ОЈО отвори истрага за серијата „Македонија“- играле корупција и криминал

ОЈО отвори истрага за серијата „Македонија“- играле корупција и криминал

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по известувањето од Управата за финансиска полиција отвори предистражна постапка во врска со договорот помеѓу Агенцијата за филм и продукциската куќа ангажирана за снимање играна серија.

Како што денеска преку соопштение за јавноста нè информира ОЈО, надлежниот јавен обвинител ги презема сите неопходни дејства за утврдување нa фактите.

„Издадени се повеќе насоки и наредби за прибирање материјални докази поврзани со севкупната постапка за снимање на играната серија. Во оваа фаза од постапувањето веќе е доставен дел од бараните докази, а побарано е и нивно дополнување. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за текот на постапката навреме ќе ја информира јавноста“, стои во соопштението.

Предметот се однесува на проектот за играната серија „Македонија“ за кој Агенцијата за филм пред две години исплатила 80 отсто од договорение 68 милиони денари за снимањето на првата сезона од 4-те сезони за кои биле предвидени 4,6 милиони евра.

Кога се констатирани сериозни нерегуларности, односно откако по 4 септември, датум на кој требало да се појави снимениот материјал и да се достави копија во Агенцијата за филм како што налага законот, со вонреден инспекциски надзор случајот стигна до надлежните институции.

Владата на вчерашниот брифинг заедно со директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, беше децидна дека со оглед на тоа што парите се одлеани, а производ немаме, се прекинува секаква натамошна соработка со продуцентот Винко Грубишиќ, односно „Јадран филм“. Институциите на системот го истражуваат случајот и ќе бараат одговорност од сите инволвирани во него.

Наспроти овие одлуки, во јавноста, поточно на социјалните мрежи, кружи извесен трејлер од серијата „Македонија“, а Грубишиќ изјавува дека ништо не е вистина и тој презел правни мерки.

Оваа приказна беше отворена во написите на „Макфакс“ пред неполни четири месеци, а проектот е одобрен пред две години. (А.В)