Uncategorized
ЕУ го замрзнува проширувањето по приемот на Бугарија и Романија
Европската унија ќе направи долга пауза во проширувањето по приемот на Бугарија и Романија, јавија агенциите.
Европската унија ќе направи долга пауза во проширувањето по приемот на Бугарија и Романија, јавуваат повеќе извори од Брисел.
Ова е договорено на ноќешното заседание на Советот на министри за надворешни работи, што се одвива во рамки на средбата на врвот на ЕУ во Брисел.
Министрите донеле решение за замрзнување на понатамошното проширување на ЕУ, се додека не биде донесен европскиот устав или друг документ за реформи во постоечката структура на Унијата.
Истовремено, министрите го отвориле и прашањето за способноста на ЕУ за апсорбирање на нови членки.
Во однос на Бугарија и Романија, министрите потврдиле дека обврските на ЕУ за нивното примање ќе бидат исполнети во 2007-2008 година.
Што се однесува до Турција засега нема договор, а јасно е дека држави како Украина, Молдавија, Грузија и други или немаат или имаат перспектива за присоединување во некое далечна иднина.
ББЦ на македонски јазик јавува дека прашањето за „иднината на Европската Унија повторно исплива на почетокот од Самитот на Организацијата во Брисел, среде повиците на конзервативните лидери за определување на границите на Унијата и за забавување на проширувањето“.
Според овој извор, расправата уште пред самитот, вчера ја отвориле демохристијаните.
„На средбата на демо-христијанските политичари пред почетокот на самитот, гувернерот на германската провинција Баварија, Едмунд Штојбер, чија партија е дел од владеачката коалиција, ги повика европските лидери да го земат во предвид капацитетот на блокот да апсорбира нови членки“, јавува ББЦ.
Премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер изрази сомневање за тоа колку брзо балканските земји би можеле да станат членки на Унијата, вели радиото, цитирајќи го Јункер.
„За Бугарија и Романија веќе е решено – тоа ќе се случи на 1 јануари 2007 или 2008 најдалеку. Што се однесува до Хрватска, од секогаш сум велел дека мора да биде истакната членка на европското семејство, имајќи ја предвид историјата на оваа голема нација, традицијата и основните принципи на цивилизацијата. Сите балкански земји имаат европска перспектива, но мислам дека Хрватска е поблиску до тие перспективи отколку останатите земји", рече Јункер.
Други агенциски извори јавуваат дека Австрија во текот на наредните недели треба да отвори широка внатрешна расправа во рамките на ЕУ, за тоа каде се границите на Унијата. Евентуално по тоа, ќе биде јасно дали принципот на проширување на земјите соседи на Унијата ќе биде обновен или пак ќе биде предложена друга форма на заемни односи и соработка.
Според досегашните информации лиферувани од Брисел, не е најјасно што со т.н. западен Балкан.
Макфакс потсетува дека само пред неколку дена високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана прецизно кажа дека обврските од Солунскиот самит мора и ќе бидат исполнети.
Македонија има статус на земја кандидат, но без определен датум за почеток на преговорите со Унијата.
/крај/бг/ст/б
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Возило паднало во водите на реката Радика, има загинати, во прекин сообраќајот Маврово-Дебар
Патничко моторно возило попладнево паднало во реката Радика, на локација кај Манастирот „Св. Јован Бигорски“.
„Од 18:30 часот, сообраќајот на регионалниот пат Маврово -Дебар е во прекин поради извлекување на патничко моторно возило од сообраќајната незгода со загинати лица од водите на реката Радика во близина на Манастирот св.Јован Бигорски, соопшти АМСМ.
Uncategorized
(Видео) Владата ги намали парите за загаден воздух за 50 отсто во споредба со лани, рече Лукаревска и праша кои конкретни мерки се преземени
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница посветена на пратенички прашања го праша министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, за кратењето на буџетските средства за заштита на животната средина и за тоа како Владата планира да се справи со аерозагадувањето кога од година на година ги намалува средствата за оваа намена.
„Во ребалансот на буџетот за 2025 година – заштитата на животната средина како функција на државата има евидентно намалување на буџетските средства за 13,4 % во износ од 868 милиони денари помалку сведувајќи се од 6,4 милијарди на речиси 5,6 милијарди денари за фискалната година. Најголемата промена е во ставката – намалување на загадувањето, каде што првично планираните 3,2 милијарди денари се сведуваат на 2,6 милијарди денари, што претставува приближно 19 % намален буџет, а во однос на претходната година планирано е тој да се намали за 48,2 %, тоа е речиси 50 %“, рече Лукаревска.
Таа нагласи дека е несвојствено да се кратат средства за области кои се рак рана на општеството и изрази загриженост за тоа како ќе се справиме со загадувањето, кој ќе биде третманот за отпадни води, како ќе ја заштитиме природата, каков квалитет на воздухот ќе имаме, како ќе се зајакне надзорната функција на Државниот инспекторат за труд и како ќе се унапредува животната средина.
„Моето прашање е кои конкретни мерки ги преземате како Влада, односно како ресорно министерство во борбата против аерозагадувањето имајќи го предвид фактот дека од година на година со секој буџет и ребаланс на буџетот ги намалувате средствата за справување со овој огромен проблем ?“, праша Лукаревска.
Лукаревска постави прашање и до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за неисполнувањето на обврските од реформската агенда, односно обврските за три реформи, кои се однесуваат на подобрување на деловната клима за малите и средните претпријатија.
Uncategorized
Израелски напад врз училиште во Појасот Газа
Петмина Палестинци загинаа при израелскиот напад врз училиште во квартот Ал Туфа, источно од градот Газа, каде се сместени раселени лица.
Помеѓу загинатите има и деца. При нападот повредени се и повеќе лица кои се хоспитализирани.
Израелската армија соопшти дека неколку осомничени лица се идентификувани надвор од обележаната линија за прекин на огнот и оти отвориле оган врз нив.
Хамас нападот го оцени како „брутално злосторство“ и уште едно кршење на Договорот за прекин на огнот.
Според палестинското Министерство за здравство во Газа, од стапувањето во сила на Договорот за прекин на огнот, убиени се 400 Палестинци.

