Daily news
ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата дека се мајтапи со интересите на Турците
ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли, како што тврдат, лагите и манипулациите што ги изнесе Партијата за движење на Турците во Македонија, која ја обвини оваа партија дека 11 години додека била на власт ги игнорирала интересите на оваа заедница, а сега кога е во опозиција, се мајтапи со поднесување барања во нивна корист.
„Партијата за движење на Турците во Македонија прифаќа да одработува политички цели на СДС со надеж дека на тој начин ќе се обиде да го скрие фактот дека СДС јавно и гласно ги навредуваше Турците нарекувајќи ги со погрдни зборови и посакуваше лоши работи за Република Турција.
Додека јавно по социјалните мрежи Јани Макрадули, заменскиот министер од СДС, ги поддржуваше написите со кои се навредуваат Турција и турскиот народ, ние јавно ги повикавме претставниците на СДС и Зоран Заев да му се извинат на турскиот народ. Но, ниту Јани Макрадули се извини ниту СДС се огради.
ВМРО-ДПМНЕ секогаш се залагала за доброто на турската етничка заедница во Република Македонија и за тоа постојат конкретни и реални факти. Зад нас стојат многу проекти од областа на економијата, бизнисот, здравството, образованието, културата, книжевноста, театарската уметност и многу други полиња кои придонеле за интересите на турската етничка заедница.
Воспоставивме празник на турската етничка заедница во Република Македонија.
Изградивме нова куќа посветена на родителите на Мустафа Кемал Ататурк во Коџаџик, Центар Жупа. Изградбата на овој спомен-дом е силен материјален доказ за одличната соработка на Република Македонија со Република Турција.
Придонесовме за превод на македонски јазик на дела од турската книжевност во Македонија застапени во проектот „135 тома македонска книжевност“ и со реализацијата на овој проект македонската читателска јавност има можност да се запознае со спецификите на турските книжевни вредности.
На 18 јануари 2014 година беше поставен камен-темелникот на новиот објект на Турскиот театар. Со буџетски средства од Министерството за култура во висина од 4,5 милиони евра е завршена првата фаза од изградбата.
Се доделуваа и стипендии за изучување на старотурскиот јазик и многу други проекти што ги креира и ги исполни владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ сè со цел негување на односите со турската заедница.
Ние како партија секогаш ќе се залагаме за доброто на турската заедница во нашата земја и ќе ги подржуваме пријателските односи помеѓу Република Македонија и Република Турција“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.