Daily news
Доминираат експретставници на НВО кај нововработените во владиниот пиар
Откако „Макфакс“ објави дека во службите за односи со јавност на министерствата и Владата се вработени најмалку 120 лица, а истовремено стигнаа и критики од Брисел, вчера премиерот Зоран Заев најави намалување на бројот на вработени во владиниот пиар. По вчерашната објава на дел од биографиите на нововработените во пиар-службата на Владата, „Макфакс“ денеска ги објавува и другите биографии и имиња на дел од ангажираните во овој сектор. Според биографиите до кои дојдовме, кај оние што работат во овој сектор доминираат искуствата и праксата во невладиниот/граѓанскиот сектор, но има и поранешни новинари, познати фејсбукчии и твитерџии.
„Предупредувањата од Брисел дека треба да се внимава на Секторот за односи со јавност, Владата ќе го почитува стопроцентно, со објаснување и на своите аргументи. Во овој дел никако не смееме да кикснеме“, порача вчера премиерот Зоран Заев. Тој најави и намалување на вработените во овие сектори.
Пораките од Брисел дека Владата повеќе посветува внимание на односите со јавност отколку на реформите стигнаа во ист ден кога „Макфакс“ објави дека во Владата и министерствата во моментот најмалку 120 луѓе работат односи со јавност (ПР) и комуникации. Платите и хонорарите на вработените што работат односи со јавност во Владата и министерствата ги чинат граѓаните најмалку 690 илјади евра годишно, покажуваат податоците за 2016.
Заев вчера рече дека ги отфрла сè почестите тврдења и информации дека во Владата имало 120 вработени во пиар-службите, туку 39, а тоа го пренесоа и многу медиуми. Она што заборави да го спомене тој како и многу од медиумите е дека бројката од 120 лица не претставува тврдење, туку факт и бројка на лица што работат пиар во сите министерства и во Владата, поткрепено со документи до кои дојдовме во нашето истражување со барања за слободен пристап до информации од самите институции и Владата. „Макфакс“ уште на самиот почеток кога го објави истражувањето објави дека во Владата биле ангажирани најмалку 40 лица за односи со јавност, кои се дел од овие 120 лица.
Во вториот дел од истражувањето повторно објавивме дека најмалку 40 лица биле ангажирани да работат односи со јавност и комуникации во Владата. 13 лица се таму од претходната гарнитура, а годинава во Владата во Секторот за односи со јавност дополнително биле ангажирани 25 лица, како и 1 портпарол и 1 посебен советник за односи со јавност во Кабинетот на претседателот на Владата.
Уште пред неколку месеци кога јавноста првпат слушна за формирањето на овој сектор во Владата, се појавија многу реакции за начинот на кој се ангажирани лицата што работат во него, како и тоа според кои критериуми или услови се избрани. Вчера објавивме дел од биографиите на лицата, а во продолжение ги објавуваме и другите биографии и имиња на вработените во овој сектор.
Во Секторот за комуникации на Владата работи Зоран Бојаровски, кој со години беше новинар и уредник во повеќе македонски медиуми. Тој според биографијата достапна на „Рес публика“, дваесетина години е посветен во сферата на неформалното медиумско образование како тренер и предавач во Македонскиот институт за медиуми, на Високата школа за новинарство и односи со јавноста и во други граѓански организации. Автор и коавтор е на десеттици истражувања и публикации од сферата на медиумите и граѓанскиот и медиумски активизам. Тој беше дел и од списанието „Форум аналитика“, а последен текст на овој веб-портал објавил во април годинава. Во издавачкиот совет на „Форум аналитика“, на нивната веб-страница стои и името на Бојан Маричиќ, кој сега исто така е дел од Владата.
Во секторот работи и Демијан Хаџи Ангелковски, кој според неговиот фејсбук-профил студирал политички науки на Универзитетот ФОН, а претходно студирал на Медицинскиот факултет. Тој како волонтер помагаше за време на поплавите во Стајковци и во 2016 година за медиумите давал изјави претставувајќи се како студент по медицина.
Во овој сектор на Владата работи и Адријана Селмани, која претходно работеше како програмски асистент во невладината организација „Метаморфозис“. Таа од 2006 година започнала со студиите во областа на бизнис-администрација на УЈИЕ во Тетово, а во 2010 се префрлила на Државниот тетовски универзитет.
Во „Метаморфозис“ била задолжена за проекти поврзани со напредни технологии и била обучувач за градење мобилни и веб-апликации и примена на нови технологии. Како дел од работните обврски во „Метаморфозис“ извршувала работни задачи поврзани со односи со јавност. Била и асистент на академскиот програмски менаџер за Балканот во „Мајкрософт“, каде што помагала во обучувањето повеќе од 150 просветни работници како да ги користат напредните технологии за примена во образованието.
Во Секторот за комуникации работи и Влатко Васиљ, популарен фејсбукчија и твитерџија. Тој е познат во јавноста по своите статуси и твитови, а интересно е што тој е меѓу вработените во овој сектор кои сè уште коментираат дневна политика на своите фејсбук-профили.
Според претходните негови интервјуа давани за медиумите, работел во агенцијата „Елемент ПР“ и студирал студии по новинарство. Тој до неодамна пишуваше и колумни за порталот на магазинот „Фокус“.
Во Секторот работи уште една популарна личност на социјалните мрежи, Дарко Лешоски, кој стана познат објавувајќи ја својата поезија на „Фејсбук“. Тој исто така издаде и две книги поезија: „Дете од лоша фамилија“ и „И тогаш Јаков му дари на Јосиф шарена облека“. Тој претходно работел на проект на УСАИД и како комуникациски службеник за невладината организација Milieukontakt Macedonia. Според претходни интервјуа давани за медиумите, посакувал да биде правник, но завршил општа и компаративна книжевност.
Во последниот период најмногу реакции во јавноста, покрај информацијата дека е вработен во Владата, предизвика неговото поставување за нов претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. По многубројните критики за неговото искуство и несоодветно поставување на оваа позиција, тој се повлече од одборот на СВП и сега работи само во Владата.
Во Секторот за комуникации работи и Викторија Николовска, која според нејзиниот Linkedin-профил завршила факултет пред две години на УКИМ за енергетика и животна средина.
Таа била презентер на емисија во Радио МОФ, радиото што е дел од организацијата „Младински образовен форум“ – МОФ. Од 2016 до 2017 била маркетинг-координатор во компанијата Hyper Arrow, а повеќе години била дел од студентската невладина организација EESTEC LC Skopje. Сега работи на социјални медиуми и дигитална транспареност.
На пиар-секторот во Владата му се приклучи и Светлана Силјаноска, која според биографијата достапна на (gdfunityindiversity.org) има дипломирано правни студии и магистерски меѓународно право на Универзитетот на Југоисточна Европа, а нејзината магистерска се фокусира на женските права.
Според оваа биографија, таа била дел од високиот менаџмент на скопскиот аеродром, каде што работела на капитален проект при реконструкцијата на аеродромот. Таа била дел од невладиниот сектор во повеќе невладини организации, меѓу кои и ЏЕФ Македонија (Млади европски федералисти Македонија).
Меѓу имињата што ги добивме дека се дел од овој сектор се и ексновинарката Весна Коваческа-Трпчевска, која претходно беше во СДСМ, Елена Ласло, основачот на порталот 10bez10.com, Божидар Барлакоски, преведувачката Луљета Клица, Ангела Велинова, Ѓорѓи Тасев, Христина Панева, фотографот Ангел Ангеловски, Мартин Маневски, Сашко Алексовски, камерманот Дамјан Чунихин, Нита Хаџихамза-Гаши, Јане Качански, Братољуб Шурлановиќ и Елена Ѓорѓиевска.
Вчера ги објавивме и биографиите на портпаролот Миле Бошњаковски, посебниот советник за односи со јавност на премиерот, Марјан Забрчанец, Мила Стаменова и на Илија Жупаноски.
Продолжува…
Кристина Озимец
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.