Тачи бара Албанија да им даде државјанство на Косоварите

Тачи бара Албанија да им даде државјанство на Косоварите

„Побарав од Мета, врз основа на Уставот, граѓаните да добијат (албанско) државјанство, бидејќи Европа покажа неправда кон Косовците. Албанија е единствената надеж“, ја пренесе РТС изјавата на Тачи на заедничката прес-конференција со албанскиот претседател, кој е во посета на Приштина.

Тачи „во контекст на ова барање уште еднаш ја искритикува Европската Унија поради условувањето на либерализацијата на визниот режим за граѓаните на Косово“.

Во заедничката изјава Тачи и Мета наведоа дека се залагаат за „продолжување на последната фаза на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, повикувајќи на обновување на ангажирањето на ЕУ и со непосредно учество на САД“. Целта е Србија „конечно да го признае Косово како суверена и независна држава“, што е оценето како „процес што ќе има позитивно влијание за целиот регион“.

Тачи и Мета се залагаат за „симетрично забрзување на процесот на интеграција на сите земји во регионот“ што сакаат членство во ЕУ и во НАТО, оценувајќи дека тоа „и понатаму се главно политички процеси, со извонредно влијание врз завршувањето на мировните договори во регионот“.

Целта, како што е наведено во декларацијата, е подготвување стратегиски документ за полноправно членство на Косово во ЕУ и НАТО, побрза либерализација на визите помеѓу ЕУ и Косово, како и ангажирање на Приштина спогодбено да го реши прашањето за демаркација на границата со Црна Гора.

Официјален Белград сè уште не се огласил по повод барањата на Тачи до Тирана да им овозможи на граѓаните на Косово да стекнат албанско државјанство.