Daily news
ЛЕ: Искуството на Јунајтед или младоста на Ајакс
Во сенка на терористичкиот напад во „Манчестер арена“, во кој загинаа 22 лица, вечерва во Стокхолм, Манчестер Јунајтед и Ајакс ќе го одиграат финалниот натпревар во Лига Европа. Победникот во финалето покрај паричната награда ќе добие и влезница за настап во Лигата на шампионите, што е исклучително значајно за Јунајтед, тим кој низ првенството не успеа да се пласира во елитата.
Манчестер Јунајтед и Ајакс, клубови со голем углед, со еден куп освоени трофеи низ историјата, во Стокхолм ќе решаваат за титулата во Лига Европа.
Натпреварот се игра на „Стадионот на пријателството“ во предградието на Стокхолм, Солна, но на тревната површина кога мечот ќе започне тој најмалку ќе биде пријателски.
Мечот многу светски медиуми го најавуваат и како дуел на искуството на Манчестер Јунајтед против младоста на Ајакс.
„Двата клуба имаат посебно место во моето срце, но се надевам дека Ајакс ќе победи. Во среда за мене постои само една љубов, а тоа е Ајакс“, рекол прославениот холандски голман Едвин ван дер Сар, кој со двата клуба бил европски првак. Со Ајакс во 1995, а со Јунајтед во 2008 година.
Ајакс е најмладиот тим кој играше во Лига Европа, со просечна возраст на фудбалерите од 22 години. Холандскиот клуб низ историјата има победувано во сите натпреварувања на УЕФА и се наоѓа во одбраното друштво во кое уште се Баерн, Јувентус и Челзи. Од друга страна на Манчестер Јунајтед му недостасува уште само овој пехар за да ја комплетира колекцијата.
Интересно, доколку победи Ајакс ќе стане единствениот клуб со сите трофеи на УЕФА. Холанѓаните имаат титули во Купот, односно Лигата на шампиони, Купот на УЕФА, сега Лига Европа, а еден трофеј освоил во Купот на победниците на Куповите, чии формат УЕФА не го менуваше туку едноставно го укина ова натпреварување.
Јунајтед, поради искуството, важи за фаворит, иако сезонава игра под своето реноме. Она што ги радува фановите е традицијата која вели дека менаџерот Жозе Мурињо нема загубено европско финале. Со Порот победи во Купот на УЕФА и Лигата на шампионите, која ја освои и со Интер.
Португалецот е еден од петмината тренери кои во кариерата бил европски првак со две различни екипи, останатите се: Ернст Хапел (Феенорд/ХСВ), Отмар Хицфилд (Борусија Дортмунд/Баерн), Јуп Хајнкенс (Баерн/Реал) и Карло Анчелоти (Милан/Реал).
Мурињо ја разгоре атмосферата пред дуелот со помалку некоректната изјава дека „Ајакс воопшто и не треба да биде во финалето“.
Финалниот дуел ќе биде петти меѓусебен за Манчестер Јунајтед и Ајакс, а во минатото двата тима имаат по две победи.
Ајакс во финалето ќе настапи без дефанзивецот Ник Виргевер кој „поцрвене“ против Лион, а од иста причина кај Јунајтед ќе го нема Ерик Баили, додека неизвесен е настапот на Маруан Фелаини. Златан Ибрахимовиќ поради повреда веќе ја заврши сезоната.
Натпреварот ќе го суди Словенецот Дамир Скомина.
Веројатни состави:
Ајакс: Онана – Тете, Де Лит, Санчез, Велтман – Класен, Шене, Зиеч – Траоре, Долберг, Јунес
Манчестер Јунајтед: Ромеро – Валенсија, Блинд, Џонс, Дармијан – Ерера, Фелаини, Погба – Лингард, Рашфорд, Мхитаријан. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.