Uncategorized
Експерти – Војната против тероризмот како оправдание

Пакистан, Турција и Израел ја користат војната против тероризмот како оправдание за пресметка со малцинствата.
Пакистан, Турција и Израел ја користат војната против тероризмот како оправдание за пресметка со малцинствата.
Ова се наведува во најновиот извештај на Меѓународната група за малцински права под наслов “Состојбата на малцинствата во светот 2007“, каде се издвојуваат овие три држави поради “зајакната репресија против етничките заедници“.
“Некои влади во светот мислат дека ако се сојузници на САД, имаат право да работат против малцинските заедници во своите граници“, оценува Ишбел Матесон, претставничка на Организацијата, чие седиште е во Лондон.
Извештајот наведува дека војната против тероризмот довела до исламофобија ширум Европа, а некои влади дури и донеле закони што им ги намалуваат правата на сите граѓани, а посебно се однесуваат на муслиманските заедници.
“Сметам дека тоа е неприфатливо и оти САД би требало да се свесни за тоа и да го осудат. За жал, мислам дека тоа не го прават“, додаде Матесон.
Пакистан се најде на 8.место на листата земји чии малцинства се најзагрозени. Во извештајот се наведува дека властите на Исламабад ги угнетуваат Балуџите, Паштуните, Синдите, Мохаџирите, хиндусите и муслиманската секта Ахмади.
Турција се наоѓа на 39.место поради начинот на кој се однесува кон Курдите и Ромите, а Израел е на 54.место поради односот кон Палестинците во појасот Газа и во Западниот брег, како и кон израелските Палестинци.
“Продолжува дебатата за тоа дали војната против тероризмот го направи светот подобро место за живеење за Западот, но сигурно е дека го направи полошо место за живеење за малцинствата“, оценува директорот на Меѓународната група за малцинските права Марк Латимер.
Други земји посочени каде животот на малцинствата е најзагрозен се Сомалија, Ирак, Судан, Авганистан, Мјанмар, Конг, Нигерија, Пакистан, Ангола и Русија.
/крај/б92/ис
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Голем број битолчани го искористија бесплатниот скрининг за Хепатитис и болести на црниот дроб

По повод Светскиот ден за борба против хепатитис, во Битола се реализираше бесплатен скрининг за хепатитис Б, Ц и ХИВ, како и еластографија, спроведени со мобилната медицинска единица од Скопје.
Настанот беше дел од националната кампања, организиран во партнерство со: Хепар Центар Битола, Министерството за здравство, Клиниката за гастроентерохепатологија, Клиниката за инфективни болести – Скопје, Официјалната комисија за хепатоцелуларен карцином, Општина Битола, Центарот за јавно здравје – Битола и Клиничката болница Битола.
Граѓаните покажаа исклучителен интерес за скринингот, кој поради зголемената посетеност продолжи еден час подолго од планираното – сè до 13:15 часот – со цел да им се овозможи на сите заинтересирани да се тестираат.
Особено значајна беше поддршката од страна на градоначалникот Тони Коњановски, кој лично ја посети мобилната единица и ја поздрави оваа важна здравствена иницијатива.
Националната кампања за бесплатен и анонимен скрининг за навремено детектирање на болести на црн дроб се реализира во 10 градови во државата. Целта е подигнување на свесноста за црнодробните болести, како што се црнодробен карцином, замастување на црниот дроб од алкохолна и неалкохолна природа, цироза и ретки болести на црн дроб.
Uncategorized
Пожарникарите неуморно и секојдневно на терен, во едно деноноќие се гасеа 33 пожари

Во текот на изминатото деноноќие евидентирани се вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои 12 се активни, пет се ставени под контрола, а 16 се изгаснати.
Активни пожари има во: Василево / Радовиш / Берово – с. Нивичино, планина Голем Готен и Малешевските Планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација); Прилеп 1 – с. Бешиште, Бешишки Рид, кон с. Градешница (Новаци) и крак кон границата со Р. Грција (мешана шума); Прилеп 2 – активен крак кон с. Дрен, проширен кон с. Галиште (Кавадарци); под контрола помеѓу Царевиќ и Смолани (мешана шума и нискостеблеста вегетација); Македонски Брод – помеѓу Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација); Желино – помеѓу с. Церово и с. Групчин (нискостеблеста и деградирана шума); Петровец – с. Средно Коњаре, крај р. Пчиња (мешана шума); Зелениково – с. Гумалево (ниска и мешана вегетација); Крива Паланка – с. Нерав (висока борова шума); Старо Нагоричане / Куманово – с. Облавце, Бељаковце, Довезенце, Јачинце (ниска вегетација); Старо Нагоричане – с. Руѓинце (ниска вегетација); Василево 1 – с. Сушево (грмушки и ниска вегетација); и Василево 2 – с. Добрашинци (грмушки и ниска вегетација).
Под контрола се пожарите во: Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и сува трева); Македонски Брод 2 – с. Латово (ниска вегетација и деградирана шума); Струмица – с. Баница и населба Софилари (висока трева); Карбинци – с. Јунузлија (шума); и Штип – помеѓу с. Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева).
Изгаснати се пожарите во: Сарај 1 – с. Семениште (стрниште и гранки); Сарај 2 – с. Паничари (сува трева); Гази Баба – с. Трубарево (стрниште, грмушки и сува трева); Шуто Оризари – ул. Брсјачка Буна (дива депонија); Кривогаштани – кај депонијата (сува трева и грмушки); Струмица – м.в. Три Води (ниска вегетација и мешана шума); Василево – с. Василево (ниска вегетација); Струга 1 – с. Калишта (ниска вегетација и ѓубриште); Струга 2 – с. Октиси (депонија); Штип – кај м.в. 9-ти км (сува трева); Карбинци – с. Радање (стрниште, сува трева и штала); Куманово 1 – н. Бедиње (ниска вегетација); Куманово 2 – с. Табановце (сува трева); Куманово 3 – ул. Никола Тесла (сува трева); Куманово 4 – с. Тромеѓа (сува трева); и Теарце – с. Непроштено (сува трева).
Uncategorized
Го онесвестиле удирајќи го со клешти оти се сомневале дека им краде лубеници

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека заедно во група извршиле кривично дело – Насилство предвидено во член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, на возраст од 39 и 31 година, на 24 јули во скопското село Орешани извршиле грубо насилство и ја загрозиле сигурноста на едно лице, за кое сметале дека украл лубеници од нивата на првоосомничениот.
Со товарно возило го следеле оштетениот додека тој со автомобилот се движел од Петровец кон селото Таор, се додека не се паркирал во дворот на куќата на неговиот внук во Орешани, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Осомничените пристигнале веднаш по него, излегле од возилото и го нападнале. Насилно го извлекле оштетениот од возилото и го удирале со тупаници и шамари по главата и телото. Вториот осомничен извадил водоводџиски клешти од камионот, па и со нив го удирале се додека оштетениот не паднал во безсознание. Му нанеле тешки телесни повреди поради кои тој во живото- загрозувачка состојба е хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија. Со дејствијата на насилство, кај сведокот – внукот на оштетениот и во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Ценејќи ги сите околности и ризици, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.