Кривична пријава за ексградоначалникот на Ново Село

Кривична пријава за ексградоначалникот на Ново Село

Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против Б.В. (53) од Ново Село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.

– Б.В. како градоначалник на општина Ново Село на 7.3.2014 година, злоупотребувајќи ја службената положба и овластувањето, склучил анекс кон договорот за закуп на привремен објект, со кој го продолжил рокот на времетраење на договорот од 5  на 11 години. Пријавениот пред истекувањето на договорот за закуп на привремен објект на Смоларскиот Водопад,  склучен помеѓу Општина Ново Село и закупецот – правно лице од Струмица, без спроведување јавно наддавање и јавен оглас за издавање под закуп на објект, му го продолжил користењето на објектот, сопственост на Општина Ново Село, на 11 години. Со потпишување на анексот, Б.В. дозволил преуредување на постоен објект во национален ресторан и изградба на неделиви објекти од тврда градба спротивно на условите во претходно објавениот оглас за јавно наддавање за издавање под закуп на привремен објект и спротивно на потпишаниот договор за закуп на привремен објект. На тој начин овозможил правното лице – Друштво за туризам, угостителство и услуги од Струмица, да биде во повластена положба на пазарот и со поголема имотна корист и афирмација за подолг временски рок, информираат од МВР.