Daily news
Алаѓозовски во Давос: Македонија го поддржува концептот на култура на изградба
Во Давос, Швајцарија, во тек е конференција на министрите за култура од земјите потписнички на Европската културна конвенција и од земјите набљудувачи на Советот на Европа. Денеска на конференцијата се обрати и министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, кој ја истакна поддршката на Македонија за Декларацијата, која го промовира концептот на култура на изградба (баукултур).
На конференцијата министрите за култура ги усогласуваат заклучоците околу Декларацијата Давос 2018, со која се промовира и новиот термин во културата, баукултур (Baukultur), кој подразбира култура на изградба во поширока општествена смисла, што опфаќа повеќе процеси за висок квалитет во архитектурата, животната средина, заштитата на културното наследство и повеќе општествени области кои влијаат на квалитетот на животот.
Во своето обраќање министерот Алаѓозовски истакна дека овој концепт доаѓа во вистинско време, кога Македонија се соочува со сериозни предизвици во однос на диспропорционалниот раст и развој на нејзината територија поради миграциите и економската криза, со недостиг на грижа и одговорност за средината и нејзините вредности, со намалување на квалитетот на градењето, загуба на регионалните традиции.
„Силно верувам дека треба да го прифатиме концептот на висококвалитетен баукултур, како одговорен и самосвесен чин на грижа за вредностите на средината и заедницата, на неколку нивоа кои бараат заеднички напори“, потенцираше министерот Алаѓозовски, посочувајќи го просторното планирање, грижата за културното наследство како потенцијал и ресурс за регенерација, но и целокупното подигнување на квалитетот на изградба, вештините и знаењата на сите вклучени во процесот како области на кои треба да се посвети особено внимание.
„Ние како Министерство и Влада сме во процес на донесување на Националната стратегија за културен развој 2018-2022. Во овој контекст, со гордост ве информирам дека во Националната стратегија веќе се осврнуваме на оваа Декларација и отелотворуваме дел од нејзината содржина. Нека биде тоа наш почетен придонес во нејзиното побрзо спроведување. Затоа, јас сум повеќе од среќен да ја поддржам Декларацијата од Давос од 2018 година очекувајќи ја со радост Европа на висококвалитетен баукултур“, истакна Алаѓозовски во говорот пред министрите за култура на конференцијата во Давос.
Конференцијата ја нагласува неопходноста од холистички пристап кон баукултур, како општо добро и заедничка одговорност, а и итна потреба за заедничка акција за подобрување на изградената средина во градовите и руралните средини. Висококвалитетниот баукултур одржувајќи социјална кохезија и благосостојба ќе поттикне енергични, динамични и мешани населби, ќе ја заштити животната средина и ќе генерира позитивна економска вредност. Со својата визија, која ја опфаќа целата изградена средина и е насочена кон општото добро, концептот додава клучен аспект на идејата за одржливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.