Економија
До 500 милиони евра на располагање на Македонија од кинескиот Фонд
Минимум 50, а максимум 500 милиони евра од Фонд на Кина за Централна и Источна Европа, преку кој ќе се менаџираат средствата во рамките на форматот „16+1“, се на располагање за конкретни државни проекти, но и за приватни компании од Македонија, потвдија премиерот Емил Димитриев и вицепремиерот Вчадимир Пешевски.
Кинескиот премиер Кечијанг Ли на вчерашниот Самит на НР Кина со 16 земји од Централна и Источна Европа објави формирање на Фонд за Централна и Источна Европа, преку кој ќе се менаџираат средствата во рамките на форматот „16+1“.
Во недлеа претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев, заедно со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски одржаа состанок со претставници на Фондот.
Целосниот буџет на кинескиот Фонд, кој според вчера договореното, на европскиот континент ќе биде сместен во Минхен, додека централата е во Хонг Конг, за годинава изнесува три милијарди евра, а догодина се очекува да има на располагање десет милијарди евра за инвестиции, пред се во патната инфраструктура.
Според македонскиот премиер и вицепремиерот за економски прашања, со претставниците на кинескиот Фонд денеска во Рига е разговарано за конкретни проекти и договорена е разработка во детали на конкретни проекти и воспоставување на соработката.
„Една од главните поенти на вчерашниот Самит на 16 земји од Централна и Источна Европа со НР Кина беше формирање посебен Фонд со кој ќе се помагаат проекти во гореспоменатите земји. Ние денеска остваривме контакт со претставници на тој Фонд од кои се запознавме со структурата на Фондот, со условите на кој начин сметаат и имаат намера да финансираат проекти. Од она што го слушнавме, навистина се работи за поволна структура и за поволни услови под кои ќе работи Фондот. Интересно е тоа што покрај финансирањето на државни проекти, средствата од овој Фонд ќе бидат достапни и за приватни компании. Договоривме и наредна средба со поконкретни детали“, рече премиерот Димитриев по средбата.
Вицепремиерот Пешевски, пак, посочи дека кинескиот инвестициски Фонд, што претходно беше најавен, како новина оваа година е што ќе биде насочен кон приватните компании. Според потпретседателот на Владата за економски прашања, македонската Влада ќе се заложи на приватните компании од Република Македонија, на страна од оние државни проекти што ќе бидат понудени за реализација од овој инвестициски Фонд, да им помогне и на приватните компании да подготват соодветни проекти и да аплицираат во инвестицискиот Фонд.
„Сепак, се работи за малку поголеми проекти, како што беше кажано, кои изнесуваат над 50 милиони евра како минимална големина на проект, но критериумите за поврат, односно очекуван профит на Фондот се навистина многу разумни и очекувам дека сите поголеми компании што имаат позначајни инвестициски идеи за следниот период ќе најдат соодветен партнер што ќе овозможи да излезат надвор од рамките на Република Македонија и да започнат да настапуваат уште поглобално. Самиот Фонд нуди и формирање партнерства со други приватни компании, дел од Кина, дел од Хонг Конг, односно генерално од Азија, а кои имаат намера да влезат на овие пазари. Затоа, мислам дека се отвораат нови перспективи за значително исчекорување вон границите на Република Македонија“, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Почна пријавувањето за директни плаќања по програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги информира земјоделските стопанства, дека во период од 10 мај до 1 јули ќе можат да поднесат барања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Во наведениот период земјоделските стопанства можат да поднесуваат барања за: растително производство по обработлива земјоделска површина со поледелски и градинарски култури, за одржување на постоечки површини со овошни и лозови насади како и површина за производство на сертифициран семенски и саден материјал, сточарско производство за обележани грла говеда, овци и кози, за маторици, презимени пчелни семејства како и за заклани говеда во кланица, како и за органско земјоделско производство.
Земјоделските стопанства своите барања ги поднесуваат во електронскиот систем на АФПЗРР, а доколку имаат потреба од помош или поддршка можат да се обратат во подрачните единици на МЗШВ.
Аплицирањето е преку линкот www.ipardpa.gov.mk – Директни плаќања е-субвенции. Со отварање на овој линк, во полето „Известувања/упатства“ достапни се деталните упатства за поднесување на барањето, Листата на потребни документи како и Програмата и Уредбата за директни плаќања во кои детално се претставени условите и висината на финансиската поддршка.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на Виенската иницијатива: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.
Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.