Daily news
Вренцовска: Јас го одлoжив почетокот на претставата, тоа е академски
По скандалот што се случи на затворањето на Охридско лето, каде што од вербална расправија дошло до физичка пресметка меѓу актерот Сашко Коцев и градоначалникот Никола Бакрачески, директорката на фестивалот, Сузана Вренцовска, за „Макфакс“ вели дека претставата доцнела бидејќи организаторите ги чекале гостите од Скопје.
„Претставата доцнеше 15 минути, но ние зедовме предвид дека дел од протоколот доаѓаше од Скопје и токму од таа причина задоцнивме 15 минути, што секаде се смета дека е академски. Да доцнеа повеќе, ние ќе започневме независно од нивното непристигнување, но 15 минути е нешто што ние проценивме дека може да биде почитувано“, вели директорката Вренцовска.
Таа од аспект на прв човек на фестивалот вели дека нејзе ѝ паѓа одлуката дали фестивалот ќе започне навреме или не, а јавноста требало да го има предвид фактот дека тие како организација секогаш носеле тешки одлуки. Во однос на коментарите на социјалните мрежи, Вренцовска вели дека нема коментар не одговарајќи конкретно дали некој побарал од организацијата да се одложи почетокот на фестивалот.
„Не е вообичаено да доцниме. Се доцни само од објективни причини поради временски непогоди или можеби од технички поради монтажноста на гледалиштето, но веднаш кога ќе седне публиката, започнуваме“, додава Вренцовска.
Во однос на коментарите дека сцената не била соодветно поставена, според првиот човек на Охридско лето, Сузана Вренцовска, не може секој посетител централно да го следи настанот.
„Доколку некои од посетителите не беа задоволни, нека повелат, ние ќе им ги вратиме парите за купените билети. Нашата фестивалска публика многу добро знае дека сите театарски претстави на отворено не секогаш се играат во идеални услови. Во медиумите често слушам дека се спомнуваат конструкции за седење. Морам да кажам дека не направивме конструкција, а можевме, но само од една еднинстрвена причина, прво, многу тешко ќе беше да се расклопи и постави имајќи предвид дека чекавме дали ќе заврне или не“, вели Вренцовска.
Во однос на инцидентот Вренцовска не даде објаснување за причината која се поврзува со организацијата, туку изразува жалење и посакува никогаш повеќе да не се случуваат вакви работи додавајќи дека организацијата не може да се меша, ниту ѝ е место да коментира за вакви настани.
„Макфакс“ му се јави на Сашко Коцев, кој кажа дека нема коментар за случувањата на Охридско лето, а во однос на организацијата сè што требало да каже им било кажано уште вечерта по завршувањето на претставата.
„Немам коментар, темата се заокружи со коментарот на МНТ преку директорот Драган Спасов – Дац, кој го објави ставот во однос на доцнењето и чекањето на публиката. Во однос на одговорноста од страна на организацијата, јас им го кажав тоа ним, односно на сите што имав нешто да им соопштам, тоа им го кажав таа вечер“, вели актерот Коцев.
Директорката на Охридско лето, Сузана Вренцовска, вели дека таа сè уште немала дадено исказ во полиција за инцидентот, а денес добила покана од СВР Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.