот и на југ од Појасот Газа, најдоа засолниште.
Таа операција, за која САД и ОН продолжуваат да предупредуваат, би можела да се изврши во отсуство на договор за прекин на огнот или по евентуална шестнеделна пауза во борбите.
Uncategorized
Џафери за штрајкот на универзитетите: За 14 дена, и Марсовец да сте, не може да постигнете да потпишете соодветни акти
Како претседател на Собранието, Талат Џафери немал време да ја почне постапката за потпишување колективен договор со петте државни универзитети оти партиските тела веќе го известиле дека ќе биде премиер, а и неговиот наследник, новиот претседател, Јован Митрески, имал рок од 14 дена, во кои не било возможно да ја заврши постапката. Техничкиот премиер Талат Џафери, денес, од Владата на посебна прес-конференција објаснуваше за неговите постапки како претседател на Собранието. Рече дека постапката е прекината поради распишувањето на изборите и ќе продолжи кога ќе завршат.
„Имајте предвид дека на 8 декември, поради фактот што претходно на ниво на лидери се закажаа изборите за 24 април и 8 мај, партиските органи го именуваа Талат Џафери за премиер, кој 100 дена ќе ја води Владата пред изборите. Затоа немаше можност претседателот на Собранието, номиниран за премиер, да успее да ги заврши формалните процедури на потпишување договори. Немаше смисла за 30 дена да се овласти претседателот на Собранието и да дојде следниот претседател. На 28 јануари се прави промената на функцијата претседател на Собранието со претседател на Владата. На 28 јануари има нова влада, нов претседател на Собранието. Од 28 јануари до 14 февруари, кога се прогласија изборите, има 14 дена. За 14 дена, Марсовец да сте, не може да постигнете да потпишете соодветни акти“, рече Џафери.
Тој смета дека се крева непотребна фама за потпишувањето на колективните договори со петте универзитети оти навремено ги известил за сите постапки. Имал средба со претставници на универзитетите на 12 јануари, непосредно пред да премине на функцијата премиер, па сегашните штрајкови ги смета за дневна политика во функција на изборите.
Џафери за себе вели дека бил иницијатор да се потпишат колективни договори и со другите државни универзитети. По потпишувањето на договорот со УКИМ, тој ги известил, ги повикал на разговори, а тие до декември минатата година ја стокмиле документацијата. Џафери очекува колективните договори со нив да се потпишат за покусо време во споредба со УКИМ, кој договорот го потпиша две години по иницирањето, односно во декември 2022 година, но не можеше да се примени оти буџетот за 2023 година веќе беше изгласан, па затоа примената почна од оваа година.
„Имајќи го предвид искуството, оние слабости што ги имаше барањето на УКИМ веќе се надминати затоа што сите имаа примерок од содржината како треба да изгледа целината на договорот. Го имаа од УКИМ како пример, им го дадов уште кога беа кај мене. Полесно и побргу ќе може да се заврши процедурата. Нема друго решение. Не се дискриминирани. Да не кажам друго – не сработија навреме. Немаа синдикати. Беа членови на општи синдикати. Го виделе примерот на УКИМ, можноста да имаат самостоен синдикат, како се дискриминирани? Зошто не формираа навреме синдикати како што правеа откога им кажав?!“, рече Џафери.
Синдикатите на петте државни универзитети, односно „Мајка Тереза“ од Скопје, „Св. Климент Охридски“ од Битола, „Св. апостол Павле“ од Охрид, тетовскиот универзитет и „Гоце Делчев“ од Штип излегоа на штрајк пред влезовите на универзитетите да го искажат револтот поради непотпишаниот колективен договор, кој ќе им ги зголеми платите на вработените.